Таткото на смут џезот, Боб Џејмс со два концерта во Скопје
— 30 април, 2018
Во сабота на 5 мај, со два последователни концерти, првиот со почеток во 19.30 часот, а следниот, истата вечер, со почеток во 22 часот на сцената на Македонската филхармонија, ќе настапи Боб Џејмс, заедно со Michael Palazzolo на бас и Patrick Williams на тапани.
Боб Џејмс уште на 4 годишна возраст научил да свири пијано. Но, неговиот неприкосновен талент го открива подоцна Квинси Џонс, додека Џејмс студирал музика на прочуениот Беркли колеџ во Бостон. Во тоа време, Боб Џејмс имал свој бенд со кој музицирале фри џез и на натпреварот, каде Квинси Џонс бил во жири комисијата, џез бендот не само што ја освоил првата награда, туку за кусо време Џонс му договора на Боб Џејмс да го издаде својот прв албум за Mercury Records, кој бил продуциран од самиот Квинси. Овој албум бил многу поразличен од смут џезот по кој подоцна станува прочуен во светот Боб Џејмс.
Овој извонреден музичар го продолжува своето музичко патешествие како соло артист, кој постојано колаборирал со звучни светски имиња од музичката сцена. Од повеќе номинации добитник е на неколку Греми награди, а во 1990 година тој го формира својот квартет за современ џез Форплеј (Fourplay). Во 2015 година квартетот одбележа 25 години од своето постоење, во меѓувреме имаат издадено преку 10 тина албуми со милионски тиражи и имаат настапувано буквално низ сите континети од светот. Денес тој настапува низ целиот свет со своето трио и неговиот концертен настап во Скопје е дел од неговата голема светска турнеја. Во текот на својата долга и разнолика музичка кариера и како соло артист и како дел од неговиот квартет и трио Боб Џејмс има издадено преку 50 албуми.
Она што е можеби еден од најголемите куриозитети врзани за овој композитор, музичар и продуцент, препозналив по својот оригинален смут џез е фактот што многу негови познати нумери имаат извршено длабоко влијание врз хип хоп музиката, особено онаа од 80те и 90те години. Многу семплови од негови препознатливи нумери ги имаат превземено култните Run – D.M.C., потоа Eric B. & Rakim, LL Cool J, DJ Jazzy Jeff, Beastie Boys… И можеби една од најпознатите песни на Џејмс од 1981 година „Sign of the times“беше семплувана од хип хоперите Warren G and Nate Dogg во 1994 како синглот „Regulate“…
Билетите се во продажба преку мрежата на „Купи Карти За Се“ и на билетарата на Македонската филхармонија.