Култура

Советот на Европа против мали хидроцентрали во Маврово

Проекти за мали хидроелектани ги уништуваат реките во национални паркови во Македонија, дел од нив финансирани од европски банки, алармира мрежата „ЦЕЕ Бенквоч“, посочувајќи дека најголем инвеститор во овој сектор е фирмата на актуелниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев.

Бернската Конвенција при Советот на Европа од македонската Влада бара итно суспендирање на изградбата на малите хидроелектрани во Националниот парк Маврово, откако во изминативе неколку години приватни концесионери добија дозволи и започнаа со изградба на хидроенергетски проекти во заштитени зони, кои според екологистите предизвикуваат значителни штети во областите богати со биодиверзитет, спротивно на законските прописи и меѓународни стандарди.

Десетици концесии за изградба на мали хидроелектрани одобрија македонските власти во изминативе десетина години, некои од нив во заштитени зони какви што се Националниот парк Маврово и Националниот парк Пелистер.

Брајчинска река – пред и по изградбата на малата хидроелектрана

ВМРО-ДПМНЕ во својата изборна програма за последните Парламентарни избори во 2016 година, наведе дека Република Македонија е лидер во регионот за изградба на мали хидроелектрани, посочувајќи дека нивната Влада само во изминатиот период потпишала 90 договори за концесии.

СДСМ која е во моментов на власт, во изборната програма не наведува ништо конкретно за малите хидроелектрани, освен ветување дека ќе воведе едношалтерски систем за поедноставување на постапките и процедурите за реализација на проекти поврзани со обновливи енергетски извори.

Проекти рекламирани како „зелени инвестиции“

Моментално во Македонија се изградени вкупно 73 мали и девет големи хидроелектрани. Мрежата на граѓански организации „ЦЕЕ Бенквоч“ уште во 2015 година алармираше дека во земјава има најголем број проекти финансирани од меѓународни финансиски институции во заштитени зони, кои ги рекламираат како „зелени инвестиции.“

Истражувачката мрежа ги следи банките кои финансираат вакви проекти во земји од Централна и Источна Европа, а во септември оваа година изработи студија насловена „Уништени реки“, во која прави анализа на пет проекти за мали хидроелектрани во Македонија поддржани од европски банки и за слични проекти во Хрватска и Албанија.

Истражувачите, меѓу кои и биолози од земјава, ги посетија локациите на малите хидроелектрани „Теарце 97-99“ и „Липково“, потоа „Тресонечка Река“ во Националниот Парк Маврово, како и двете мали хидроелектрани „Брајчинска Река 1“ и „Брајчинска Река 2“ изградени во Националниот Парк Пелистер.

Тресонечка река пред изградбата на хидроелектраната

Тие наведуваат дека на локациите на сите проекти во Македонија финансирани од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ), се забележани видливи прекршувања на националните прописи, закони и меѓународни стандарди, дека значително се уништени речните екосистеми и оти постои пресушување на речните корита и блокирање на рибните патеки.

„За повеќето од хидроцентралите во Македонија не е направена сеопфатна оценка за влијанието врз животната средина, за нив е потребна само студија (елаборат) за животна средина врз основа на кој се добива еколошка дозвола“, посочува „ЦЕЕ Бенквоч“ во студијата во која додава:

„Хидроелектраната „Брајчино 1“ која се наоѓа во Националниот Парк Пелистер воопшто не пропушта вода која би требало да стигне до едно од клучните живеалишта на ендемскиот вид преспанска – пастрмка“, посочува „ЦЕЕ Бенквоч.“

Фирмата на Анѓушев најголем инвеститор

Малата хидроелектрана „Брајчинска река 1“, е во сопственост на компанијата „Мали хидроелектрани ДОО Скопје“, како што наведува „ЦЕЕ Бенквоч“ – најголемиот инвеститор во малиот хидроенергетски сектор во Македонија, која е 50 проценти во сопственост на компанијата „Фероинвест ДОО“ која пак е 80 отсто во сопственост на актуелниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

ЕБОР ѝ одобрува 6 милиони евра заем на компанијата „Мали хидроцентрали“ за изградба на повеќе хидроелектрани, меѓу кои и „Брајчинска Река 1“,

Исто така ѝ одбрува 6 милиони евра и на германската компанијата „ПЦЦ Хидро ДООЕЛ“ за повеќе хидроелектрани, меѓу кои за „Брајчинска Река 2“.

ЕБОР ѝ одобрува заем од 3 милиони евра на компанијата „Хидро Енерџи Груп“ за изградба на повеќе централи меѓу кои и „Тресонечка Река“, а за изградба на Липково и Теарце е одобрен заем од 3,5 милиони евра од страна на ЕИБ.

Истражувачката мрежа посочува дека изградбата на „Брајчинска Река 1“ е контрадикторна со целите утврдени во Законот за заштита на природата во Македонија, според кој водите и водните живеалишта, вклучително извори, водотеци и реки, се сметаат за природно богатство и како такви треба да бидат зачувани во својата природна состојба.

„Не е разбирливо како во сите притоки на Брајчинска Река е забранет риболовот, но сепак била дозволена изградба на хидроцентрали“, истакнува Бенквоч.

За потсетување, Законот за заштита на природата е менуван 12 пати од 2006 година и вкупно 18 пати откако Собранието во 1999 година за прв пат го има донесено.

„Изградбата на „Брајчинска Река 1“ и „Брајчинска Река 2“ доведе до значително влијание врз најважниот речен систем за видовите кои живеат во него. Брајчинска Река и нејзината притока Крива Кобила во месец септември 2017 година беа целосно исушени на потегот меѓу зафатите и средината на растојанието меѓу машинската зграда“, се вели во истражувањето на Бенквоч.

Хидроелектраните Тресонечка Река и Галичка Река 3 во моментов се две кои веќе се оперативни во Националниот Парк Маврово, на чија територија е планирана изградба на повеќе вакви проекти, меѓу нив и двете мали хидроцентрали на Жировничка Река за кои компанијата „Фероинвест“ доби концесија во 2015 година.

„Проектот во Тресонче кој се наоѓа во Националниот Парк Маврово е главна причина за уништувањето на водните видови во реката Тресонечка, случај што треба да послужи како сериозно предупредување за Македонската Влада како и за инвеститорите и промотерите на хидроелектраните за можните катстрофални последици кои би следеле доколку се остварат плановите за сите 15 хидроелекрани во НП Маврово“, велат истражувачите од мрежата „ЦЕЕ Бенквоч.“

Владата има обврска да ги запре проектите

Измината недела во Стразбур, постојаниот Комитет на Бернската Конвенција за заштита на дивиот растителен и животински свет и природни живеалишта во Европа на 37-от состанок побара Владата на Република Македонија итно да ја суспендира изградбата на малите хидроцентрали во НП Маврово. Како држава членка на оваа Конвенција, Македонија има обврска да го послуша ова барање, велат од граѓанските организации.

„Понатамошната изградба на постојни или планирани хидроелектрани во заштитени подрачја треба да биде целосно забранета“, вели Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.

Таа додава дека македонската влада и меѓународните инвеститори треба да постапуваат во согласност со препораките кои доаѓаат од истакнати институции како Комитетот на Бернската Конвенција и Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN).

Извор: Радио Слободна Европа

Автор:Владимир Калински

Автор: