„Со љубов“ ја расплака публиката во Сараево
— 18 август, 2017Македонскиот документарец на Илија Цветковски насловен „Со љубов“ е вистинска приказна за страста и за љубовта. Тоа е приказна за Дионис, професор по биологија во средно училиште, чија пасија се старите автомобили. Дионис е топол, едноставен, прекрасен човек што ужива во олд тајмерите, кои го прават среќен и задоволен, а тоа се одразува и на целиот негов живот и односот кон сите во семејството, на училиште или со соседите од кои најчесто и ги купува старите автомобили. Од таму и идејата на Илија Цветковски, на кого Дионис му бил професор и кој ги купил старите автомобили и на неговиот дедо и на неговиот татко. Но, како што вели, како човек го запознал дури низ процесот на работа на овој филм.
Дионис е некако заразен со таа своја пасија и среќа која зрачи од него, со радоста во малите нешта кои на неговиот живот му даваат смисла, со целото она задоволство кога ќе пронајде некој нов автомобил, што по секоја цена сака да го има. Интересно е дека сценаристите Илија Цветковски и Атанас Георгиев прават еден непретенциозен портрет, напротив, многу едноставен и реален, па сепак натопен со љубов, од страна на Дионис кон автомобилите, а од страна на авторите на филмот кон овој добар човек полн со ентузијазам, позитивен, радосен и обземен со својата идеја во Неготино да направи Музеј на стари автомобили.
И иако се изгледа толку неверојатно и невозможно, Дионис успева да дојде до завидна бројка од 107 автомобили и со својата едноставност и занесеност да ги понесе и другите, и да ја направи својата замисла возможна. Цветковски го следи неговиот живот на училиште, со неговиот клас, кој на крајот кога ќе се пензионира ќе му го дадат највредниот подарок, го следи дома, во разговорите со неговата жена, слаткарката Грозданка Пашлакова, која и покрај се, има разбирање за таа негова пасија, го следи во разговорите со соседите, со луѓето од кои сака да купи автомобили. Сето тоа е многу симпатично, едноставно, па и сиромашно, но преполно со срце, што му ја дава човечноста и хуманоста кои никого не можат да го остават рамнодушен.
Така беше и на проекцијата во мултиплекс салата во Сараево, каде што публиката реагираше извонредно и со многу емоции. Првиот гледач кој се јави во разговорот по проекцијата, рече дека ова е најдобар документарец кој го видел и дека Дионис е еден фасцинантен карактер. Тука беа и извесни Еди и Алма, човек кој има иста пасија како и Дионис, кого имал можност да го запознае и е одушевен од него. Еди, кој рече дека плачел во текот на целиот филм, носи иста страст иако досега има само десет автомобили, но желбата му е иста како и на Дионис, сака во Сараево да отвори музеј на стари автомобили.
Филмот пред публиката во Сараево го претставија режисерот Илија Цветковски, косценаристот, продуцент и монтажер Атанас Георгиев и еден од снимателите, Самир Љума. Филмот завршува со песна посветена на Дионис, за што имаше интерес и прашања од страна на публиката, па Георгиев објасни дека станува збор за македонската група „Фолтин“, која е позната и во регионот, и која ја прави специјално оваа оригинална песна за филмот. Како што беше најавено, македонската премиера ќе се одржи на 19 август, односно во сабота на отворањето на фестивалот „Македокс“. Да потсетиме дека „Со љубов“ годинава е единствениот македонски филм кој се бори за „Срцето на Сараево“.
Синоќа на фестивалот во летното кино беше доделено и второто „Почесно Срце на Сараево“. Годинава оваа награда ја доби познатиот монтипајтоновец Џон Клиз, кој предизвика овации и, се разбира, смеење, играјќи си со доаѓањето и поклонувањето на сцената со директорот Мирсад Пуриватра, а подоцна и со преведувачката, шегувајќи се и зборувајќи неразбирливо. Тој рече дека е многу почестен што ја добива оваа награда во друштво со Роберт де Ниро, Мартин Скорсезе, Стивен Фрирс, но за себе вели дека не ја прифатил наградата како актер, туку пред се, како комичар сметајќи дека комедијата ни е многу потребна во овие кризни времиња во кои живееме.
Џон Клиз е најпознат по својот придонес во култната серија „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“, како и филмовите: „Монти Пајтон и Светиот грал“, „Брајановото житие“ и комедијата „Рибата наречена Ванда“, која по врачувањето на наградата беше прикажана пред сараевската публика. Џон Клиз има дури 150 улоги и два бестселера, „Како да го преживееш своето семејство“ и „Како да го преживееш животот“. „Навистина сум трогнат со сите случувања овде уште додека градот беше под опсада. Извонредно е тоа што овој човек (мислејќи на Пуриватра) го направи, покренувајќи во тие времиња фестивал и вакво кино. Сигурно било неверојатно од ништо да се направи нешто и верувам дека сите сте горди на тоа“, изјави Џон Клиз примајќи го „Срцето на Сараево“.
Извор:Техт