Култура

Судии не ги признаваат порталите за медиуми во случаите за клевета и навреда

Тужби во Основниот суд Скопје 2 Скопје за случаи за клевета и навреда во кои едната страна е новинар што работи во онлајн-медиум, се отфрлаат со образложение дека „порталот нема пасивна легитимација“. Со ова, судиите практично не ги признаваат порталите за медиуми. Но, за други судови, како на пример во Охрид и Битола нема дилема дали порталите се медиуми или не, па тие постапуваат по тужбите. Поранешните судијки во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска и Мирјана Лазарова –Трајковска велат дека судската практика на овој суд во однос на онлајн –медиумите ги има истите стандарди и принципите како и за останатите медиуми.

Судовите имаат различна практика за тоа дали онлајн-медиумите се средства за јавно информирање или не кога одлучуваат во случаи за клевета и навреда. Дел од судовите ги признаваат порталите како медиуми, а дел не.

Разликата во признавањето или непризнавањето може да биде добиена или отфрлена тужба за клевета и навреда. Декриминализацијата на клеветата и навредата магично не го реши проблемот, туку се создаде нов. Ваквите правни небулози ги користат и самите новинари и сопственици на портали да се обидат да избегнат одговорност за клевета и навреда.

ПИНА дојде до најмалку осум пресуди кои укажуваат дека во последните две години, тужби во Основниот суд Скопје 2 Скопје за случаи за клевета и навреда во кои едната страна е новинар што работи во онлајн-медиум, се отфрлаат со образложение дека порталот нема таканаречена „пасивна легитимација“. Судиите практично не ги признаваат порталите за медиуми. Со овој нов тренд се делегитимизираат голем број на медуми во Македонија.

Според податоците на ЗНМ, тужбите за клевета и навреда кон новинарите и медиумите се намалени откако е декриминализирана клеветата и навредата. Лани имало 39 случаи, во 2016 имало 40, што е многу помалку за разлика од 2012 година кога беа регистрирани 330 тужби. Коментираат дека гнерално трендот е дека има сѐ помалку случаи за клевета и навреда против новинари, а со тоа  клеветата и навредата помалку се користат како инструмент за притисок врз новинарите и медиумите. Но потенцираат дека половина од случаите кои ги има во моментов се новинар против против новинар, што говори дека треба да се поработи на солидарноста меѓу колегите.  Една од пресудите за клевета каде судот отфрлил тужба за клевета бидејќи утврдил дека веб портал не е медиум е пресудата „П5-53/15“ на Основниот суд 2 во Скопје. Тужен бил сопственик на онлај-медиум кој објавил текст со наслов „Ова ли е швалерскиот амбасадорски пар?“. Тужителката барала 10.000 евра отштета, но Судот ја отфрлил тужбата поради две причини – првата што не можело да се докаже дали тужениот е автор на текстот и, втората, дека веб порталот всушност „не е медиум со јасна редакциска структура“.

Во образложението на пресудата го пишува: 

Порталот, односно интернет веб страницата како електронска публикација претставуваше медиум според чл.2 ст.1 и ст.3 од Законот за медиуми (“Службен весник бр. 184/13) до стапување на сила на измените од 23 јануари 2014 година кога со истиот електронските публикации се избришани како такви. Со оглед на тоа порталот не претставува медиум и истиот нема ниту уредувачка политика, ниту пак главен и одговорен уредник. Тоа значи дека без оглед што на веб страницата на порталот М.С. е наведен како главен и одговорен уредник (сопственик), истиот во моментот на објавување на предметниот текст не можел да го има ова својство согласно Законот за измени и дополнувања на Законот на медиуми, па поради овие причини тужениот не може да биде пасивно легитимиран во оваа постапка ниту во својство на главен и одговорен уредник на порталот.

Оваа нова судска практика ни ја потврдија и неколкумина адвокати, како и од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

– Одбивањето на тужбите од страна на скопскиот граѓански суд, произлегуваат од измените на Законот за медиуми од 2014 година, од каде електронските публикации се избришани и тие не претставуваат средство за јавно информирање како што претставуваат традиционалните медиуми, како печат, телевизија, радио – вели адвокатот Иван Брешковски.

Опасност за новинарите-може да одговараат за клевета како физичко лице

Според него, судовите водејќи се по тој закон, сметаат дека интернет порталите не објавуваат содржина која подлежи на уредувачка политика, а со самото тоа не може да подлежат на одговорност за клевета и навреда.

– Стручно кажано, судовите сметаат дека порталите не се пасивно легитимирани, па со ова образложение ги отфрлаат тужбите. Не ги признаваат како медиуми, а со тоа не подлежат на одговорност за клевета и навреда. Кога е во прашање онлајн- медиум, сите тужби се одбиваат – објаснува Брешковски.

И од Здружението на новинари на Македонија ни ја потврдија оваа судска практика  карактеристична за Основниот суд Скопје 2. Сметаат дека е негативен момент во процесите за клевета и навреда. Ставот на ЗНМ е дека на овој начин судот, новинарите, уредниците и сите што работат во онлајн медим ги ставаат во една дискриминирана положба затоа што на тој начин потенцијалната материјална штета може да биде многу повеќе отколку што предвидува Законот.

Адвокатот Брешковски објаснува дека опасност постои ако се утврди кој го напишал текстот на страницата и тој да одговара како физичко лице, а не како новинар.

– Во Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда има одредено колку е паричната казна што може да му се одреди на новинар, колку на уредник, а колку на медиум, односно, 2.000, 10.000. 15.000 евра. Но, Судот не се води по тоа и бидејќи новинарот го смета за физичко лице, казната може да биде многу поголема – вели тој.

Нашите соговорници потенцираат дека оваа судска практика не е ниту во согласност со Европскиот суд  за човекови права, а сметаат дека член 11 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда не е испочитуван од страна на Судот.

– Судот, на пример, никогаш не правел проблем за новинари кои доаѓаат од весници или печатени медиуми, а до декември 2014 година ги немаше во ниту еден закон спомнато. Но, никогаш немало сомнеж дали тие се новинари или дали печатот не е медиум. Сега некој го спори легитиметот на медиумите – вели Драган Секуловски од ЗНМ.

И две поранешни судијки од Европскиот суд за човекови права во Стразбур ни изјавија дека ова непризнавање на интернет медиумите од страна на одредени судии не е добро.

Судијката Маргарита Цаца Николовска смета дека слободата на изразување е врзана за повеќе субјекти кои што може слободно да се изразуваат, а еден од нив се лицата кои што вршат прибирање и пренесување на информации.

– Не ми е јасно од каде го извадиле заклучокот дека онлајн- медиумите не се медиуми и дека тие не подлежат на правото на слобода на изразување – вели Николовска.

Таа смета дека не треба да се прави разлика дали лицето кое прибира и потоа пренесува информации е од пишан, од интернет – медиум или на некој друг начин ги презентира информациите.

Апсолутно не е важно бидејќи и тоа лице ги има правата на слободата на изразување согласно член 10 од Европската конвенција за човекови права. Во член 10 не се вели новинари кои се репортери или новинари кои што пишуваат или се некој друг вид на новинари. Оваа судска пракса носи опасности во насока дека не се почитува правото на слобода на изразување на интернет – медиумите – смета Николовска.

Судијката Мирјана Лазарова –Трајковска објаснува дека судската практика на Европскиот суд за човекови права во однос на интернет-медиумите ги има истите стандарди и принципи како и за другите медиуми.

– Бидејќи навредата и клеветата се поврзани со право на приватност, тоа значи дека националните судови мора да бидат водени од т.н трипартитен текст на Европскот суд за човековите права, кој претполага тие да ја имаат предвид легитимната цел за законската рамка и дали било неопходно да се интервенира во едно демократско општество – смета Лазарова Трајковска.

Поранешната судијка во Судот во Стразбур, објаснува дека кога станува збор за клевета и навреда овој суд ги зема во предвид националните закони и како таа проблематика е регулирана со националните закони. Според неа, фактот дека одредена категорија на медиуми не е покриена со легислативата како што е овој случај може да биде причина да се иницираат постапки за изменување на легислативата. Но, таа потенцира  дека судовите, сепак, користејќи ја практиката на Судот во Стразбур, по аналогија треба да ги приеменуваат истите стандарди и принципи и кон интернет-медиумите.

– Тие се медиуми кои што пренесуваат информации и често пати информацијата се шири многу побрзо и опсегот на контрола на изречена клевета и навреда е многу потежок во однос на другите медиуми. Европската конвенција е извор на право и таа креира обврски кон нашата земја кои националните судови мора да ги почитуваат – вели Лазарова Трајковска.

  Минатата година во Македонија вкупно се регистрирани и 18 напади на новинари, од кои 13 физички и вербални напади, додека дригите се навреди, попречување во работа и уништување на имотот. Овие бројки ги презентираше ЗНМ во Извештајот за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија за 2017 година.

Не е спомнато име, но тужителот се препознал

Ако се анализираат судските пресуди на другите судови во земјава може да се забележи дека тие носат поинакви одлуки, за разлика од судиите во Основниот суд Скопје 2. Неколку пресуди од Охрид и Битола говорат дека кога станува збор за тужба каде една од странките е новинар од интернет-медиум тие го препознаваат како средство за јавно инфрмирање.

Таков е примерот со првостепена пресуда донесена во Основниот суд во Охрид кој ги признава интернет порталите како медиуми. Случајот се однесува на текстови објавени во 2012 и 2013 година, а пресудата на веб страницата на системот за објава на пресуди sud.mk  е поставена во март лани. Со пресудата судот казнил новинар од веб сајт со парична казна од околу 4.000 евра иако тужителот барал 10.000 евра.

Ова е дел од образложението на пресудата:

Во електронското издание на интернет страницата објавиле текст во кој се пласирани лаги и навреди, а кои што се однесуваат кон тужителот дека истиот е “скандалмен“ и имал “манири на тиранин“ со кои што се има намера тужителот да биде омаловажен и понижен, а со што се повредила, неговата чест и углед и професионална кариера како универзитски професор и претседател на огранок на политичка партија, а тужените знаеле и биле должни да знаат дека изнесуваат факти кои се невистинити.

Во дел од својата одбрана тужениот новинар изјавил дека веб страницата е всушност блог. Сепак судијата во пресудата го навел следново “Судот ги ценеше наводите од првотужената дека: електронскиот медиум всушност не бил портал, туку бил блог портал каков што можел секој да отвори, но при одлучувањето таквите наводи Судот не ги прифати. Од друга страна, согласно чл.6 ст.3 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, формата на медиумот и не е пресудна, туку околноста да истиот уреднички се обликува. Оваа пресуда не е правосилна.

Адвокатот што го води овој случај, Лазар Сандев вели дека небулозно е што правното лице кое го има објавено тоа и новинарката судот ја има казнето солидарно со 250.000 денари.

– По Закон не може така, бидејќи таму се вели “тој што ќе направи клевета, а не тие што ќе направат клевета“. Мора да се утврди кој со кои дејствија што презел, не може сите заедно да се виновни. Обжалена е пресудата, но нов судија ја презеде, па ќе видиме што ќе се случува – вели Сандев.

Судот во Стразбур ги признава онлајн-медимите

Какви опасности носат одлуките на судовите со кои не се признаваат онлајн- медиумите? Значи ли ова навреда и за новинарите и уредниците кои работат во портали? Многумина велат, да.

– Секако дека е навреда за новинарите и уредниците. Се охрабруваат новинарите да пишуваат што сакаат, а реално преку интернет портал може на некому да му нанесете огромна штета врз честа и угледот без оглед дали е физичко или правно лице – вели адвокатот Брешковски, кој потенцира дека оваа судска практика е и дискриминаторска бидејќи не се доволно заштитени личните и граѓанските права на оштетените лица.

Зошто судиите не ги препознаваат интернет-медиумите како средства за јавно информирање прашавме и во Основниот суд Скопје 2 Скопје. Оттаму ни одговорија дека по однос на нашето прашање, ставот на судот е ирелевантен од причини што судот суди и своите одлуки ги заснова врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот:

Во постапките за утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета и надомест на штета судот ја применува позитивната законска регулатива во оваа област, а особено одредбите од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Законот за медиуми, како и одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми. Имено, законските одредби, се во согласност со Уставот на Република Македонија и во сите е елиминирана било каква дискриминација по однос на нивната примена и важење кон секое физичко или правно лице, без разлика дали станува збор за новинар, уредник или пак медиум.

Адвокатот Брешковски пак, додава дека националните судови треба да ги земат предвид и одлуките на саморегулаторните тела на медиумите, како Совет на честа на ЗНМ и Совет на етика во медиумите.

– Тие никогаш не спореле дека интернет-медиумите не се медиуми- вели тој.

Тужбите кон новинари се намалени

Адвокатот Лазар Сандев, пак вели дека ја застапува страната дека порталите не се средства за јавно информирање. Вели дека тоа е нивната одбрана кога имаат случај со портал, без исклучок.

Судиите главно ги одбиваат тужбените барања бидејќи сопствениците на интернет поорталите немаат пасивна легитимација, односно не претстауваат средства за јавно информирање и поради тоа не може да сносат одговорност како што е предвидено во Законот. Од 2014 година откако стапија на сила измените, сме имале околу педесет вакви случаи – вели Сандев.

Порталот „Либертас“ во последните три години имал десеттина тужби за клевета и навреда. Главниот и одговорен уредник, Ацо Кабранов, вели дека останале нерешени уште две, а другите судот ги отфрлил како неосновани.

– Точно е дека некој судии ги отфрлаат предметите со образложение дека со законот порталите не се медиум. Во случаите во кои беше тужен „Либертас“ судиите сепак постапуваа по нив, односно не го користеа фактот дека законски не сме медиум – вели Кабранов.

Тој додава дека бидејќи Законот е таков, порталите не се влезени како медиуми, а новинарите со тоа немаат статус на новинари.

Кабранов смета дека со тужбите се врши притисок-заплашување да не пишуваат за одредени теми.

– Тоа го прават не само политичарите и бизнисмените туку и колеги од нашата, новинарската фела – вели Кабранов.

И адвокатот Сандев вели дека  во последните две-три години се намалуваат тужбите кон новинарите. Сега имаат 11 активни предмети, а порано имале и по стотина.

Автор:Милена Атанасоска Манасиева – ПИНА

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Автор:

Слични статии