Култура

Југо-ретро во Берлин: Приказна за најпознатиот ЈУ-киоск

Саша Мехтих се смешка, клима со главата и тивко повторува „Thank you, Thank you”, додека во еден индустриски атриум од почетокот на веков во берлинскиот кварт Кројцберг му приоѓаат млади луѓе и му честитаат. 77-годишниот архитект и дизајнер од Љубљана прима честитки за нешто што го создал додека големо мнозинство од оние кои му приоѓаат се уште не биле ни родени.

Ѕвезда на ова предвечерје во историскиот атриум на зградата во која некогаш се наоѓала фабриката на славните наливпера „Пеликан“, а денес мануфактура на една од најпознатите светски оптички марки, Микита, е чудниот пластичен киоск со сјајни и заоблени површини. „Како да доаѓа од некоја мината иднина: футуристички ретро“, вели Мартин Руге фон Лев, берлински дизајнер и главен „виновник“ за овој необичен берлински хепенинг. Имено, токму тој кон крајот на 90-те, за време на едно патување низ Полска го забележал овој киоск и во истиот момент посакал да го поседува.

Кафе и био-сокови од југо-киоскот

Сега, еден целосно реставриран К67 стои во дворот на куќата на Микита во Кројцберг и во иднина креативците и вработените во околните старт-ап фирми тука ќе купуваат кафе и оброци. Идејниот творец на овој проект, Мартин Руге фон Лев, на почетокот на годинава конечно ја реализираше својата замисла стара дваесетина години и, по темелна реконструкција под будното око на авторот Саша Мехтих, донесе еден киоск од Љубљана. „Сакав и тука, во креативното седиште на Европа, луѓето да се запознаат со овој феноменален дизајн“, вели Лев.

Но, К67 уште по своето „раѓање“ кон крајот на 60-те години на минатиот век и беше претставен на светската креативна елита. Прво лондонскиот Design Journal во 1970 година му посвети водечки текст. Истата година тогаш младиот архитект Мехтих доби покана и од угледниот њујоршки Музеј на современа уметност (МоМа). И така, уличниот детал, длабокот врежан во потсвеста на некогашните жители на просторот меѓу „Триглав и Гевгелија“, влезе во аналите на светскиот дизајн дури и пред да заживее на улиците на југоисточна Европа. Киоскот овие денови повторно се наоѓа во центарот на вниманието, не толку поради неговата нова угостителска намена во Берлин, колку поради големата изложба посветена на југословенската архитектура во њујоршкиот Музеј на современа уметност, во која овој архетип на модерниот дизајн во Југославија игра важна улога.

МОМА и бурек

Речиси сите присутни во берлинскиот атриум за првпат во својот живот го гледаат овој пластичен киоск. Но, за оние кои по 70-те ја посетиле Југославија, ова е добро позната форма. Пластичниот киоск со необичен дизајн од седумдесеттите години со молневита брзина од малата фабрика Имград во најдлабоката словенечка провинција се прошири не само во тогашна Југославија, туку и во источна Европа. Преку 7.500 модули на киоскот К67 излегоа од фабриката во Љутомер. Во него се продаваа весници, автобуски и бродски билети, бурек, плескавици, кебапчиња, цвеќе…

Приказната за раѓањето на овој визуелен симбол на социјалистичкото самоуправување е необична како и неговиот облик. Младиот архитект Саша Мехтих кон средината на 1960-те неочекувано добил задача да го конструира урнатиот кров на легендарната љубљанска кафеана Европа. Тука младиот архитект се изборил за идејата за футуристички кров од проѕирна светла пластика.

Растечките мали приватни бизниси кон крајот на 1960-те ги доведоа урбанистите во екс-Југославија пред нови проблеми. Насекаде никнуваа визуелно неврамнотежени неугледни лимени киосци кои со својот облик и функција не одговараа на тогашната идеја за модернистичка слика на градовите. Мехтих во глава веќе ја имал идејата за модуларен киоск кој всушност е спој на две правоаголни цевки. На тогашните челници на љубљанскиот урбанистички завод идејата веднаш им се допаднала, ја поттурнале на официјално ниво и легендата е родена. К67 во стандардната црвена боја незапирливо се шири на југоистокот на Европа. Мехтих од самиот почеток, што е доста невообичаено, имал контрола над својот проект, знаел кој може да го произведе и никогаш не дозволувал измени без негово знаење, што придонесе кон тоа К67 да остане верен на својот првичен нацрт од 1967. Затоа е ист од Варшава преку Будимпешта до Скопје.

Влијанието на јапонските метаболисти

Од визуелните влијанија Мехтих без размислување ги споменува архитектите на јапонскиот творец на метаболизмот Киша Курокава и Британецот Питер Кук кои со своите концепти на плаг-ин градови многу влијаеле врз словенечкиот архитект и неговата идеја за „бескраен киоск“ кој по потреба, со спојување на модулите може практично да се шири неограничено. Оние 7.500 продадени парчиња по цена на „три фиќа“ и со гарантирана провизија, можеби звучи како успешна финансиска приказна. Но, ни Словенија во 1980-те не била имуна на малверзации кои подоцна ќе станат симбол на транзицијата. На почетокот на 1980-те Мехтих влегол во спор со новата управа на Имград и се до завршување на процесот осум години подоцна не му бил исплаќан хонорар. Кога фирмата го загубила процесот и била принудена на архитектот да му го исплати заостанувањето, инфлацијата веќе го направила безначаен.

„Јас никогаш не се збогатив, особено не во западна смисла. Секогаш имав доволно за солиден живот. Но, верувале или не, мене парите во тоа време не ми беа на прво место. Ние архитектите сакавме да сториме нешто за општеството во кое живеевме и во кое верувавме. А К67 беше нешто добро за општеството“, објаснува Мехтих потпрен на својот животен проект.

Автор:Ненад Крајцер

Извор: DW

Автор: