МакеДокс:Фиат 126 или популарната „пегличка“ спремна да ги однесе пораките во Варшава
— 18 август, 2018Со перформансот „Скопје-Варшава… со љубов виа Малух“, а веднаш потоа со проекцијата на полскиот филм, „Над возможното“, беше отворена програмата, Земјата во фокус – Полска. „Пегличката“ -Фиат 126, или Малух, која годинава е еден од заштитните знаци на „МакеДокс“, беше претставена на публиката со перформансот на Владан Царичиќ – Цар во реализација на балерината Ивана Коцевска. „Пегличката“ ќе ги пренесе пиктографските пораки кои со љубов и пријателство ќе бидат испратени во Варшава, Полска, а потоа, по завршената мисија, „Пегличката“ ќе му биде подарена на Музејот на современа уметност во Скопје, кој е изграден по проект на полски архитекти и претставува најмаркантен знак на полско-македонското пријателство. Веднаш по проекцијата на филмот „Над возможното“, режисерката Марта Прус одговараше на прашања од публиката, а меѓу другото објасни дека правејќи филм за врвната руска гимнастичарка Маргарита Мамун не сакала „да прикаже спортист кој стигнува до врвот на кариерата со победа на Олимпијада, туку човек со емоции“.
„Победата е кратка, но патот до неа е долг“, нагласи Прус, која ќе учествува и на разговорите „Под смоквата“ на 18 август, во 18 часот. Почетокот на програмата на земјата во фокус – Полска предизвика голема побарувачка за билети и создаде долга редица пред Куршумли-ан, а мал дел од публиката беше пренасочуван кон проекциите на следните филмови од програмата на „МакеДокс 9“.
Голем интерес предизвикаа и полските филмови „Сестри“, на Михал Хитрош и „Опера за Полска“ на
минатогодишниот добитник на наградата „Кромид“ на „МакеДокс“ за филмот „21хЊујорк“ – Пјотр Стасик.
На втората вечер на „МакеДос 9“ беа прикажани и филмовите „Земја на жени“ на Алијаксеј Палујан, „Кога свињите доаѓаат“ на Билјана Тудоров, „Помеѓу кадри“ на Алексеј Дмитриев и „Пофалба на ништото“ на Борис Митиќ. Тудорова, Димитриев и Митиќ, исто така, ќе учествуваат на разговорот „Под смоквата“ на 18 август. На 18 август, со заедничкиот пикник со „Синестетика“, на кој млади уметници ќе ги продаваат своите ракотворби, ќе почне Студентската програма, додека во ноќните часови, по завршувањето на проекциите на филмовите, во Куршумли-ан концерт ќе одржат „Well Known Dogs“, бенд во кој членуваат Јордан Костов на хармоника, Фенг Хао на тапани и Иван Бејков на бас. Деветтото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РМ, програмата МЕДИА на Креативна Европа, Фондацијата за развој на демократијата од Вашингтон (National Endowment for Democracy) и Град Скопје.
Партнери на „МакеДокс“ се „Петра Пан“, „Кино Култура“, Младинскиот културен
центар и Кинотеката на Македонија.