Култура

Наградата „Голема ѕвезда“ на Милица Стојанова ќе и биде врачена на отворањето на „Браќа Манаки“

  • Добитник на наградата „Голема ѕвезда“ што ја доделува Друштвото на филмски професионалци на Македонија, оваа година на 39.издание на ИФФК „Браќа Манаки“е актерката Милица Стојанова.  Наградата ќе и биде врачена на отворањето на фестивалот на 22 септември.
    Македонската театарска и филмска дива Милица Стојанова измина трнлив живот, кој започнува со непокорноста на едно мало девојче од Крива Паланка, спартански одгледано од баба ù Алтана. Со паднат чорап и „шаренко фустанче, басмено, убавко, со цветчиња“, во 1948 година тоа девојче доаѓа на Државната театарска школа во Скопје за да стане
    актерка. Она што следува е раскошна творечка приказна. Се разбира, имало во неа и постојана потреба од топлина и допир, во светот на голема, тревожна осаменост, среде која спокојот – како што вели самата Милица Стојанова – го наоѓала само во неспокојот на ликовите што ги толкува. За Милица Стојанова се напишани многу страници, постојат илјадници фотографии, филмски ленти, познати ни се нејзините запишани размисли, па дури и нејзините таинствени актерски тетратки и елиптични стихови, преку кои таа ја открива тајната на успехот. За неа пишувале и зборувале бројни почитувачи од сите генерации. Иако може да се чини дека е помалку возбудлива статистиката и фактографијата, да се потсетиме колку неодминливо и колку ненадминливо импозантни можат да бидат тие навидум обичните бројки што ги освои храбрата, упорна Милица Стојанова во распонот на повеќе од шест децении творештво. Еве ги тие бројки: во Македонскиот народен театар – 8 статирања и 36 улоги, од кои 4 по пензионирањето; во Драмски театар 61 улога, од кои 11 по пензионирањето; 10 улоги како гостувања во други театри и во вонинституционални проекти; околу 3 000 улоги во различни радиопрограми;
    26 улоги во ТВ-драми и уште 16 во ТВ-серии; 9 нахсинхронизации на главни женски улоги во македонски филмови, 2 водокументарни филмови; 13 филмски улоги и уште настапи на бројни поетски и други пригодни манифестации. Да споменеме и само дел од наградите: „11 Октомври“ во 1971 година за Сарка во „Нажалена фамилија“ од Бранислав
    Нушиќ; Наградата на ЈРТ во 1972 година за радиоулога; „Актерка на годината“ во 1973 година за улогата на Беатриса Хансдорфер во фамозната претстава „Дејството на гама- зраците врз сенишните невени“ од Пол Зиндел, и уште еднаш во 1981 година за ликот на Моника Дорсеј во „Партија реми“ од Д. Кобурн, за која ја добива и Наградата „13
    Ноември“; во 1982 година ја понесува наградата „Војдан Чернодрински“ за Малина во „Еригон“ од Ј. Плевнеш, во 1984 година „Стериината награда“ за Параскева во „Дупло дно“ од Горан Стефановски, една година пред тоа е одликувана со Орден на труд со златен венец, во 1984 година со Наградата „11 Октомври“ за животно дело, десет години
    подоцна со Наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело и во 1996 година со „Златна плакета“ на Драмски театар – Скопје. Има право Иван Ивановски кога вели дека „Стојанова е една цела историја, една институција, една школа, во кои немаше празни одови, во кои се наоѓаше место само за вистинската и длабока актерска уметност…“ Милица Стојанова соработувала со плејада македонски режисери од сите генерации, а дел од нив – како што самата понекогаш шеговито вели – „ги дипломирала“. Многумина современици ја истакнуваат нејзината актерска ерудиција и темелност. Можеби најдобро

    тоа можат да го потврдат нејзините некогашни соседи, кои уште во далечната 1955 година се избезумуваа од нејзините т. н. „часови по врескање“, кога ја подготвувала улогата на хистеричното девојче Бети Парис во „Вештерките од Салем“. Нема, велат, човек што ја запознал Милица Стојанова, а да не сфати дека актерството ù е сè! Бранко Варошлија во

    една пригода прецизно забележува: „Основно е да се укаже на фактот дека станува збор за сценски уметник со неоспорен и неброени пати потврден автентичен талент, кој длабоко сраснал со средината во која создава. Талент кој за свој аргумент ја нема само интуицијата, туку и една своевидна и, пред сè, своја школа и сфаќање на уметничкото творештво. Таа школа, ако веќе така ја нарекуваме, ја краси убавото чувство за милјето на сопствената припадност во културното живеење, чувство за сопственото поднебје и не само како културна ознака, туку како егзистенција, воопшто.“ Милица Стојанова е актерка на „грандиозни внатрешни пропорции, а сепак со чиста античка едноставност“ (И. Ивановски), актерка што со подеднаков успех игра физички, политички, дистанциран, апсурден театар, како што игра брилијантно и во жанрот на трагедија и во жанрот на комедија. Во еден запис, Горан Стефановски зборува за актерската сугестивност на Милица Стојанова при длабењето на ликовите што ги толкува: „Од некоја причина, секогаш кога мислам на актерската тајна на Милица Стојанова, пред сè, мислам на нејзините очи. Тие се, велат, огледало на душата. А огледалото на Милица е во постојано движење, потрага, испитување, немирна интроспекција, интензивен внатрешен дијалог.“ Моќта на Милица Стојанова за
    трансформација е пословична. Нека биде доволно да споменеме дека има играно во три изведби на „Крвави свадби“ од Лорка – во првата играше две улоги – девојка и гатачка, во втората – жената на Леонардо, а во третата – дури пет различни улоги! Не е ни чудо, тогаш, дека Милица Стојанова до ден-денес има – како што вели Петре М. Андреевски –
    „хипнотичко дејство врз гледачите”. Да потсетиме само на две нејзини маестрални улоги: во „Диво месо“, се сеќава Владимир Георгиевски, низ Милица, „низ песната што ја пееше, грмеше погромот на апокалипсата. Во тоа пеење и космичкиот простор беше доведен до амбисот!“ Еден друг театарски вљубеник од Битола, пак, на овој начин ја опишува моќта на оваа уметница: „Во животот немам кокошка заклано, но ако Милица, како леди Магбет, онака ми сугерира како на Магбет – и јас ќе убивам…“ Подеднакво успешна и на театарската сцена и на филмското платно, нејзината игра е проткаена со најфините трепети на зборот, на мислата, а секој нејзин гест и движење извираат од големиот мисловен механизам со кој ја открива психолошката состојба на ликот. Затоа нејзината игра ни изгледа дека сака да го дофати невозможното, а всушност нè восхитува брилијантно остварувајќи го човечки можното. Милица Стојанова, повеќе од шест децении, низ морфологијата на сите културни и општествени контексти, вклучувајќи го и нашето несреќно транзициско време, со сите свои одиграни улоги, ни покажа како се носи најтешката судбина, како онаа на митската Касандра, осудена да ја кажува вистината за животот и за уметноста, која многумина не сакаат да ја слушнат и прифатат. Ете, такви вредности остава Милица Стојанова во македонската култура. 
    Tекст на Иван Додовski

Автор:

Слични статии