Култура

Откако ќе се реши спорот со името со Грција, Македонија ќе се соочи со ревидирање на историјата

Од купиштата играчки најдени на поткровјето на неговиот семеен дом во Скопје, Никола Цветковски на крајот ја извлекува „Легендата за античка Македонија“. Со оваа голема, црвена книга напишана од локален политичар и објавена две години по независноста на Македонија во 1991 година, “општеството ни кажа дека сè што сме учеле повеќе не е вистина”, изјави Цветковски за АФП.

– Одеднаш, училиштата бараа од учениците да ја купат оваа книга – вели 65-годишниот пензионер, кој пораснал во времето на Јосип Броз Тито, кога Македонија беше дел од поранешна Југославија.

Учебниците по историја на Македонија сега повторно ќе претрпат промена поради постигнатиот договор помеѓу нашата земја и соседна Грција.

Но ревидирањето на националниот наратив, изграден во текот на повеќе од две децении, може да се покаже потешко од промената на името на земјата.

Додека Тито владеел, бил промовиран заеднички југословенски идентитет, кој го засенил учењето во училиштата во Македонија за античкиот воин Александар Македонски, познат како Александар Велики, и неговиот татко Филип II.

Но, по распадот на поранешната југословенска федерација во текот на 90-тите години, Македонија, како и другите балкански земји, забележа враќање на старите националистички чувства што останале премолчени за време на Југославија.

Историчарот Тодор Чепреганов вели дека во Македонија постои обновување на националниот романтизам, поттикнато од власта на Никола Груевски.

Како резултат на тоа, македонските учебници по историја почнаа да изгледаат сосема поинаку.

До 2011 година учениците на возраст од 11 и 12 години научија како Македонија под лидерство на Филип, античкиот крал, ги освоила сите хеленски колонии, и како неговиот син, Александар Македонски, успеал да ги победи Грците, принудувајќи ги да го признаат неговиот идентитет.

Но и Македонија и Грција, и по постигнатиот договор, продолжуваат да тврдат дека се потомци на Александар Македонски.

Проблемот со името

Повеќе од една четвртина од векот Грција и Македонија се расправаат околу правото на нашата земја да се нарекува Македонија, бидејќи и во Грција постои северна провинција со тоа име.

Грција се плаши дека името Република Македонија може да имплицира на територијални амбиции и ја обвинува Македонија дека се обидува да го узурпира наследството на античките Македонци и Александар Македонски.

Долгорочниот предизвик би можел да биде како да се преработи начинот на кој нашите ученици учат за историјата на нашата земја.

За време на националните прослави македонските деца се облечени во облека слична на онаа од античко време. Голем дел од народот смета дека Македонците не се Словени, туку директни потомци на Филип и Александар. 

И високото образование не е поштедено.

Во учебник за археологија од 2010 година на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, „древна Македонија“ е опишана како балкански регион каде што владееле Македонци, а не како дел од Грција. 

За Дамјан Тодоровски, 59-годишен учител од Битола, сите учебници воведени по 2006 година содржат системско перење на мозокот, а не образование.

– Не постоеше македонска држава до 1945 година. Нема да дозволам моето дете да биде индотринирано од национализам и фалсификувана историја – вели Соња Трајановска, мајка на ученик.

СДСМ на чело со Заев вети целосна ревизија на учебниците. 

– На нашите деца не може да им се наметнуваат претпоставки и омраза, особено кон нашите соседи. Но ова треба да биде направено од експерти и професори, а не од политичари – вели Петар Атанасов, заменик-министер за образование и наука.

Наставниците, особено помладите, кои се образовани во текот на последните неколку децении, треба да прифатат нова промена на насоката во наставата за македонската историја. 

– Ќе биде потребна вечност за да се поправи штетата – предупредува 87-годишната пензионирана наставничка по историја Марија Вескова.

Нејзината 28-годишна колешка е загрижена.

– Не разбирам зошто треба да се срамиме од она што сме. Александар бил Македонец, а ние се плашиме да го кажеме тоа да не ги налутиме Грците – вели таа.

Извор: АFP

Автор:

Слични статии