Бенџамин Перкс: Македонските градинки се фокусирани на чување, а не на образување на децата
— 2 јануари, 2018Беџамин Перкс пристигна во Македонија во јули, како претставник на УНИЦЕФ. Учествуваше во разни настани и дебати, но се запозна и со носителите на одлуки и со целата состојба во нашиот образовен систем. Во интервјуто за Радио МОФ, Перкс укажува на два основни проблема со предучилишното образование во Македонија. Првиот е дека две третини од децата на возраст меѓу 3 и 6 години не одат во градинка. Тоа се најсиромашните две третини во земјата.
„Бидејќи сега знаеме дека децата кои не одат во градинка заостануваат во основното, средното и стручното образование, како и во однос на вработливоста подоцна во животот, тоа придонесува за циклусот на меѓугенерациска сиромаштија. Вториот проблем е што кај оние што одат во предучилишно образование, фокусот е многу повеќе врз грижата, храната, спиењето и згрижувањето на децата чии родители работат, што секако е важно, но подеднакво важен е суштинскиот квалитет во тоа како да ги оптимализираме детскиот развој и развојот на мозокот, во периодот кога условите се најдобри за тоа – а тоа е во раното детство“, вели Перкс.
Само 39% од децата во Македонија на возраст од 3 до 6 години се запишани во градинка, додека просекот во ЕУ е 93%. Од каде доаѓаат овие огромни разлики?
Просечната посетеност во ЕУ е 93%, а имаат поставено цел од 95%. Всушност, ЕУ сака сите деца на возраст од 3 до 6 години да одат во предучилишно образование како нормална работа, затоа што сфати дека е многу важен дел од образовниот систем. Мислам дека Словенија неодамна ја достигна поставената цел и не е случајно што образовните резултати што ги постигнуваат средношколците од оваа земја се меѓу првите 20 земји во светот. Тоа е време кога мозокот на детето има најголеми шанси да се развие. Овде, само 39% се запишани, а 32% посетуваат (предучилишно образование). Ако се обидувате да ги оптимализирате условите за развој на детскиот мозок, за способноста на детето подобро да се поврзе, да го развие јазикот и сл… тогаш, основниот начин за тоа е да се фокусирате врз квалитетот на родителството до 3 години, а потоа на квалитетно предучилишно образование од 3 до 6 години.
Секој родител ќе ви каже дека децата во раните години од детството прашуваат по 25 прашања на час. На 3 години, овие прашања се менуваат од „што и кога“ во „како и зошто“. Токму тогаш на детето му треба соодветна педагошка програма, па мора да се обидеме да обезбедиме секое дете меѓу 3 и 6 години да има место во градинка, а родителите на секое дете во првите години од животот да добијат насоки и поддршка од здравствениот сектор преку домашни посети, и да изградат дом во кој ќе има грижливост и приврзаност со нивното дете.
Владата најави задолжително едногодишно предучилишно образование, со цел да се изедначат децата од различно социјално потекло и да се запознаат со образовниот процес. Треба ли раното образование да биде избор на семејството, т.е. тоа само да одлучи, или државата треба законски да ги обврзе родителите на такво образование?
Владата може да избере да ги увери родителите во важноста на предучилишното образование или да го направи задолжително. Тоа зависи од демократски избраната влада. Ние во УНИЦЕФ би сакале сите деца да одат во градинка. Тоа е она на што ние повикуваме. Повикуваме да се обрне внимание на достапноста на програмската „понуда“ и да се создаде култура на „побарување“ квалитетно предучилишно образование.
Често, кога родителите ги земаат децата од градинка, добиваат одговор: „Вашето дете беше добро, јадеше и спиеше“. Како што кажавте, родителите добиваат основни информации за негата, но малку информации за образованието. Оттука, дали вработените во градинката се само „чувари на децата“ додека мама и тато се на работа, или имаат поширока улога во развојот на детето?
Градинките, пред сè, треба да служат за учење. Но, дискусијата за градинките во земјата каква што е сега се однесува на „грижата“ – а тоа е навистина важно. И тоа грижа пред сè за луѓе кои се вработени, живеат во одредени населби, и притоа се заборава на сиромашните, руралните средини. Така системот е „поставен“ без да се стави акцент на образованието, иако воспитувачите во градинките се обучени да подучуваат. Може да го подобриме квалитетот на наставата, некои се многу добри во секој случај, но, исто така, треба повторно да ја нагласиме примарната цел на градинката – образованието.
Колку деца се оптимални по воспитувач или негувател за подобро образование? Во некои установи има групи од по 20-30 деца.
Ова е многу интересно прашање, затоа што не може да гледате на таа работа сама по себе. Вистински добар воспитувач, во градинка или на група со 25 деца, подобро ќе ја заврши работата од многу лош воспитувач со 6 деца. Добриот наставник знае како да го активира мозокот на сите цело време. Понекогаш, ќе го погледнеме образованието и мислиме дека во основа, детето рационално го апсорбира она што го кажува наставникот. Образованието е покомплексен процес. Детето учи од разговорот в училница. Учи од интеракциите меѓу различни деца, од начинот на кој децата ги користат рацете, од говорот на телото на наставникот… Сите овие работи влегуваат во умот на детето.
Добриот воспитувач го знае тоа и се обидува да анимира за целото одделение да биде наставна средина. Кога разговарате со родителите, тие зборуваат за квалитетот на зградата, големината на одделението, за домашната работа, за униформите. Не секогаш родителите го забележуваат најважното – квалитетот на наставата. Универзитетот во Мелбурн ги анализираше сите светски истражувања што се направени за образовните резултати од Втората светска војна до денес и се обиде да утврди која е главната движечка сила на добрите училишни системи и резултати во учењето и заклучокот беше едноставен – квалитетот на наставата.
Што е со децата со попреченост? Треба ли да има логопед, дефектолог и психолози во градинките, ако се има предвид дека многу детски состојби се појавуваат во периодот до 5-тата година?
Наместо да има големи градинки низ целата земја, мислам дека акцентот ќе биде врз помали единици, кои може да се организираат во руралните средини. Малите единици обично функционираат таму каде што нема средства или каде заедницата е фрагментирана. Не би очекувале да има логопед или психолози во самото место, но би било добро ако нивните услуги ги опфаќаат и тие помали единици по потреба.
Ние исто така мораме да запомниме дека добар учител знае дека сите деца, без разлика на нивната способност, се различни и дека сите деца можат да учат доколку имаат соодветни услови. Понекогаш, наставниците сами можат да ги создадат условите, но исто така е нормално да побараат и другите да помогнат во задоволувањето на потребите за учење на детето. Ова е важно во сите образовни поставки, затоа и имаме специјализирани услуги.
На пример, што ќе се случи со некое дете со аутизам, или со некаква попреченост? Дали тоа треба да оди само во градинка или и во друга установа истовремено?
Инклузивното образование се однесува на обезбедување сите деца да одат на училиште и добро да учат. Станува збор за деца со попреченост кои учат заедно со своите врсници без попреченост како еднакви. За да се случи ова, мора да постои соодветна проценка на попреченост и функционалност. Владата само што воведе инструмент – Меѓународната класификација на функционалноста – за да го стори тоа.
Тоа значи дека група стручни работници од различни сектори, вклучувајќи и родители, вршат проценка на она што би бил најдобар начин за детето со попреченост да учи и какви услови треба да се создадат за детето да може да го оствари својот потенцијал. Треба да имате холистичка проценка, а одлуките да се донесат врз основа на стручни критериуми кои се во согласност со меѓународните стандарди. Со ова ќе се обезбеди праведност за детето и ќе се прошири можноста тоа да се вклучи во системот.
Ние треба да обезбедиме оптимална поддршка за децата со попреченост и нивните родители во сите околности.
Меѓународните испити покажуваат дека децата без предучилишно образование имаат слаби резултати подоцна на училиште – заостануваат една или две години поназад. Во колкава мера инвестициите во раното образование се исплатливи за државата?
Постојат две главни инвестиции што една земја може да ги направи. Првата се однесува на бременоста и првите три години од животот на детето. Тука треба да се обезбеди родителите добро да се подготват и да добијат добра поддршка за да научат како правилно да се грижат за своето дете. Ова првенствено се прави преку домашни посети на патронажните сестри. Ние работиме со Министерството за здравство на воведување родителски вештини во услугите што ги дава патронажниот систем. Исто така, и во системот за перинатална заштита кој се занимава со бременоста. Втората инвестиција е да се обезбеди секое дете да добие место во градинка. Економистите-добитници на Нобелова награда од Универзитетот во Чикаго велат дека инвестирањето во овие две области, на долг рок, дава подобар резултат од која било друга инвестиција во јавниот сектор. Тие откриле дека за секое инвестирано евро во раниот детски развој, ќе ви се вратат седумнаесет евра.
Како можат родителите да ги мотивираат децата да постигнуваат подобри резултати подоцна на училиште? Треба ли да работат повеќе на училишните задачи, на нивниот емотивно-социјален напредок, да им дозволуваат помалку време со смартфонот, да ги пуштаат да играат повеќе со другарчињата…? Како?
Образовните системи се изградени околу идејата за она што некои луѓе го нарекуваат когнитивна интелигенција, коефициент на интелигенција, а што се однесува на „знаење работи“. Знаењата за историјата на земјата, за континентите, математиката, сето тоа е важно… но сето тоа сега е на интернет. Пред триесет години, студентите по математика би поминале три години на факултет во обид да сфатат некоја равенка што сега може да се реши во 30 секунди со апликација. Значи, она што е важно освен децата да „знаат работи“, е да се изгради и карактерот преку социјално-емотивните вештини на детето. Зборуваме за мотивираност, оптимизам, љубопитност, самоконтрола, благодарност, но, исто така, и за работи како интегритет и истрајност. Ова, исто така, придонесува кон севкупниот успех. Се сеќавам, кога бев на факултет имав прекрасна колешка. Со неа можеше да се разговара со часови. Многу паметна, но крајно хаотична. Својот интелект не можеше да го претвори во соодветна универзитетска диплома или кариера, бидејќи нејзината интелигенција не беше поткрепена од социјалните и емоционалните способности опишани погоре. Овие способности веројатно придонесуваат за околу половина од успехот на една личност во образованието и животот. Она што го научивме преку истражувањата сега е дека овие способности можат да се научат и дека социјалната и емоционалната способност може да продолжи да расте долго откако интелигенцијата престанала да расте за повеќето деца.
Второ, децата треба да научат да учат. Ако погледнете какви работни места има сега, како на пример менаџер на социјални медиуми или координатор за младински политики, не постоеја кога бев дете. И професиите кои ќе ги работат денешните 5-годишници за 20 години сега не постојат. Освен новите видови работни места, исто така е вистина дека оние што ќе почнат да работат сега ќе треба повеќе пати во текот на работниот век да се преквалификуваат поради темпото на технолошките промени. Она што тие треба да направат не е само да научат работи и да го изградат карактерот, туку исто така да научат како да учат и да станат луѓе кои никогаш нема да престанат да учат и да ги прошируваат видиците.
На крајот, може ли да ни кажете нешто за плановите на УНИЦЕФ околу образовниот систем во Македонија?
Има толку многу предизвици. Се чини дека сме единствената земја од Западниот Балкан со зголемена смртност кај децата – затоа ќе го поддржиме планот „За секој новороденче“ за зајакнување на здравствените услуги за мајките и децата и за подигање на јавната свест за здрава бременост и родителство. Проширувањето на предучилишното образование и зајакнувањето на основното и средното училиште бараат огромни и итни напори и ние ќе го поддржуваме тој процес заедно со другите партнери. Се согласивме да ја поддржиме Владата во процесот на деинституционализација на децата. Има околу 270 деца кои живеат во големи инситуции и ние ќе продолжиме да ја поддржуваме деинституционализацијата преку превенција на напуштање на децата од страна на родителите, згрижувачки семејства и други модели за алтернативна грижа. Децата со попреченост и вклучувањето на Ромите и решавањето на проблемот со насилството врз децата исто така ќе бидат важни.
Има уште многу да се направи, но ние сме тука за да дадеме поддршка на кој било начин што можеме. Сакаме да дадеме поддршка за трајно подобрување на системот на национално ниво, наместо за некој мал проект или активност. Мислам дека еден од проблемите од минатото беше разединетиот и фрагментиран пристап за поддршка на промените. Треба да го напуштиме тој пристап.
Извор: Радио МОФ
Автор: Бојан Шашевски
Фотографија на насловна:Јиржи Трнка