Од што починал Шопен?
— 30 ноември, 2017
Научниците првпат решија да ѕирнат во теглата со срцето на полскиот пијанист и композитор Фредерик Шопен за да откријат од што починал. Големиот композитор смртно се плашел да не биде жив закопан. „Земјата може да ме задуши“ ѝ рекол на една од сестрите додека лежел на смртна постела во 1849 година.
– Заколни се дека ќе ги натераш да ме исечат, случајно да не ме закопаат жив – нагласил Шопен.
По неговата смрт во четириесеттата година од животот била направена аутопсија. Срцето му било извадено и ставено во тегла со коњак, а потоа ставено во столбот на црквата „Свет крст“ во Варшава.
Научниците решија да ја искористат ретката можност да го истражат неговото срце. Заклучиле дека музичарот бил жртва на перикардитис, ретка компликација од хронична туберкулоза. Дијагнозата што неодамна беше објавена во „Американскиот медицински журнал“ е најновиот и досега најубедлив аргумент во повеќегодишната расправа за причината на долгогодишното боледување и прераната смрт на Шопен. Досега се нагаѓаше дека умрел од цистична фиброза, недостиг од алфа 1-антитрипсин (што доведува до емфисема) и оштетени срцеви залистоци.
Научниците забележале дека срцето било прекриено со тенок слој бела фиброзна материја, а можеле да се видат и мали лезии што се показатели на сериозни компликации од туберкулоза, заклучил тимот.
– Не ја отворивме теглата, но врз основа на состојбата во која се наоѓаше срцето можеме со голема веројатност да кажеме дека Шопен боледувал од туберкулоза додека перикардитис најверојатно бил непосредна причина за смртта – вели Мајкл Вит од Полската академија на науките, раководител на тимот што работеше на истражувањето.
Оваа студија е последно поглавје во чудесната историја за срцето на Шопен. Композиторот почина во октомври 1849 година во Париз, а погребан е на тамошните гробишта „Пер Лашез“. Бидејќи беше полски национален херој, неговото срце беше тема на многу контроверзии.
Набргу по неговата смрт сестра му Лудвика го прошверцувала срцето во татковината на Шопен, покрај стражарите од Русија (која тогаш владееше со Полска) и го скрила во црквата „Свет крст“. За време на Варшавското востание во 1944 година срцето му беше предадено на висок СС-офицер, кој тврдеше дека е почитувач на Шопен. Потоа се чуваше во штабот на германската команда пред да ѝ биде вратено на варшавската црква на крајот од Втората светска војна.
Професорот Вит и неговите колеги првпат го проучуваа срцето од 1945 година.
– И понатаму е совршено заковано во теглата. Некои би сакале да го отворат и да земат примероци од ткивото со кои може да докажат дека Шопен имал некое генетско заболување, но тоа би било сосема погрешно. Прво, на тој начин ќе биде уништено срцето и второ, речиси сум сто отсто сигурен дека сега знаеме што го убило Шопен – заклучи професорот.
Извор:Нова Македонија