Култура

Дивна Пенчиќ: Се наоѓаме на најпримитивното ниво на планирање на градот

Скопје во поранешна Југославија беше најзелен град затоа што имаше шанса по една голема катастрофа буквално да почне од нула. Климатската зона во која спаѓа градот, какви се ветровите, осончување, осветлување, проветрување, што е со реките, околните планини и зеленилото… Ова денеска се заборавени категории кога е во прашање планирањето на Скопје. Со сегашното урбанистичко планирање нема квалитетен живот – вели проф. д-р Дивна Пенчиќ од Архитектонскиот факултет во Скопје. Во интервјуто за Факултети.мк, таа вели дека надеж за Скопје повторно да почне да дише има, но потребна е невидена свест и многу силна политичка волја.

Кога се шетате низ Скопје, какви емоции Ви предизвикува новиот лик на градот?

– Јас сум родена во Скопје, но тоа не е важно, позначајно е кој како го живее и дали го живее градот. Може и вчера да сте дошле тука, но да се чувствувате пријатно и да го сакате. Сум живеела и во други градови кои се многу пострашни од нашиот, како на пример Истанбул. Едно е да се шета како турист таму, а друго е да се живее. Па затоа кога сум се враќала во Скопје, ми било многу убаво. Скопје во бивша Југославија беше најзелен град затоа што имаше шанса по една голема катастрофа буквално да почне од нула. Дошле странски експерти и заедно со нашите луѓе имале можност да создадат нов град. Скопје бил мал град до земјотресот, но добил шанса да се планира согласно најновите светски сознанија во тоа време. Урбанизмот во тој период исто така бил во подем, бидејќи експертите требало да градат многу градови што биле разрушени по Втората светска војна. Се внимавало во која климатска зона спаѓал градот, какви се ветровите, осончување, осветлување, проветрување, што е со реките, околните планини и зеленилото. Тоа денеска се заборавени категории кога е во прашање планирањето. Скопје бил и имал шанса да биде преубав град. Оваа наша транзиција нè доведе до очекувања дека секој треба од едно парцелче да стане богат, да земе три стана, дуќан итн. Порано имало еден друг систем кој не бил многу праведен, но ги ставал луѓето во некаква иста ситуација. Имате куќа и парцела, но земјиштето не ви припаѓа вам, било национализирано. Тоа денес го прават и капиталистичките земји, не е карактеристика за социјализмот. Кога некое земјиште влегува во рамките на еден град, тоа земјиште е и јавно добро. Имаш право на надоместок, некогаш повеќе, некогаш помалку правичен, но планирањето е на ниво на цел град. Тоа значи дека на мала парцела нема да може да кренете зграда зашто немате добар влез, становите не може да имаат добра ориентација и осветленост и едноставно нема да има добри услови за живот. Порано се внимавало на оддалеченоста на објектите, пристапот до улица, зеленилото. Денес, со овој начин на урбанистичко планирање нема квалитетен живот.

Кога Скопје ќе се погледне од високо, веднаш е уочлив хаосот, за разлика од која било светска метропола каде што јасно се гледаат зелени појаси, дрвореди, куќи и згради со иста висина…

– Така е. Кога Скопје ќе се погледне од високо, веднаш се гледа што било градено до некаде 2000-та година и што потоа. Ако се погледне Расадник, таму не може да се препознае што е улица, парк или дрворед. Погледнете накај Аеродром или Карпош, ќе видите дека планот е ставен во служба на јавно добро. Главниот проблем, според мене, е што му се даде приоритет на приватното добро, а се поништи јавното. А планирањето на градовите е измислено во 19 век кога се задушувале индустриските градови, како, на пример, Лондон. Се задушувале од греењето, јагленот, фабриките, но некои паметни луѓе, филантропи, решиле да создадат поздрава околина. Измислиле планирање за да се заштити јавното добро, да има место за училишта, зеленило, паркови, места за дружење.

Во повеќето населби зградите се толку збиени едни до други, што соседите може рака да си подадат од балкон. Треба ли да има казни за ваквите градби?

– Меѓу објектите треба да се остави простор, секако, си има стандарди за сѐ. Еве ќе дадам пример со пожарот што ни се случи тука, на факултетот. Пожарна немаше од каде да влезе, секој се оградил, ставил столпчиња, немаше пристап за пожарникарските возила. Вака е и во близина на секое училиште во Скопје. Има правила колкаво треба да биде растојанието меѓу објектите. А, секако дека треба да има многу казни за оние што ги прават зградите и објектите надвор од правилата и стандардите.

Но, за жал, посилни се инвеститорите, на секој му се овозможува да гради, не е важно ни осончување, ни проветрување, ни осветлување, а тоа е една цела наука. Проблем е и тоа што планирањето остана само на архитектите, а тоа всушност е интердисциплинарно. Архитектите знаат што е метеорологија, демографија, меѓутоа, тоа се посебни науки и струки. Оваа држава, од друга страна, не инвестира во овие струки.

Како влијае целиот овој урбанистички хаос врз загадувањето на воздухот, кој секој ден нѐ убива?

– Загадувањето не е нов проблем, но секако е влошен. Капиштец е првиот масивен ѕид од градби што го спречија воздухот од Водно. Водно е специфично бидејќи има кањони, протоци, поројни канали преку кои струел воздух низ цело Скопје. Во 1965 година Скопје е планирано да се гради со зелени прстени, коридори кои продирале до градот. Оние зелени појаси во Тафталиџе, Карпош 3 и Карпош 4, тој појас кај што е Архивот, Гоце Делчев и потоа „Партизанска“, кај „Сити мол“ биле оставени за воздушните струи од Водно да се спојат со тоа зеленило. Практично се правени зелени мостови за да струи воздухот. Сега нив ги нема. Првиот ѕид, брана поради која воздухот престана да струи, е Капиштец, а сега со градењето на Водно се случува катастрофа. Ова е кобно за градот. Многу зеленило е исечено во градот. Сè што е земјиште буквално се претвора во бетон. А урбанистичкото планирање треба да го штити јавниот интерес. Приватниот сам се штити, притиска, корумпира, но кој тогаш го штити јавниот интерес?

Кој дел од Скопје е најкритичен кога е во прашање урбанистичкото планирање?

– Градењето на Водно е најстрашно. Во лоша состојба е и Чаир, кој од една зелена населба многу почна да се напаѓа, а за неа малку се зборува. За Расадник, немам зборови, тоа е екстрем. Во Кисела Вода нема дрво останато. Феномен е и тоа што луѓето сепак купуваат станови и каде што има најневозможни услови за живот. Тука има и економски аспект, а планирањето треба да се занимава и со овој аспект, а тоа не се ни споменува.

Доцна ли е за спас на Скопје, има ли шанси градот повторно да почне да дише?

– Верувајте, има уште каде да се гради, сѐ додека не станеме како Водно или Расадник. Има простор сѐ уште дупки да се пополнуваат и тоа ме плаши. Сметам дека има спас, но тоа навистина бара невидена свест и многу силна политичка волја. Не мислам на политичките партии кога го кажувам ова, туку на креирање политики на град. За жал, ние не разликуваме политика од стратегија или policy, или добра градска политика. Добро се почна, планерите тоа добро го знаат, но вината си ја префрлаат еден на друг. Ние сме во време кога сите коментираат: „Јас знам, ама мене никој не ме праша и не сум виновен“. Излезот е во сосема нова стратегија. Ние сме потписници на декларации на Обединетите нации за одржлив урбан развој. Таму, во тие одржливи глобални цели, има 17 на број. Единаесеттата цел е градовите да бидат похумани, поиздржливи, поеластични. Таму има јасно поставени цели и индикатори. Само по таа листа да се почне, многу работи ќе се подобрат. Но, ние сега се наоѓаме на најпримитивното ниво на планирање на градот. Светот, пак, е отиден многу далеку. Во градовите не се зборува каде ќе се гради, туку како да се обезбедат јавни простори, здрава средина, каде што млади и стари ќе живеат достојно. Ние градиме само за најбогатите, но светот одлучил, а ние сме потпишале дека ќе градиме за општо добро на сите граѓани.

Прво што треба сите градоначалници да направат е да пребројат колку бездомни граѓани има секаде и на тие луѓе да им се најде дом. Имаме енклави на луѓе што живеат под мостови, во диви населби и за нив мора да се најде решение. Планирањето на градовите денеска се занимава и со здравјето на луѓето. Тоа го направиле Американците многу одамна, а ние сега треба да го правиме. Тие рушеле цели населби и одново планирале за на граѓаните да им обезбедат поздрави услови за живот. Скопје има шанси сѐ уште да почне да дише, но потребна е челична волја за да се промени свеста кај сите.

Се одомаќини во јазикот еден термин како дежурен виновник за урбанистичкиот хаос, а тоа е урбаната мафија.

– Секој што гради сака и да гради, тоа, нели, му е работа, но не би ги нарекла сите урбана мафија. Меѓутоа, имаше случаи, а така ги навикнаа и инвеститорите, па имаше и службеници во агенциите, министерствата кои се научија да кажуваат: „А бе тука има место, зошто три ката, може и седум на мала парцела“. Тоа е една спрега која не е почната со лоши намери, бизнис е во прашање, но отиде предалеку.

Кога е во прашање градот Скопје, не може да не се спомне проектот „Скопје 2014“. Колку тој ја влоши состојбата со урбанистичкото планирање и, секако, со воздухот?

– Да, многу има влијание, особено градењето покрај Вардар. Кога сме кај приказната со зелените коридори, Вардар, Лепенец, Серава, Маркова Река, Треска, исто така се појаси, ги викаат сино-зелени, по кои струи воздух, односно се пренесува чистиот воздух. Скопје можеше, а и така е планирано, целиот појас на Вардар од влез до излез на градот да биде парк. И уште има шанса да се направи тоа. Со некои прекини ќе биде кај што е изградено, ама тоа може да биде спас за Скопје. Во светот дури се прави нешто друго, се смета дека овие реки што одат во регулирани корита не се добри за живиот свет, го убиваат. Сега практика е водата да тече по зелени коридори, да се вратат природните живеалишта. Градот Скопје има направено фантастични студии за озеленување на градот, за озеленување на Лепенец и Серава, но стојат во фиоки. Кога прашуваме зошто не ги вадат, од Град Скопје ни велат дека тоа не го интересира обичниот граѓанин. Сообраќајната мрежа низ градот исто така може да придонесе воздухот да струи, но само ако има дрвореди, дали во средина дали странично. Сега со сечење на дрвјата се нарушува целата клима низ градот.

Ве боли ли кога гледате што му е направено на градот?

– Премногу ме боли. Но, со мојата ќеркичка, која сака да вози велосипед, одново го доживувам градот сега како граѓанин, гледам што е добро, што не е добро. И затоа треба и граѓанската свест да се подигне на повисоко ниво. Не дека граѓанството не разбира ништо. Сега е време кога треба да се седне со граѓаните и да се прашаат за мислење, за тоа како тие го доживуваат градот и што им е потребно за подобар живот. Ние со институциите не сме спротивставени страни, ние не треба да разговараме со напади еден кон друг, ниту пак да очекуваме некој друг да направи нешто за нас. Планерите, оние во општините, и граѓаните треба да работат заедно.

Извор: Факултети

Автор:

Слични статии