Почина легендарниот филмски режисер Милош Форман
— 14 април, 2018- Се потсмеваше на глупости, но го разбираше „малиот“ човек кој пие пиво, живее во провинција и ги трпи егзистенцијлните јадови, додека во Америка докажуваше дека лудите се на слобода а паметните во лудница, изјави Емир Костурица по повод смртта на познатиот режисер со чешко потекло Милош Форман, кој по кратко боледување почина денес на 86 годишна возраст.
Милош Форман два пати го освои Оскарот за филмовите „Лет над кукавичјото гнездо“ и „Амадеус“. Тој ја напушти родната Чехословачка заради креативна слобода и во Холивуд. Форман е познат и по биографските филмови за двајца контроверзни Американци „Народот против Лари Флинт“ и „Човекот на Месечината“ и ремек делото „Коса“. Роден е на 18 февруари 1932 година во местото Часлав во близина на Прага, како Јан Томас Форман. Неговиот татко бил Евреин, мајка му протестантка кои биле убиени во нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц и Форман поголем дел од детството минал во дом за деца без родители.
Во 50-те години на минатиот век почнува да се занимава со снимање филмови, како еден од претставниците на „златната генерација на чехословачката кинематографија“. Тој режираше серија признати, но контроверзни филмови за тогашниот комунистички режим во Чехословачка, вклучувајќи го и „Љубов на една русокоса“, што беше номиниран за Оскар за најдобар странски филм.
Во 1968 година за време на советската воена интервенција во Чехословачка, Форман се наоѓа во Париз, од каде емигрира за САД и во 1975 година добива американско државјанство.