Култура

Ни треба хуманизам

Сите идеи, сите етики, сите права, сите религии, сите науки, сите погледи на свет, сè тоа е условено од ставрноста. Ништо од тоа не е „божјо дело“, ништо не е случајно, ништо не се јавува само од себе, туку се јавува како човекова активност и како сè друго што потекнува од човекот и овие нешта имаат човечки лик и проодна вредност. Впрочем, одамна Протагора од Абдера запишал: аntropos metron panton crematon („човекот е мерка за сите нешта“) и, всушност, ни посочил дека секогаш ни е неопходен – хуманизмот!

Денес, се чини дека нам ни треба хуманизам кој јавно ќе ги репрезентира сите позитивни карактеристики кои луѓето ги поседуваат, а кои не им се вродени, туку се стекнати низ воспитанието и образованието, кои се постигнати со свесна работа врз секојдневното етичко издигнување, кои се очитуваат низ коректниот и добар однос кон другите луѓе. Хуманизам кој ќе нè поттикнува на емпатија кон другите и, оттаму, кон безрезервно и несебично помагање на оној на кого помошта му е потребна. Ни треба оној хуманизам кој во целост го демантира и дисквалификува Плаутовиот израз homo homini lupus, употребен како детерминанта на сето човештво.

Ни треба оној хуманизам кој нè подучува дека човекот е единствена и целовита појава и дека само со своето човечко осмислување на нештата околу себе може да ја открие вистинската цел на својот човечки живот на земјата, кој, впрочем, е единствен кој го има. Денес, доминацијата и неслободата не се постигнуваат само со физички терор или со одземање на некакви просторни граници, туку тоа се прави софистицирано преку економско „задолжување“ или психолошки механизми кои вклучуваат техники на убедување и мотивирање, деморализација, инсталирање на страв, шокирање… На денешниот свет, кој наголемо има заскитано кон расчовечување и нечовечност, затоа му треба горделив и морален хуманизам кој во прв план ќе го стави Достоинството на Човекот и кој без никаков исклучок, радикално ќе го отфрли концептот дека Човекот е само „стока на пазарот“ која ја купуваат и колат, евтино како кое било друго месо. Ако некои тоа го нарекуваат „социјализам“, тогаш кратко кажано ни треба – социјализам.

Во актуелната стварност, не им треба на луѓето јаловата фантазија за „американскиот сон“ или наци-фашистичките глупости за чиста крв и раса. Не им треба безглавото трчање по златното руно, по фантоми, по демагози, по обични политички лажговци… На луѓето им требаат големи хуманистички сонувачи. Социјални и етички фантасти, кои ќе се „патокази“ кои поубава и поправедна иднина. Човештвото има потреба од големи идеи и големи зборови, кои ќе предизвикаат големи претстави што ќе ја променат стварноста. Ако тоа некои го нарекуваат „револуција“, тогаш да, ни треба Револуција!

Хуманистичкото општествено уредување кое ни е потребно е она кое, како што дефинирал Пјер Жозеф Прудон, ќе има интенција засекогаш да ја отстрани секоја духовна и материјална власт. Тоа, во вистинската смисла на зборот, би требало да биде сеопфатна солидарност на човештвото, владеење на моралните вредности со човековата свест и со општествените односи, тежнеење кон сеопшт светски мир како состојба што најмногу им одговара на човечките интереси, овозможување на слободно негување и практикување на сите благородни и доблесни вештини, занаети, уметности, научни дејности.

Хуманистичкото општествено уредување би требало да подразбира неподмитлива еднаквост пред законите, пасивно и активно право на секого при сите изборни функции, бесплатна правна помош и бесплатен пристап до правните механизми, загарантирана слобода на работа и социјална сигурност, медиумска слобода, почитување на човечкото достоинство и основните човекови права… Но, остварувањето на вистинското хуманистичко општествено уредување претпоставува високо развиен степен на морална и интелектуална интелигенција кај сите општествено организирани суштества, висока смисла и страсна љубов на сите кон слободата и достоинството и, истовремено, кон редот и работата како единствени извори на благосостојбата и сеопштата среќа. И, токму кон остварување на тие претпоставки треба веднаш да се насочиме.

Извор: Глобус

Автор:Александар Литовски

Автор:

Слични статии