По пет години Халед Хосеини се враќа со нова книга
— 3 март, 2018Халед Хосеини е еден од најпочитуваните писатели на денешницата и е голем миленик на читателската публика. Неговите трогателни приказни и стил на пишување за брзо време ги освоија срцата на милиони читатели ширум светот.
Откако ни ги скрши срцата со „Ловец на змејови“ (2003) и „Илјада неверојатни сонца“ (2007), а потоа продолжи да нѐ освојува со „И планините одекнаа“ (2013), тој повторно ќе нѐ маѓепсува со неговиот талент и приказни.
„Морска молитва“ е најновиот производ кој ќе произлезе од перото на овој писател. Оваа вест одекна во книжевниот свет, имајќи предвид дека поминаа 5 години откако Хосеини ја издаде својата последна книга и сите со нетрпение ја очекуваат неговата нова книга, која, судејќи по сите најави, ќе излезе во септември.
„Морска молитва“ ќе биде малку поразлична од претходните книги. Како прво, дејството на книгата нема да се одвива во Авганистан, за разлика од неговите претходни книги. Второ, книгата е значително пократка и илустрирана.
Дејството во „Морска молитва“ е сконцентрирано околу мигрантската криза и човековите страдања на луѓето кои морале да ги напуштат своите домови разурнати од војната.
Книгата всушност претставува дополнување на еден краток и интерактивен филм на истата тема, кој можете да го погледнете тука:
Хосеини изјави дека сликата на Алан Курди, тригодишното момче чие тело во 2015 година беше извлечено на бреговите во Турција, е она што го поттикнало и инспирирало да ја напише приказната.
Нам ни останува да чекаме до септември да излезе книгата и да се надеваме дека набргу ќе биде преведена и на македонски јазик.
Извор: кафе и книги