Како цензурата ја обликувала историјата на книжевноста?
— 5 март, 2018Франц Кафка на многу начини не бил во право кога велел дека книгата мора да биде како секира за замрзнатото море во нас. Драг Кафка, луѓето се плашат од секирата и нејзиното остро сечило, а највеќе се плашат од остри зборови. Својата душа или својот внатрешен свет (како милуваат поинаку да го нарекуваат тоа замрзнато море) претпочитаат да ja замислуваат како шарено пролетно поле полно со најразлични цвеќиња. Па еден ден ќе го наберат малиот жолт цвет без мириси, а следниот ден ќе наберат богат букет од шарени лалиња. И ќе го заливаат со нови искуства.
Можеби понекогаш и го прекопуваат за да почнат од почеток, или не, затоа што највеќе се плашат од нови чекори.
Но, луѓето не го замислуваат својот внатрешен свет како замрзнато море. Всушност, зарем не е јасно дека тогаш би морале да прифатат дека навистина им е потребна секира, а многу поблиска им е идејата дека од книгата треба да добијат чувство на пријатно тапкање по рамо кое им кажува дека сѐ е во ред и дека можат да продолжат по старо?
Голем Кафка, тешко е да се прават остри засечувања на животниот пат. Одговорноста за својата судбина, толку ценета на зборови, во реалноста се претвора во советување со сопатникот од стадото и затишјето во топлите кочии чиј кочијаш одбира само мирни патишта.
Ретки се оние кои ја сакаат вистината
Од книгите луѓето сакаат многу работи, а вистината, барем додека таа е потполно свежа и нова, ја сакаат само ретките. На тој камен се сопнале и некои од најголемите имиња во светската книжевност.
Најпрво било прифатливо да се пишува само за платонски љубови, а потоа за среќниот брачен живот. Скандалозно било да се споменува брачното изневерување, особено ако жената е таа која изневерува. За она за кое сите највеќе размислувале, сексот, исто така предолго морало да се молчи.
А што останувало за алузиите за хомоеротски однос, мастурбација, малку послободни сексуални фантазии? Строгиот граѓански морал секогаш наоѓал начини за да им каже на провокаторите дека не се пожелни во нивниот идеален свет на пристојност и примерно однесување.
Да се биде добар Американец, примерен Французин или Англичанец достоен на славата на својата империја значело да се прави разлика помеѓу она што се прави и она за коешто се зборува, помеѓу она за коешто се мечтае и она за коешто се пишува.
Цензурата е најдобра реклама
Светот морал да се движи напред, а забраните кои биле закачени на кориците на книгите само допринеле кон нивната популарност и неоспорното влијание кое го имале врз создавање на светот во којшто живееме денес. Да ја прогласите „50 нијанси сиво“ за непожелно порнографско четиво е исто како да сте платиле реклама за оваа книга во најдобриот термин на најгледаната телевизија или на најголемиот билборд. Ако душегрижниците не се грижеа премногу, никој не би ни дознал за ова суштински безвредно и нискоразредно дело.
Гледано од перспективата на властодршците, на поданиците треба да им се даде леб и игри. Леб секојдневно барем во симболични дози, игри само повремено, а книги, како што искуството налага, што е можно поретко.
И не морате да ги палите, како што забележал писателот Реј Бредбери, доволно е да направите едноставно луѓето да престанат да ги читаат. На Запад, Маркс бил забрануван, Библијата била забранета во Советскиот сојуз, во христијанските школи забранети биле Толкин, „Игра во ‘ржта“ и „Хари Потер“. За наше добро и во колективно име, секој нѐ штити од нешто.
Сексуалноста како најзабранувана тема
Примерните бранители на граѓанскиот морал и буржоаскиот систем на вредности, во последните векови највеќе се труделе да нѐ заштитат од самите себе и од сите оние писатели кои човечката сексуалност ја сметаа за доволно важен дел од нашата реалност за толку договорено да се молчи за неа.
Некои од тие писатели завршиле на суд, бранејќи се од обвиненијата дека го повредиле јавниот морал. Обвинители најчесто биле оние мажи кои не сакале нивните жени да дознаат повеќе за својата сексуалност од она што тие им го соопштиле за време на првата брачна ноќ. Секако, се плашеле од лошото влијание.
Гистав Флобер
Таква била и судбината на „Мадам Бовари“, најпознатото дело на Гистав Флобер. Издадена е во 1857 година, речиси во исто време со Бодлеровата „Цвеќе на злото“ и ова Флоберово дело морало да се брани пред судот за своето право на постоење. Вината била јасна – повреда на јавниот морал и религијата.
Каков грозен развој на случувањата преку кои едно ремек-дело го започнало својот подем кон самиот врв на светската литература. Обвинувања се свеле на, од денешен агол, безопасната реченица која гласи:
„Потоа, со еден потег ја фрли целата своја облека.“
Расипаната човекова фантазија и тогаш, како и денес, возбудено реагирала на едно вакво концизно предизвикување на една чудна напнатост кај читателот. Секако, проблемот бил уште поголем бидејќи таа тоа го направила пред љубовникот, а не пред законскиот сопруг, примерниот, но досаден лекар, кој навидум со ништо не ја заслужил таа неправда.
Несреќниот Флобер успеал да се одбрани со аргументите дека пораката на заокружениот дел е морална, затоа што госпоѓа Бовари завршува несреќно, со самоубиство, во очај и безнадежност поради своите неостварени соништа, можности и несреќна љубов.
Сепак, секој познавач на Флобер знае дека тој повеќе се грижел за правилното сместување на една обична запирка во реченицата отколку за моралната порака на неговото дело. По сопственото признание, страдањето на Ема Бовари го преживувал како да е свое и последното поглавје на романот го напишал со солзи во очите.
Шарл Бодлер
Порокот бил последното Бодлерово средство за да не се претопи во масата на просечноста. Верувал во опиеност, без оглед на тоа дали опиеноста била од вино или доблест.
И нему било судено во истата таа 1857 година.
Јавниот обвинител, истиот кој го прогонувал и Флобер, овојпат сакал успешно да го заврши процесот. Успеал во тоа. Бодлеровата поезија, неговото „Цвеќе на злото“, се сметала за скандалот над скандалите, а самата личност на познатиот поет прилично допринела кон неславната репутација која ја имал меѓу малограѓанските кругови составени од послушни поданици на кралството.
Тој уживал во опиум, апсинт и хашиш. Истовремено бил и денди (човек кој следи мода, м.з) и боем. Својата коса ја обоил во зелено, понесен од чудната желба да ги нервира оние кои ги презирал.
Облекувал најотмени одела, одел грациозно и својата појава ја украсувал со проститутка која со себе ја носел на угледни места и на тој начин ја хранел својата незаситна глад за провокација.
Бодлер ја стекнал својата неславна репутација уште пред да ја допре чувствителната буржоазија со своите песни. Кога поради неморал 13 песни биле исклучени од „Цвеќе на злото“ (повторно, нормално, поради алузии на секс, проституција и лезбејски врски) и Бодлер бил прогласен за виновен, Виктор Иго рекол дека тоа е ретко одликување на тогашниот режим со кое поетот може да се гордее.
Д.Х. Лоренс
И романот „Љубовникот на лејди Четерли“ има репутација на скандалозно дело поради слободното прикажување на љубовта и сексуалноста. Денешниот читател му приоѓа на ова дело со многу очекувања во таа смисла, но по искуствата кои со себе ги донело времето по неговото настанување, во овој роман и нема нешто скандалозно.
За да се почувствува катарзата на современиците, како и нивното згрозување, човек би морал да се врати во доцните 20ти години на минатиот век и интензивно да го почувствува пристисокот на пуританското јавно мислење кое стоело на патот на секаков вид субверзија која доаѓа од таборот на заговорниците на ослободената сексуалност.
Романот настанал во 1928 година и писателот на свој трошок го печател во Фиренца. Но, патот на романот до Англија, родната земја на Лоренс, бил затворен сѐ до 1960 година, кога првпат била испечатена целосната верзија на овој роман.
Иако Лоренс преслободно ја опишува женската сексуалност, барем според стандардите на тоа време, на англиската буржоазија всушност многу повеќе ѝ пречеле меѓукласните тензии кои постојат во романот.
Лејди Четерли, сопруга на парализиран англиски аристократ, започнува тајна врска со шумарот на имотот, прототип на клишираниот градинар во ерата на еротските филмови кои пар децении подоцна стапиле на сцена.
Оваа книга ја постигнува својата слава во текот на 60-тите години на 20 век, со почетокот на сексуалната револуција во Америка, а за нерасипаното општество во тоа време, книгата сѐ уште била скандалозна и таа најчесто под маса била разменувана помеѓу жените.
Според некои извори, Лоренс го напишал романот според сопственото искуство. Имено, после повредата во војната останал импотентен, а неговата сопруга имала бројни љубовници. Граѓанското општество во тоа време сепак ја немало силата на карактерот и широчината на духот на Лоренс за да може да ја погледне вистината во очи. Замрзнатото море во луѓето одбивало да го прифати ослободителниот и болен удар на секирата по својата смрзната површина.
Хенри Милер
Од друга страна, ножот со кој е дочекано делото на Хенри Милер, бил силно наострен и подготвен за сечкање. „Раковиот напоредник“, навидум е несредена збирка од сексуалните авантури на писателот за време на неговиот престој во Париз и не била баш добродојдена на полиците на американските книжарници се до 60тите години на 20 век, иако била испечатена 30 години порано.
Милер, тој храбар поборник за сексуалната виталност, кој и во длабока старост уживал во друштво на млади убавици, не им се предал на општествените норми и додека околу „Раковиот напоредник“ имало цел облак полн со скандали, тој продолжил да пишува подеднакво смели и експлицитни романи. Сепак, книгата со најлудиот наслов, барем кога е Милер во прашање, „Лудиот пенис“ е испечатена дури по неговата смрт. После овој Милер, на Буковски му било лесно да биде Буковски.
Џејмс Џојс
Скандали, забрани и цензури, па и палење оган, не го заобиколиле „Улис“, романот кој според многумина го одбележал 20 век.
Џејмс Џојс го пишувал овој роман 10 години и како никој дотогаш, успеал да го прикаже хаотичниот внатрешен свет на обичните луѓе. Тоа биле припадници на средната даблинска класа, фатени од книжевниот објектив за време на еден обичен даблински ден.
Тие пијат пиво, пцујат, а тој ден е пролетен ден, па затоа и често мислат на секс. Сепак, една алузија на мастурбација била капката која ја прелила чашата.
Романот јавно бил пален во Америка, Канада, Англија и Ирска, а неговиот увоз во САД во периодот од 1922 до 1933 година бил казнив со закон.
Секако, „Улис“ е „нечисто дело“ (споменатиот Хенри Милер, со најголема почит напишал дека „Улис“ треба да се чита во полски тоалет), нечисто како и човековата душа. Во него, луѓето се прикажани онакви какви што се, а не онакви какви што се замислуваат, а тие исти луѓе не го сакаат тоа. Наместо тоа, тие сакаат кич, ласкање и несериозност. Од уметноста бараат да биде пријатен украс на розево офарбаниот ѕид на секојдневието. Во спротивно не им треба. Непријатностите од секојдневниот живот им се сосема доволни.
Владимир Набоков
Набоков воопшто не се грижел за тоа. Единствено така можел да напише скандалозна книга како „Лолита“.
50 години подоцна, едно е сигурно – ако луѓето биле бесни поради нешто, тогаш тоа е поради тоа фактот дека целата приказна ја раскажал на таков начин што тие можеле да се видат себеси во очајникот Х.Х. и тоа што целата забранета сексуална авантура не делувала како нешто кое единствено може да му се случи на некој друг.
Ни мајките не биле воодушевени од помислата дека во нивните ќерки се крие една потенцијална Лолита. Јавното мислење и неговите преставници не можеле да го обвинат Набоков дека навредил нечија чест или дека ќе започне бран на педофилија во американското општество. Меѓутоа, го мразеле и се обидувале да му се одмаздат затоа што ги натерал да уживаат во неговата приказна и да сфатат колку е таа возможна и човечка, затоа што нечистата долна облека на човековите нагони ја распослал среде главниот градски плоштад за време на мирното буржоаско попладне.
Цензурата денес
Ситуацијата денес е значително изменета. Во ерата на маркетингот, самите писатели играат на картата на провокативноста и често. со невкусни и банални (во уметничка смисла) теми се обидуваат да привлечат внимание кон своите дела.
Законски забрани не постојат освен во исклучителни случаи. Доволно е да ставите знак дека книгата не е за помлади од X години и работата е јасна, а таа ознака самата по себе е како позитивна критика од угледно книжевно списание на задната корица, затоа што во себе содржи ветување за слаткиот вкус на забранетото овошје.
Станавме имуни на каква била уметничка субверзија и презаситени сме од порнографија. Таа и натаму нѐ мами, но нејзината ослободувачка сила сосема избледе во време кога разголените тела на супермоделите провоцираат од секој билборд.
Цензурата во демократските општества не е прифатена институција и нема потреба за палење книги. Делата на Гистав Флобер, Лоренс, Милер и останатите своевремено забранувани писатели успеаја како секира да удрат по мразот кој ги прекривал ладните и лицемерни малограѓански умови, но замрзнатото море сѐ уште не е сосема стопено.
Вредноста на слободата мора да се оправдува од ден на ден и тоа е предизвик кој пречесто се зема здраво за готово.
Извор:Кафе и книги