Култура

Скопје 4102

Да можам би го избришал како никогаш да не постоел. Само се плашам дека ќе се види дека сум бришел.Со мала гумичка од врвот на моливот, со кој ги решававме задачите во петто одделение. Ќе погрешиш, па ќе избришеш, а гумичката лоша, па останува одоздола трага дека си пробал да ја решиш и пак не ти искочило точно, па си пишел и бришел. Листот на крајот не личи на ништо, иако резултатот е точен.

А можеби и не треба да се брише, за да остане документ за едно време, еден период кој можеби и треба да остане како опомена. На крајот Скопје 2014-та е слика за тоа какви сме биле или какви сме станале. За тоа дека сме дозволиле или не сме можеле да спречиме. Или било премногу насилно за да може да се спречи. Или институциите и законите биле коруптивни или прекршени. Или некои чиновници потпишале документи спротивно на Законот. Или катастарот станал книга на желби. Или еден градоначалник правел што сака, а можеби не смеел. Или архитектите, пред етиката ја ставиле сопствената потреба за финансиска добит. Како и да е, сето тоа е денес впишано во проектот наречен Скопје 2014та. А тоа впишаното со еден збор се вика политика.

СКОПЈЕ 2014-та е ПОЛИТИЧКИ ПРОЕКТ. Тој има само една порака која урла од секој негов центметар стиропор / ПОЛИТИКА. Во него е впишана само политичка порака која во одреден момент и беше потребна на само една група на луѓе. Тие потрошија многу НАШИ пари да не убедат дека таа порака е наша заедничка, но таа остана само нивна. Никогаш не стана наша. Тоа е протеза која ги направи забите на Скопје да растат не во насмевка. Кога Скопје се смее , денес му се гледа тоа. Скопје денес се смее со раката пред уста , се смее онака хихихи, наместо хахахаха. Таа политика му е впишана освен како порака и како начин на кој до тоа дојде. Тој проект не подели, растажи, навреди. Тој проект ги прекрши законите, ги искриви линиите на катастарот ги навреди добрите вкусови и го воспеа стиропорот. Можеби најдобра дефиниција за ова Скопје е Неа Стиропори.

Рамбо Амадеус, кога го смисли своето име од тие две чудни кованици, сакаше и се заебаваше со надоаѓачкиот примитивизам. Оваа комбинација на антика и сахер торти е исто што и Рамбо Амадеус, само што они не се заебаваа, туку беа смртно сериозни. Кога некој не ја препознава глупоста, туку напротив ја воспева , тогаш на сите треба да ни биде страв. Глупоста патува многу далеку. Глупоста гради тркала, гради зданија каде што не смее, и пркоси на гравитацијата и се потсмева на науката. Глупоста не се плаши да биде поплавена, запалена , срушена од земјотрес. Глупоста не познава убаво и природно. Глупоста е глупава.

Скопје 2014-та го стави Скопје во опасност за која сите ние знаеме дека е реална. Буквите на старата железничка станица, иако избришани сеуште силно опоменуваат на трагедијата од 63та. Поплавите на Вардар не се легенди кои ги раскажуваат нашите родители, туку факт кој навистина се случил. Она што го видовме во Лондон кога гореше облакодерот е начинот на кој ќе горат сите наши згради во центарот врз кој е изведен зафатот наречен стиропор.

Да не должам, знам дека нема да срушиме ништо, но не сакам да прифатам.Знам дека рушењето на Скопје 2014-та ќе направи нови поделби и ќе создаде уште омраза, а сега навистина тоа не ни е потребно. Грешките од минатото треба да останат во минатото.
Но, тоа не значи дека врз него не смее да се интервенира и коментира. Не гледам зошто една идеја која е насилно впишана во нашиот град, би требала да биде оставена на мира , неказнета да ужива во сопствената форма.

Знам дека сега стручната јавност ќе рече кој си ти и со кое предзнаење нешто предлагаш кога ниту архитектура студирал не си… верувајте баш ми е гајле што ќе кажат. 11 години ги чекам нешто да кажат па не слушнав ништо. (секоја чест на првата архибригада и поединците).

Еве што јас мислам.

Симнување на сите фасади кои не ја гарантираат безбедноста од пожари. Тука пред се мислам на фасадите кои се монтирани врз веќе постоечки објекти за да се промени физичкиот изглед.

Интервенција врз новите објекти со цел да им се избрише политичкото и да им се впише граѓанското. Скопје е пред се град и треба да му се впишат градски знакови и симболи. На пример, на фасадата на МНТ треба да и се стави крокодил. Крокодил повеќе одговара со реката Вардар. На тој начин ќе се воспостави граѓански дијалог помеѓу објектот и градот.

Хуманизација на ново изградените објекти. Наместо насилната политичка порака, би впишал природа. Како гест со кој барем малку би се ублажила безмилосната сеча на дрвата низ центарот. Еве како: Италијанскиот сликар Ѓакомо Пиранеси во објекти од стариот Рим пушта да се пробие природата. На тој начин низ столбовите и ѕидовите на Скопје 2014та би се пробиле дрвја, ползавици, трева и диви и питоми костени, те брези и тополи. Сето тоа ќе допринесе да биде проголтана политиката од страна на мајката природа. А се што и припаѓа на природата, знаеме дека е добро, затоа што природата е наша Мајка.

Промена на содржината. Кој тврди дека она што еднаш била триумфална капија не може да стане голема љуљашка? Еден музеј за борба може да стане универзитет Итар Пејо, за изучување на марифетлаци. Од мостот е најубаво некој да падне, наместо да чекаме да го осудат и затворат,па да го преименуваме во мост на паднатите криминалци. Овој дел би му го оставил на Тричко , тој има најдобри идеји за соджината на преостанатите зданија.

Значи, предлагам четири потези:

1. Отстранување

2. Граѓанизирање

3. Хуманизирање

4. Пренамена

Резултат – уништување на политичката порака и враќање на насмевката на градот Скопје!

Извор: Плусинфо

Автор:

Слични статии