Култура

Заврши 9.„МакеДокс“: „Далечниот лаеж на кучињата“ ја освои Главната награда

Со доделувањето на наградите за најдобрите филмови во пет категории синоќа заврши деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Годинава фестивалот имаше рекордна посетеност, траеше најдолго од сите досегашни изданија (8 дена), прикажа 71 документарен филм, дојдоа повеќе од 50 гости, се одржаа три работилници и една панел-дискусија. Фестивалските активности се случуваа во Куршумли-ан, на платото пред Музеј на Македонија и во Музејот на современата уметност. Земја во фокус беше Полска.

 

Главна награда „Кромид“ за најдобар филм ја доби „Далечниот лаеж на кучињата“ (Данска, 2017, 90 мин.) на режисерот Сајмон Леренг Вилмонт. Комисијата во состав Пирјо Хонкасало, Војцех Старон и Марија Чачија образложи дека станува збор за „филм за екстремниот страв и безусловната љубов видени низ острото и нежно режисерско око. Може да се каже дека речиси физички ги почувствувавме емоциите на Олег, 10-годишно момче од Украина, чиешто детство го носи товарот на насилниот и распламтен воен фронт во близина на неговиот дом. Следејќи го секојдневниот живот на Олег и неговата сакана баба се соочуваме со злоделото на уништување на правото на детство. Вестите никогаш не ја пренесуваат оваа страна на војната“.

Специјално признание во главната програма добија филмовите „За татковците и синовите“ (Германија, Сирија, Катар, Либан, 2017, 98 мин.) на Талал Дерки, „за храбриот и силен портрет на едно семејство што живее во пекол“, и „Мажи играчи“ „Словенија, Хрватска, 2017, 60 мин.) на Матјаж Иванишин.

Филм со најдобри етички идеи на деветтото издание на „МакеДокс“ е „Рагу Раи, неврамен портрет“ (Финска, Индија, Норвешка, 2017, 55 мин.) на Авани Раи. Жирито во состав Пирко Саисио, Јасна Франговска и Исмет Рамиќевиќ образложи:

„Во силната конкуренција од 15 филма, ’Рагу Раи, неврамен портрет‘ на Авани Раи ја добива наградата за етички пристап поради – фасцинантната арт-филозофија што провејува низ целиот филм, поради топлината и хуманизмот во животната логика на главниот лик, индискиот фотограф Рагу Раи, и конечно – поради беспрекорната убавина на визуелниот јазик на филмот (а, естетиката, нели, е етичка категорија). Конечно, филозофската поента на Раи за важноста на целосната слика е речиси заборавена категорија на ова време на парцелизирано размислување на кратки рокови, поради што сметаме дека оваа целосна приказна за еден човек, која содржи многу морални лекции за целиот свет – треба да ја добие оваа награда.“

Авторката на филмот, Авани Раи, лично ја прими наградата, а во разговорот по проекцијата на нејзиниот филм изјави:

„Драго ми е што го финализирав проектот, бидејќи повеќето луѓе што се занимаваат со визуелни уметности во Индија ги поврзуваат и споредуваат моите лик и дело со оние на татко ми. Филмот е одговор на мојата криза на идентитет и обид да затворам едно животно поглавје и да започнам друго.“

Во категоријата Нови автори наградата „Млад кромид“ ја доби филмот „Фамилијата“ (Словенија, Австрија, 2017, 106 мин.) на Рок Бичек. Комисијата во состав Мартичка Божилова, Мигуел Рибеиро и Ник Војт образложи:

„’Фамилијата‘ е филм со храбар и смел филмски јазик чиешто свесно режисерско поставување, со користење на филмски алатки што градат комплексност, доловува еден интимен пристап, создавајќи универзална современа драма.“

Наградата за најдобар краток документарец „Сецкан кромид“ ја доби „Луѓето од Недојдија“ (Сирија, Германија, 2018, 22 мин.) на Хеба Калед. Жирито во состав Ингибјорг Халдорсдотир, Ксавиер Марадес и Дијана Дабровска забележа дека тоа е филм „што нѐ натера да искусиме една реалност која често избираме да ја избегнеме“. Во оваа категорија Специјално признание доби филмот „Вај-Фај Плаза Куба“ (Швајцарија, Куба, Шпанија, 2017, 3 мин.) на Адријан Келтерборн.

Наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм ја доби „Филм за Карлос“ (Русија, Гватемала, 2017, 31 мин.) на Ренато Борајо Серано.

„Да му се смени името на малиот Карлос или не? Нашето тричлено жири беше едногласно. Изборот за најдобар студентски филм е доделен на Ренато Борајо Серано. Филмот нѐ освои со посветеноста и храброста да се раскаже една инспиративна и провокативна приказна од неговата фамилија. Овој интимен филм ги покажува денешните глобални проблеми поврзани со национализмот и ксенофобијата во модерните општества на многу едноставен, уникатен и духовит начин. Авторот успеал да ’фати‘ една спонтана ситуација во неговата фамилија која отвора многу поголеми прашања надвор од неа. Ликовите се неверојатно искрени и шармантни, а ’синема верите‘ стилот е спроведен мајсторски. Се надеваме дека малиот Карлос ќе ги надмине предрасудите и ќе стане пример за новите генерации кои ќе се борат за свет ослободен од истите“, потенцира жирито во состав Тамара Котеска, Еол Чашку и Владимир Димоски.

 

 

Автор: