Викендов ќе се случи метеорски дожд
— 11 август, 2017
Персеидите претставуваат метеорски дожд кој секоја година се случува во август. Пикот на метеорскиот дожд ќе биде во ноќта меѓу петок и сабота.
– Персеидите се веќе активни, и ќе можат да се набљудуваат до 24 август. За жал, Месечината ќе го осветлува небото цела ноќ, но тоа не би требало да претставува препрека за набљудување на посјајните метеори – пишува во најавата од Скопското астрономско друштво.
Најпопуларна локација од каде што македонските граѓани во голем број ги проследуваат Персеидите е езерото Козјак, но некои одат и на Кокино.
Според Скопското астроносмко друштво за да видите што повеќе метеори, ноќта овој петок кон сабота, препорачливо е да одите на место кое е подалеку од градовите, бидејќи таму небото е потемно.
– Свртете се кон североисток и побарајте го соѕвездието Персеј, според кое е именуван метеорскиот рој, бидејќи тука се наоѓа радијантот – точка од која привидно извираат метеорите – препорачуваат од Скопското астрономско друштво.