Победничките раскази од конкурсот Слобода, сон и љубов
— 11 септември, 2017На конкурсот за микро расказ на тема СЛОБОДА, СОН, ЉУБОВ, пристигнаа вкупно 120 раскази. Жири комисијата во состав Оливера Ќорвезироска, Никола Гелевски и Иван Шопов како најдобри избра дванаесет раскази, од кои првите три ги издвојуваме како победнички:
1. Ѓорѓи Крстевски – Граѓанска војна
2. Тони Миленковски – Космогонија
3. Грација Атанасовска – Без наслов
4. Светлана Камџијаш – Вљубен
5. Мира Смаќоска-Танеска – Цвеќиња
6. Милош Б. Андоновски – Конче
7. Сања Михајловиќ Костадиновска – Палешка
8. Златко Ѓелески – Дувло
9. Марија Ангеловска – Будење
10. Сашо Пшенко – Што имаме за јадење денеска?
11. Елизабета Баковска – Дождовите престанаа
12. Ѕвездан Георгиевски – Тој и таа
Победниците ќе бидат наградени со книги од Темплум во вредност од 1300 денари, кои ќе можат да ги подигнат од штандот на Темплум исклучиво додека трае фестивалот ДРУГА ПРИКАЗНА (8-10 септември, МСУ). Ви претставуваме шест од дванаесетте избрани раскази.
ГРАЃАНСКА ВОЈНА
Ѓорѓи Крстевски
Се слушнаа неколку истрели, а потоа и викање на исплашен народ. Една жена со трчање помина покрај книжарницата, викајќи: „Овие почнаа да пукаат!“ Потоа пред излогот претрчаа уште многу темни човечки силуети. Телефонот во книжарницата почна да ѕвони. Звукот одекнуваше злокобно. Се јави; тоа беше неговата сопруга која го молеше да затвори порано и да си дојде дома. Ја заклучи вратата и ги изгасна светлата. Погледна низ стаклениот излог – улицата што водеше кон државното собрание беше сенишно празна. Во далечината свиреа полициски сирени. Набрзина го преброја дневниот промет, го исклучи компјутерот, ѕирна уште еднаш низ стаклото и излезе. Го отклучи велосипедот, го јавна и почна да вози накај дома. Улицата беше долга и права. Поголемиот дел од дуќаните веќе беа затворени. Вниманието му го привлече еден осветлен излог од продавница за чевли. Внатре беа само нестрпливата продавачка со исплашен израз и една жена што пробуваше високи потпетици.
КОСМОГОНИЈА
Тони Миленковски
Откако ти замина, престанав да го собирам медот од пчелите кои се вселија во мојот стан, и ете, веќе втора недела циркулираат околу мојата глава, повремено упатувајќи ми по некој од нивните фатални бакнежи. Сега, целиот мој стан е исполнет со мед кој се растегнува од плафонот, преку ѕидовите, па сè до моите стапала. Јас почнав да гледам низ тој мед, и знаеш, малку е чудно да го гледаш светот во светложолта боја. Како би рекол… малку непријатно, можеби. Небото стана непријатно жолто. Облаците. Луѓето. Нивните намери. Нивните соништа станаа провидно жолти.
Јас го растегнувам медот, а со него и хоризонтот и тие облаци, и тие луѓе со нивните светложолти намери. И дрвјата ги растегнувам сè додека не ги допрат смрзнатите стапала на ангелите. Јас го растегнувам тој мед, и месечината која станува чевел, па обично тесто, па кит. Јас го растегнувам китот и неговите токсично жолти очи, и неговата жолта старост. Јас го растегнувам китот и космосот, истовремено. Јас, растегнувајќи го медот од едната во другата дланка, го пресоздавам космосот. И тој е – жолт.
Грација Атанасовска
Постои еден град во кој улиците се именувани по сите твои мани. Во тој град ти си совршеното суштество.
ВЉУБЕН
Светлана Камџијаш
Марко ги сакаше зорите кога светот го обвиткува румен бакнеж. Ги сакаше и ноќите, за да ги чита густите букви од ѕвезди. Ана ги сакаше малите нешта што го правеа животот полесен. Често дома донесуваше нови интересни удобности.
Марко се будеше рано. Со време научи да спакува некое парче од зората и да го подметне меѓу дребулиите на Ана. Вешто полнеше мали шишенца, додаваше во нејзината чанта, во мирисот на автомобилот или ги редеше на полиците за зачини, за книги, во бањата кај разновидните сапуни.
Ана ја преспиваше зората. Затоа Марко стануваше поревносен во пакувањето и додавањето. Успеа дури да зароби една зора меѓу две кришки потпечен леб, за да може Ана да го доживее вкусот. Додека така ги дишеше изгревите Марко полека се менуваше. Едно утро забележа дека лесно може да лебди како блескав облак на хоризонтот. Следното утро виде дека може да се башкари во зората како во огромен топол кревет. Така неосетно тој се пресели во зората.
Ана разбра дека кога си вљубен во нешто бескрајно, и самиот стануваш бескраен.
ЦВЕЌИЊА
Мира Смаќоска-Танеска
Неколку ноќи по ред се сонувам како сум бремена. Во сонот сум ја подигнала маичката и ми се гледа огромниот гол стомак.
Нешто слично како на фотографиите кои во последно време кружат по социјалните мрежи.
Некој нѐ фотографира. Најверојатно сме во фотографско студио. Доаѓаш, клекнуваш пред мене и ми го бакнуваш стомакот на кој има нацртано срце со црвен кармин. Гледаш некаде. Најверојатно во објективот. Низ папокот ми никнува цвеќе. Секоја ноќ цвеќето е исто само во различна боја.
Синоќа пак. Клекнуваш и место да ме бакнеш, срцето го загризуваш со заби.
„Време е да го видиме бебето!“, среќно извикува фотографот кој, не знам зошто, е облечен како доктор.
Се будам. Четврток е. Не знам како можев да заборавам дека цвеќињата ги полевам во среда.
КОНЧЕ
Милош Б. Андоновски
„Од овој живот ќе ги земеме само приказните со себе“, така велеше тетка Вера и во тоа веруваше. Затоа кај неа дома сè мораше да биде беспрекорно, но животот, дента кога тетка Марга, тетка Софија и глувата тетка Добре ѝ дојдоа на кафе, ја издаде.
Собата мирисаше на чисто. Избришаните витрини ги скокоткаа ноздрите со една свежа, лимонова жичка во воздухот. Прекривката на каучот беше растегната на него како јагнешка кожа на стар, но добро сочуван тапан. Шолјите со позлатена линија беа симетрично поставени околу чинивчето со домашни колачиња, поставено во центарот на масата како Сонце. Имаше девет, како и планети, за секоја од гостинките по три. Ѝ се допаѓаше кога нештата беа убаво сервирани, за другите. Беше важно што мислат другите. Токму поради тоа, кога куќата ѝ беше најчиста, често седеше на еден стол во аголот на собата, уживајќи во беспрекорноста, како нејзин роб.
Тој ден, едно конче се имаше исперчено на работ од ненабореното чаршафче. Тетка Вера го забележа дури откако гостинките седнаа. Почна да се поти и да им се смешка. Се обидуваше погледот да не го издаде кончето на гостинките, но во истиот момент го забележаа и тие.
Молк.
Минутите додека го сркаа кафето врвеа како старици. Најпосле, гостинките си заминаа смуртени. Тетка Вера, вознемирена, конечно успеа да го отсече кончето со ножички. „Што ли ќе си помислат“, се загрижи, „морам да излезам по нив, пусто конче!“
Излезе надвор, божем до продавница. Сите сосетки беа излезени пред портите од дворовите и ја гледаа со осуда во очите. Таа влезе во продавницата божем нешто купува. Потоа излезе и еден камен ја погоди во грбот – тетка Добре. Тетка Софија ја мавна со вториот, а потоа и тетка Марга и сите останати жени од улицата, сите до една ја каменуваа.
Тетка Вера скокна од сонот препотена. Цела ноќ седеше на столот во аголот на собата.
Едно конче се перчеше над чаршафот среде ноќта, во беспрекорната куќа.
Извор:Окно.мк