Култура

Промовирана книгата „Македонските тројански коњи“

Книгата „Македонски тројански коњи“ од Рагми Јусуфи беше промовирана во клубот ГЕМ. Издавач е Темплум, а книгата на Јусуфи излегува како 17-та од едицијата Градот.

Промоторите на изданието Живко Гроздановски, Јон Ивановски и Никола Гелевски кажаа дека се работи за една класична форма во која раскажувачот и неговиот гостин од странство, по многу години шетаат по Скопје и разговараат за промените што го снашле градот со проектот „Скопје 2014“ и за политичките и социјалните услови. 

„Книгава разоружува со својата искреност повеќе од секоја сатира. Фрлајќи поглед кон општествениот масакр на градот и општеството низ ретка клучалка, на средовечен иселеник кому пишувањето не му е основна професија, ова неизвештачено четиво, единствено од својот вид, е скапоцен камен, телескоп кој ни ја става пред нос желбата за мирен соживот на различностите, загрозени само од трагикомичната расипаност на политичките елити“, беше речено на промоцијата.

 

Авторот Рагми Јусуфи, кој по долги години живеење и работа во Швајцарија, се вратил во Македонија се заблагодари на издавачот, промоторите и на бројната публика и рече дека и покрај тоа што не е од писателската фела ќе продолжи да пишува. 

 

Тој книгата ја посвети на својот татко и напиша: „ Книгава му ја посветувам на татко ми Алириза Јусуфи (1922– 1984), мојот неприкосновен херој. На 11 октомври 1941 година, на деветнаесетгодишна возраст, тој, заедно со своите другари Македонци и Албанци, излезе со оружје во борба против фашизмот, во борба за слобода, демократија и рамноправност на народите на овие со векови окупирани простори. На самиот почеток на крвавата Втората светска војна, неговите другари и тој ја ставија оваа мала земја рамо до рамо со целиот прогресивен свет и на победничката страна. За мене, единаесетти октомври е најголемиот национален празник на Македонија. 

 

За жал на нашата голема фамилија, и на нашите бројни пријатели Албанци, Македонци, Турци, Бошњаци, Срби, Роми и многу други, татко ми прерано замина од овој свет. Но, останува сеќавањето како тој и неговите другари, уште од својата рана младост, слушале Радио Слободна Европа низ подрумите во Куманово. Татко ми целиот живот се борел за слобода, демократија, за рамноправност на сите граѓани, без разлика на нивната националност, вероисповед, социјален статус… 

Ете, си замина од овој свет „непросветен“, без да дознае дека целиот свој живот бил „соросоид“. 
Но, баш затоа што бил „соросоид“, мојата фамилија и јас сме неизмерно горди на неговите залагања и дела, за подобра Македонија од онаа во која се родил – за европска Македонија. 

Потполно сум убеден дека фамилиите и наредните поколенија на личностите кои ги опишувам во книгава, крајно ќе се срамат од (не) делата на растурачите на прекраснава земја во која народите со векови заедно живееле и заедно се бореле против сите поробувачи“.

Извор:Окно.мк

Автор:

Слични статии