Култура

Коце си замина, новата власт продолжи да го уништува Водно

„Господине градоначалниче, како што знаете, дојдени сме за да Ви ги предадеме собраните потписи од 6.500 граѓани за спас на Водно. Тие од Вас бараат како градоначалник на Скопје веднаш да прекинете со уништување на планината, со градење и урбанизација. Сакаат да си го зачуваат вакво какво што е, зелено и природно и…“

Ме прекинува: „Ако си дојдена да ме убедуваш да се стопира проектот, веднаш да ти кажам – џабе си дојдена!“, одговара рафално и ми подава подебела книга со шарени корици: „Ова си го прочитала? Ова е изборната програма. Проектот е убаво објаснет, Премиерот мене ми ја даде обврската лично, да го реализирам и тука нема мрдање. Јас мојата обврска ќе си ја исполнам!“

 „Ама господине Градоначалник, овие потписи не се измислени, погледнете, до секое име стојат и нивни потписи, генералии, тоа се живи луѓе, тоа се скопјани, тоа се Ваши сограѓани, тоа се, на крајот на краиштата Ваши сегашни и идни гласачи, не можете туку така да игнорирате толкава бројка на луѓе кои бараат од Вас да го заштитите нивните бели дробови. Па, Водно е последната брана од загадувањето на воздухот во Скопје…!“

Не е тешко да се претпостави како завршува средбата помеѓу двајцата претставници на граѓанската иницијатива „Спас за Водно“ со скопскиот градоначалник. Папките со потписите ги зема на наше инсистирање и ги подава на претставничката на надлежниот сектор на градската управа, исто така присутна на состанокот: „Земи ги ти, Цаци!“. 6.500-те граѓански потписи, дадени со надеж дека ќе измолат милост за спас на последната зелена оаза на Скопје од таткото на Градот, така заминуваат во историја, односно на некоја од подолните полици на архивата на Град Скопје.

Коце си замина, сега новата власт го уништува Водно

Годината е 2018. Поминати се повеќе од четири години од случката во кабинетот на скопскиот градоначалник. Главниот актер е во заминат во (политичка) пензија, поздравен од скопјани, кои никогаш не му заборавија како се однесуваше кон парк-шумата Водно. Во неговиот мандат не настрадаа само дрвјата во градот туку и стотици кубици макотрпно садена шума за никогаш непуштениот пат за Сончев Град и неизградената истоимената населба, засекогаш е нагрден врвот Крстовар со недовршената телекомуникациска кула, а сите тие проекти нетранспарентно и речиси на сила ѝ се наметнуваа на јавноста.Тогашната опозиција повеќе пати поентираше на темата уништување на Водно и повикуваше на одговорност, но секогаш дури откако граѓаните ќе се побунеа за сечењето на шумата, за проектите на власта или кога новинарите ќе обелоденеа нова узурпација на земјиштето на падините.

За среќа, остана нереализиран токму проектот чија изградба еко-активистите се обидуваа да ја спречат. Ниту Водно имаше доволно снег за да се изгради ски-центар, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ успеа да најде инвеститор за да застане зад идејата водњанските падини да станат ново Сљеме (ски-центар во близина на Загреб, н.з). Но, четири години подоцна повторно се посега по Водно. Некогашните поддржувачи на еко-активизмот за спас на Водно сега се во улога на уништувачи, со цел да реализираат проект започнат од претходната власт – изградба на гасоводната делница 5, Скопје-Тетово-Гостивар.

Парадигма на изневерените очекувања

Иако Владата и еко-активистите се едногласни дека долгоодложуваната гасификација на земјата ќе значи чист енергенс и помало загадување, тие се разидуваат во важен дел – поради прифатената леснотија со која сегашната власт го прифатила проектот на претходниците гасоводот да оди преку Водно, без ревизија и поинаква траса, надвор од парк-шумата. Со образложение дека во оваа фаза измена на трасата би била неприфатливо скапа, власта инсистира гасоводот да оди преку Водно, на што екологистите одговорија со жив штит пред багерите.

Позитивен исчекор е, секако, дијалогот на двете страни, кој, за разлика од порано, за првпат ги инволвираше институциите, а со трибината организирана од скопскиот градоначалник Петре Шилегов како-така ја инволвираше и јавноста. За првпат еден заменик премиер, Анѓушев, се качи на Водно за со активистите на „Го сакам Водно“ да расправа за измени на гасоводната траса. И покрај тоа што, барем засега, Владата упорно не попушта на единственото барање на екологистите: „Гасовод – да, но не преку Водно“, граѓанскиот притисок сепак не е јалов. Веќе е постигнато драстично стеснување на претходно предвидената траса од 25 на само 10 метри широчина, најавени се измени во проектот во должина од 4 километри како и намалување на дрвната маса која треба да биде уништена за потребите на изградбата на гасоводот – од 3.000 на 1.400 кубици дрво. Клучното барање на „Го сакам Водно“ – да не се чепка во парк-шумата бидејќи секое нејзино дрво значи повеќе кислород за загадената скопска котлина, сепак Владата упорно одбива да го прифати.

И додека активистите прашуваат каков е овој дијалог во кој едната страна (Владата) не отстапува од тоа да им го уништува Водно на скопјани за да донесе гас за тетовци и гостиварчани, некои од клучните луѓе од власта, како на пример, заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, отворено ѝ соопштија на јавноста дека Водно фактички може да се сече и преорува без усул бидејќи неговиот статус повеќе од една деценија е заглавен во законските лавиринти! „За жал на сите нас, Водно не е заштитено подрачје!“, креваше раменици Макрадули од говорницата на јавната дебата модерирана од неговиот сопартиец Шилегов. Епа, добар ден, заменик-министре за животна средина. Што ли беше во описот на Вашето работно место ако не заштита токму на природни подрачја кои се од посебно значење, а такво значење му било признато на Водно уште во 1970 година, кога беше завршен гигантскиот и макотрпен зафат за негово пошумување и беше прогласено за парк-шума.

Ако веќе не пропуштаат прилика да се пофалат дека се разликуваат од претходниците, досега веќе можеле да го решат статусот на Водно преку донесување на закон за негова заштита. Макрадули тврди дека е тоа единствен начин да запре уништувањето на Водно, но не кажа кога ќе го донесат. Дали можеби се чека да се реализираат сите предвидени проекти и да се исече уште повеќе шума, па дури тогаш да му се даде заштитниот статус? Хипокризијата која владеачката коалиција на СДСМ и ДУИ (вториве мудро тргнати во втор план иако се зборува дека токму нивната бизнис-елита преку МЕР и директорот Бајрам Реџепи го турка проектот на гасоводот во северозападниот дел на Македонија) ја покажува во однос на Водно не ја намалуваат ниту гласните најави на Анѓушев, Макрадули и Шилегов дека за секое исечено дрво за гасоводот во парк-шумата ќе биле засадени 10 нови.

Ќе ја научи ли власта лекцијата?

И покрај толку труд вложен во убедувањето на јавноста дека оваа Влада се грижи за здравјето на граѓаните и за ублажувањето на прекумерното загадување на скопската и на полошката котлина преку форсирањето на гасификацијата, која сите ја чекаат со нетрпение, потезите на власта се несмасни (дрвја на Водно сепак ќе се сечат ама за еколошки проект!) и неконзистентни (сакаме да ја заштитиме планината, ама не сега). Оправдувањата, пак, дека гасоводот мора да се изгради по истата траса за да нема милионски финансиски загуби не значат дека може да се посега по природата занемарувајќи го правото на граѓаните да го сочуваат она што преостанало да се заштити и на Водно и насекаде каде зеленилото оди курбан за „развојот“.

Несомнено, случајот со гасоводот преку Водно донесе неколку преседани во македонското секојдневие. За првпат власта не само што прифати да преговара со граѓанскиот отпор туку и покажа некаква подготвеност на отстапки. Отстапките не се такви какви што еколошките активисти посакуваат, ниту такви што засекогаш ќе го тргнат од дневниот ред уништувањето на шумите, ама помрднување од мртва точка има. Дали граѓанскиот отпор ќе ја натера власта, ако веќе сече дрвја, да засади многу повеќе и во иднина добро да внимава пред да одобри инфраструктурни проекти кои ја уништуваат природата, останува да се види. Но, владата на премиерот Зоран Заев наскоро ќе мора да се справи со многу посериозни еколошки теми каде изборот помеѓу чистата животна средина и здравјето на жителите и развојот, олицетворен во задоволни концесионери и нови работни места може да ѝ донесе многу поголеми проблеми од битката за Водно.

Автор:Југослава Поленак

Извор: Respublica

Автор: