Беседа за Адам Загаевски – лауреат на СВП 2018)
— 16 август, 2018Адам Загаевски е еден од водечките гласови во современата светска литература, автор, кој ужива неподелен углед меѓу најрелевантните имиња од современата критика, поттикнувач на зголемен интерес кон творештвото на источно-европските и словенските писатели – поет (со објавени 13 поетски книги), есеист, професор, прозен автор.
Роден на крајот од Втората светска војна, во 1945 год, во Лвов (тогаш во Полска, а денес во Украина), тој се смета за дел на полската Генерација 68 или полскиот Нов бран во литературата, но неговото авторско писмо искажува една апартна позиционираност и автентична црта, останувајќи невкалапливо (и при тоа, безвременско) по однос на било каква постоечка и при тоа претенциозна жанровска или поетичка определба и класификација.
Суптилна проткаена со присуството на една длабока медитативност, себе-запрашаност и склоност кон философска контемплација – при тоа, постојано отворена за нови потраги, патишта и себе-преиспитувања, лириката на Загаевски, од друга страна задржува една несекојдневна емпатија, чувственост и меланхоличен тон, што никого не го оставаат рамнодушен, додека, од друга страна, ја негува и потребата за истражување и инкорпорација на една своевидна поетика на тишината и култ кон притивнатото, но бездруго, моќно пеење, наспроти самодопадливата логореја на развревените, божемни поети на денешницата. Тој, во една песна, впрочем, и самиот еретички признава „Без тишина, немаше да има ниту музика“.
„Големата драма на 20 век не’ соочува со два вида интелект: резигнираниот и запрашаниот. Сомнежот е поезија за резигнираните. Додека, поезијата е потрага, бесконечно талкање“ – пишува Загаевски во еден од своите есеи.
Поезијата на Загаевски стои настрана од помодната врева и опседнатост со појавното, ефемерното, вулгарно историското и вулгарно политичкото. Таа е, напротив, сублимирана лирика – во одбрана на правото на носталгија, длабоката, лична рефлексија, сонот за идеалниот град (а имал прилика да живее и да пее за неколку од нив, како Париз и Краков). Песните на Загаевски се обележани од длабокото, исконско сочувство со загубата, со нелагодата на обескоренетоста, селидбеноста, односно, трансценденталната невдоменост.
Оваа суштествена и бездомничка константа, која сурово го следи битисувањето на современиот човек (а која е изворно дијагностицирана од страна на филозофите М. Хајдегер и Ѓ.Лукач), моќно и впечатливо одекнува во стиховите на Загаевски: „Зошто мора секој град да стане Ерусалим, а секој човек – Евреин?“, при што, во истото реторичко прашање и симболичен пресврт, Библијата и Холокаустот се престорени во универзален човеков архетип.
Загаевски, на својот лирски грб, стоички го носи поливалентниот крст на сопственото национално, историско, епохално потекло, судбински обележаната година на своето раѓање, која се поклопува со крајот на последната светска војна, но, за жал, не и со нејзиниот конечен завршеток (како што, на пример, сведочи и песната „Обиди се да пееш за осакатениот свет“, создадена по рушењето на кулите близначки во Њујорк, 2001 г). Загаевски е сензибилен сведок и прониклив опсерватор на современата драматика на човековото битисување, поет, кој, при тоа, извонредно балансира помеѓу двата фатални екстреми (што и самиот ги посочува во еден од своите инспиративни есеи): претераната и егоцентрична обземеност со себеси, опасно блиска до нарцистичкиот порив – но, и исто толку, погубната екстровертна понесеност на поетот со светот и неговите вулгарно појавни и прагматични преокупации.
Наместо тоа, Загаевски претпочита една автентична (секако не и парадна) поетска објава по мерка на човекот, навидум, едноставен исказ, натопен со хуманизам и топло сочувство кон перманентноста на загубата (која ги разјадува неговите корени и ги замаглува неговите татковини ), неумоливиот проток на времето, кое, заедно со себе, ги одвлекува и нашите животи, домови, тела и гласови. Сепак, кај него нема да ја сретнеме ултимативната огорченост, радикалниот нихилизам, ниту неотстапноста на постојаното оплакување, туку сочуваната верба и доверба во моќта на зборот, враќањето на светлината и гласот на човечноста.
За тоа сведочи и неговата реплика кон резигнираниот став на Адорно, дека после искуството на Аушвиц, поезијата станува невозможна: „Доколку не продолжеше да се создава поезија и после Холокаустот, тоа ќе беше (значеше) победа на Хитлер.“
Иако протакена со најгорливите лузни од своето време и несреќна, распарчувана и распарчена, татковина – лириката на Загаевски – силно одекнува со својот стоицизам и достоинство, како и со своите универзални пораки и вредности, бидувајќи топло прегрната од своите бројни и респектирани читатели ширум светот.
На тој начин, се потврдува визионерската природа на неговите пораки, според кои: „пишувањето е, пред се’, чин на братство… тунел што води кон другите“ – односно, старата вистина дека „ пишуваме за да го разбереме светот “ – во име на сите луѓе, кои се „уморни од обичниот живот и од обичното умирање“.
Автор: Елизабета Шелева