Култура

Гран-при за „Види ја ти неа“ на филмски фестивал во Белград

Краткиот филм, „Види ја ти неа“ во режија на Горан Столевски ја освои Гранд-при наградата за најдобар интернационален краткометражен игран филм на  65. Мартовски белградски фестивал на документарен и краток филм.

Жирито го опиша филмот како „Силна критика на актуелните политички и психолошки моменти изразена преку бескомпромисен приказ на независната и позитивна хероина, која низ животот чекори одлучно и достоинствено. Ова е прецизно режиран филм и пример за силен, автентичен и впечатлив авторски израз и активен повик за преиспитување на стереотипите при претставување на жената во современиот филм.“

Белградскиот фестивал на документарен и краток филм, популарниот Мартовски фестивал е најстариот српски филмски фестивал и е еден од најдолговечните европски филмски фестивали. Од своето прво издание претставува најважна платформа на која домашните филмски автори може да ги претстават своите документарни, експериментални, анимирани и кратки играни филмови, пред публиката и гостите на фестивалот.

Улогите во филмот ги толкуваат Сара Климоска, Игор Ангелов, Пируника Киселички, Антонија Белазелкоска, Милица Стојанова, Жарко Јовановиќ, Иво Антов, Виктор Арсов, Симон Манасковски, Изабела Новотни и Горан Илиќ.

Горан Столевски го напиша сценариото за филмот, кинематографер е Наум Доксевски, сценограф Влатко Чачоровски, костимограф Жаклина Крстевска, тонец Братислав Зафировски, а шминката е на Наталија Кајевска. Продуценти на филмот се Димитар Минов, Кристијан Буровски и Томи Салковски.

Автор:

Слични статии