Хуморот како лек: кон филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески
— 20 ноември, 2017Потегот годинашниов Синедејс да се затвори со македонскиот филм „Исцелител“, се покажа како маркетиншки оправдан и привлечен. По етикетата – најдобар филм според публиката на филмскиот фестивал во Солун, очекувано беше филмот да предизвика речиси еуфоричен пречек во Скопје. Преполната сала во Милениум покажа дека продуцентско/дистрибутерската стратегија е добро подготвена, почнувајќи од разделувањето нафора при влегувањето во салата до присуството и претставувањето на комплетната екипа по проекцијата на филмот. А аплаузот за кој тврдам дека ретко се случува да трае за цело време на одјавната шпица, покажа колку сме желни да наградиме производ кој внесува малку свеж воздух во однос на филмскиот жанр. Имено, „Исцелител“ е комедија со извесни примеси на ангажиран и критички став кон определени општествени состојби, а поради што беше најавен како црна комедија. Оттука, сметам дека Ставрески (тој е и сценарист на филмот) изнашол мудро и практично решение својата приказна да ја води како жанровски амалгам во кој делумно е присутно (како критика на здравствениот систем) црнилото од новата романска кинематографија („Смртта на г-нот Лазареску“) и од друга страна да пласира една проверена рецептура на духовит дијалог и минимум гег, својствена на старата чешка филмска школа (Форман, Менцел). Сигурен сум дека на филмот повеќе му прилега квалификативот – филм/сатира.
„Исцелител“ ниту нуди ниту бара драматуршко напрегање. Но, затоа нуди расположение, на моменти горчливо, но секогаш газирано со меурчиња дијалошка духовитост (малку бајата, а повеќе свежа). Ставрески умешно ја води актерската артикулација толку ретка во домашната кинематографија, со дузина симпатични детали кои на филмот му ја даваат потребната доза на шарм и гледливост. Заслугите секако им припаѓаат на носечките ликови Благој Веселинов (Веле) и Анастас Тановски (Саздо), но и на останатиот актерски тим.
Речиси и нема потреба да се впуштаме во некакви продукциски аспекти на филмот – камера, тон, монтажа… сите тие се во рамките на елементарно неопходното рамниште над кое доминира актерската игра и дијалошкиот момент.
Во случајот на „Исцелител“, со задоволство ќе ги избегнам здодевните и по правило неаргументирани епитети како што се – искреност и длабочина. Ако целата екипа од филмот уживала во снимањето (што е безмалку и видливо) тоа расположение неизбежно се пренесува и на публиката. Затоа вреднувањето на филмот на Ставрески е онаа банална, а секогаш присутна вистина дека смеата често лекува тага, и дека смешното не ретко е произлезено од трагичното.
Филмот „Исцелител“ нема претензии да биде висок уметнички чин, но секако го има предзнакот на значаен и пожелен кинематографски продукт. Сосема зрел и конзистентен дебитантски игран филм.
Препознавањето на трагикомичниот миг во кој живееме, овде на Балканот, е суштинската порака на филмот.
Автор: Влатко Галевски
Извор:Окно.мк