Култура

Запирањето на новите рудници – приоритет на новата влада

Собранието на Република Македонија се буди и сака да биде фактор за заштита на животната и природната средина, а не фасада на извршната власт и бизнис интересите. Веќе се зафати со задачата на Владата да ѝ обезбеди правен основ за затворање на рудникот ,,Казандол“ во Валандовската општина и на рудникот ,,Иловица“ во Струмичката котлина. Во функција на тоа, осум пратеници во декември 2017 година поднесоа Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, а во јануари кон предлогот се приклучија уште пет пратеници. Се очекува поддршка и од другите пратеници од парламентарното мнозинство. Тоа е знак дека конечно започнува големата битка и на државен план против загадувачите на животната и природната средина зад кои стојат моќните бизниси на домашните и странските корпорации од рударската област. Владата ќе мора остро да се судри со тие интереси и да ја запре нивната експанзија, ако сака локалното население да ѝ верува дека навистина сака ,,подобар живот за сите“.

Еколошка катастрофа од огромни размери

Свесно што може да се случи во еколошката сфера, Собранието се крева на нозе преку Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини од 2012 година, менуван осум пати, под притисок на бизнис структурите. Претходната Влада максимално се трудеше да им удоволи на странските инвеститори, доделувајќи им концесии на нивните домашни „трабанти“ за користење на минерални суровини, нетранспарентно и под поволни услови. Во врска со тоа, екологистите тврдат дека во 2014 година „за една ноќ“ доделени се 136 концесии за геолошки истражувања од кои 18 за металични минерални суровини, неводејќи сметка за загадувањето на главните извори на вода за пиење. Веќе се издадени четири дозволи, меѓу кои и концесиите за рудниците во Казандол и Иловица, со право да се користат цијанидниот раствор и сулфурната киселина во неограничени количини.

Ако локалното население престане да пружа отпор и ако предлогот на закон не стане закон, тогаш на Македонија ѝ се заканува еколошка катастрофа од големи размери. Како што се одвиваат работите, може да се случи и новата влада да постапи на сличен начин како и претходната – да издаде концесии за осумдесетина нови рудници, претежно во источниот дел од Македонија. Во тој случај, една третина од целокупната територија на Република Македонија ќе биде покриена со рудни копови, во површина од 10.000 километри квадратни. Населението од тој дел ќе биде присилено на масовно иселување, а земјоделството и туризмиот ќе бидат деградирани, за сметка на неколку стотици работни места во рудниците и 2 отсто профит за општините и 98 отсто профит за концесионерите. Владата засега само слуша што мислат спротивставените страни. Од една страна, рударската фела и нивниот синдикат, а од друга, пратениците и здруженијата на екологистите. Ужасна е и само помислата дека Владата ќе заземе неутрален став или дека ќе ги поддржи бизнис интересите.

Што содржи предлогот на законот

Предлогот на законот содржи седум члена. Но, иако краток, тој предизвика силен отпор од рударската фела. Наидува на отпор и од министерот задолжен за инвестиции во Владата. Противниците бараат предлогот на законот „веднаш“ да се повлече од натамошна постапка, за да не се внесе немир кај странските инвеститори. Измените да се подготвуваат најмалку пет години во Владата и во Стопанската комора, таму каде што до израз доаѓаат бизнис интересите. За бизнис структурите неприфатливи се одредбите на предлог-законот со кои се забранува користењето на цијанидите и сулфурната киселина во постапката за сепарирање на златото и бакарот од јаловината. Особено голем револт предизвикува одредбата за забрана на употребата на „цијанид одделив“ со слаба сулфурна киселина – технологија што се користи во „Бучим“, како единствен рудник со површински коп во земјата.

За менаџерите од рударството битен е профитот, а не животот на локалното население. Настапуваат со еден глас и солидарно, со силна пропаганда, повремено служејќи се и со невистини. На пример, тврдат дека јаловината од Топилницата во Велес не е предизвикувач на болестите кај локалното население и дека од најсилниот земјотрес не можат да напукнат браните за јаловина. А директорот на „Сартич“ тврди дека од рудникот Казандол нема да се шири ни прав во околината, бидејќи тој ќе биде „супремиран“ со редовно перење на машините за вадење и дробење на рудата. До нив не допираат последиците од лагата, констатирани од Албер Ками: „Некој вид повластица на лагата е во тоа што таа секогаш го победува оној што сака да се послужи со неа. Лагата нужно завршува во омраза“.

Не се вознемируваат ни од тоа што се случува во Европа, кога се во прашање цијанидот и браните за јаловина. За нив нема значење забраната на употребата на цијанидот од страна на Европската унија, ниту забраната во Германија, Австрија, Италија, Чешка и Унгарија. Не ги потресува ни истекот на 120 тони цијанид од романскиот рудник за злато Баја Маре во реката Сомеш, а преку неа и во реките Тиса и Дунав, на 30 јануари 2000 година. Само во Тиса е забележан помор на 200 тони риба, поради 700 пати поголемо загадување на нејзините води. Владата на Романија веднаш воведе забрана за користење на водата од Дунав, а Гринпис го оцени излевањето на цијанидот како најголемата еколошка катастрофа во Европа, по катастрофата во Чернобил. Оваа организација побара итно да се забрани цијанидот како техника за лучење на златото.

Судбината на Сомеш може да ја доживее и Анска Река која тече од Беласица покрај Валандово и се влева во реката Вардар. А тоа ќе ѝ создаде проблем и на Грција каде што се слева реката Вардар. За тоа претходната влада не водела сметка, кога одлучувала за концесијата за рудникот Казандол. Ниту водела сметка за импликациите на рудникот врз соседните општини. Рударските проектанти и менаџери не стравуваат ни од попуштањето на браната во Иловица која треба да биде висока 254 метри. Не размислуваат што може да се случи со населението што живее во Струмичката котлина, ниту за природната средина, во случај на пукање на браната, како што тоа се случи со браната за железна руда во рудникот кај гратчето Бенто Родригес, во Минас Жераис, во Бразил, на 5 ноември 2015 година. Не ги потресува ни сликата од уништеното гратче Бенто Родригез, усмртените и повредените лица, уништениот жив свет во реката Доце, ниту црвената дамка во устието на реката во Атланскиот Океан.

За претставниците на рудниците наведените забрани ќе значат ликвидација на целокупното рударство во земјата. Тие сметаат дека без употреба на цијаниди и сулфурна киселина нема да има нови геолошки истражувања и отворање нови рудници. Тоа ќе значи откажување од учеството на рудниците со 1,3 отсто во вкупниот бруто производ на Република Македонија и останување без работа на околу 12.000 лица.

Од друга страна, според пратениците и екологистите штетата од рудниците е повеќекратно поголема од нивната добивка. Освен што ја загадуваат животната и природната средина, тие им нанесуваат огромна штета на земјоделството и на туризмот. Во врска со тоа, се нагласува податок дека во тој дел од земјата од земјоделство живеат околу 182.000 луѓе и дека таа стопанска гранка учествува со 9,7 отсто во бруто производот на земјата. Тие се цврсто убедени деке рударството и земјоделството не одат заедно и дека помалото добро му штети повеќекратно на поголемото. Особено во тешка положба ќе се најдат Валандовската и Струмичката котлина. Рудникот Казандол е пред отворање, а досега никој од власта не покажал грижа на совест за последиците што ќе произлезат од површинскиот коп на рудата и од филтрирање на златото со цијанид и на бакарот со сулфурна киселина. Локалното население во овој момент е збунето и не знае што да прави, иако за време на локалните избори доби ветување од премиерот дека рудникот нема да проработи.

И Струмичката котлина е пред голема опасност, заедно со Моноспитовското Блато и реката Струмица. Од земјоделски крај и резерват на птици може за една ноќ да стане пустина, ако протече цијанидот под браната како во Баја Маре или ако браната пукне како во Бенто Родригез. А можно е и едното и другото. Доволно е да се види браната за јаловина на рудникот „Бучим“ кај Радовиш, која е висока 152 метри. Таа делува како плашило за околината, со депонираните 130 милиони кубици јаловина. А браната во Иловица ќе биде уште поопасна, бидејќи е повисока за 102 метри и ќе собира веројатно околу двесте милиони тони јаловина.

gratce1

Уништеното гратче Бенто Родригез, Бразил. Извор: en.wikipedia.org

 Документот на МАНУ

Во документот од 2017 година „Приоритети на идниот развој на Република Македонија“, МАНУ посветува големо внимание на животната и природната средина во РМ. На повеќе места од документот, се осврнува на загадувањето што го прават постојните рудници. Во овој момент тоа е многу значајно, бидејќи се шири фама дека рудниците не се загадувачи на животната средина повеќе од другите фактори. Во документот станува збор за рудниците „Злетово“ кај Пробиштип, „Саса“ кај Македонска Каменица, „Тораница“ кај Крива Паланка и „Бучим“ кај Радовиш. Сите се означени како загадувачи на подземните и површинските води, на воздухот и на почвата. Како крунски доказ се наведува одложената јаловина на отворено во големо количество. Станува збор за четири „црни точки“ во екологијата, од вкупно 16 колку што ги има во нашата земја.

Квалитетот на површинските и подземните води е загрозен. Во загадувањето учествува и рударството низ процесите на флотационо концентрирање на рудите. Постојат податоци за загадување на подземните води со тешки метали во околината на рудниците и флотациите. Голем загадувач на водите е и металургијата преку различни системи на употребата на водата за ладење. Во загадувањто на воздухот учествуваат и рудниците преку емисијата на тешки метали во воздухот, како што се олово, цинк, кадмиум и бакар. Голем удел во овие загадувања имаат и постојните депонии на флотациона јаловина која е одложена на отворено, а нејзините количества се од редот на десетици милиони тони.

Заштитата на почвата е занемарена, дури и повеќе отколку водите и воздухот. Таа се загадува со разни токсични супстанци. Постои „интензивна загаденост со тешки и токсични метали“ во околината на депониите на јаловина од флотациите на рудниците: „Сите овие состојби налагаат преземање итни мерки за ремедијација на овие почви поради загадувањето и на другите медиуми на животната средина и континуираната опасност за здравјето на луѓето“, се наведува во Приоритетите на идниот развој на Република Македонија. Академиците укажуваат дека обемните активности за зачувување на природната средина на локално, регионално и глобално ниво не ги даваат очекуваните резултати затоа што постои спрега помеѓу „моќта на бизнисите и капиталот“, од една, и „политичките одлуки“, од друга страна. Политичарите засега повеќе водат сметка за интересите на првите, отколку за животот и здравјето на локалното население. Набргу ќе се види на чија страна ќе застане новата влада, пред се`, од нејзиниот однос кон рудниците Казандол и Иловица.

Владата да се откаже од правото сама да одлучува за концесиите

Минералните суровини се добра од општа употреба и тие не можат да бидат државна сопственост. Тие уживаат посебна заштита, посилна од другите облици на сопственост. Затоа, Владата не би смеела самостојно да одлучува за ставање под концесија на минералните суровини како што предвидува постојниот закон. Мислењето на единиците на локалната самоуправа што го бара Министерството за економија е само декор во законот. Не се знае од кого се бара мислењето – од градоначалникот или од Советот на општината? Ако, пак, такво мислење не се даде во рок од 15 дена, тогаш Владата одлучува и без такво мислење. Дури и се радува кога такво мислење не ѝ е доставено. Во одлучувањето треба да се вклучи непосредно и локалното население, преку референдум организиран во општината каде што се отвора нов рудник. Мора да се чуе гласот и на соседните општини. На референдумот треба да се стави предлог-одлуката на Министерството за економија, пред Владата да донесе конечна одлука. Ова решение треба да биде осмиот член од предлогот на законот.

Треба да се вгради и деветти член, со кој ќе се предвиди повратното дејство на Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини. Повратното дејство треба да се протега до 2012 година кога е донесен Законот за минерални суровини. Уставот го дозволува повратното дејство на законите кога тоа е поповолно за граѓаните (чл. 52). А забраната за користење на цијаниди и сулфурна киселина е поволна за граѓаните на општините Валандово и Босилево. Кревањето на Собранието на нозе значи запирање на слабеењето на неговата моќ во однос на Владата и бизнис интересите (депарламентаризам). Од друга страна, јакнењето на моќта на локалното население преку општинските референдуми значи нова прерасподелба на државната моќ во полза на граѓаните (јакнење на непосредната демократија). Обата процеси се комплементарни и дејствуваат, во овој момент, во иста насока – поефикасна заштита на животната и природната средина. Станува збор за светски трендови артикулирани од уставното право како наука.

Биодиверзитетот е жива библиотека во која се наоѓа непресушен извор на идеи, мир и спокојство. На вредноста на една концесија во рударството треба да ѝ се спротивстави вредноста на загубениот диверзитет. Ако Владата се одлучи за таков баланс, тогаш нема да ѝ биде тешко кога ќе одлучува за судбината на рудниците Казандол и Иловица или кога ќе одлучува за доделување нови концесии.

Преземено од res publica 

Автор:

Слични статии