Концерт на „Загрепски солисти“ во Македонска филхармонија
— 4 ноември, 2017Вечерва. 4 ноември (сабота) со почеток во 20 часот во малата сала на Македонската филхармонија, ќе одржи концерт реномираниот гудачки хрватски ансамбл „Загрепски солисти“. На програмата се дела од Моцарт, Чајковски и од македонскиот композитор Драган Шуплевски. Солисти на концертот се, Сретен Крстиќ на виолина, кој наедно е и концертмајстор и Хрвоје Филипс на виола. Покрај солистите, во составот на „Загрепски солисти“ членуваат и: Крунослав Мариќ, Џана Кахриман, Мислав Павлин, Иван Новинц, Давор Филипс – виолини; Марко Отмачиќ, Магда Скарамуца – виоли; Смиљан Мрчела, Златко Руцнер – виолончела и Марио Ивеља – контрабас.
Ансамблот „Загрепски солисти“ е формиран во 1953 година во рамките на Радио Загреб, под уметничко водство на истакнатиот виолончелист Антонио Јанигра. Во текот на повеќе од шест децении, под уметничката палка на еднакво истакнатите концерт-мајстори како Драгутин Хрдјок, Тонка Ниниќ, Анџелка Крпан и Боривоје Мартиниќ-Јерчиќ, Загрепски солисти го одржуваат квалитетот на музицирање на завидно ниво, кое редовно го презентираат и на престижни светски концертни сцени. Она што сите членови ги обединува е врвната умешност, дисциплинираност во вештината со којашто се занимаваат и непресушниот ентузијазам, како и љубовта кон музиката.