Култура

Нацистичкото богатство ги прогонува германските семејства

Ретки беа оние Германци што по Втората светска војна ги пребаруваа своите богати колекции во потрага по знаци на нацистичка кражба. Приватните колекции беа недостапни за оние што сакаа да им влезат во трага на украдените уметнички дела, а сликите со неистражено потекло со децении висеа по куќите и канцелариите, приказните за тоа од каде потекнуваат биле магловити и неконзистентни или едноставно за тоа не се зборувало.

Но кога една генерација Германци почина и нејзините уметнички збирки преминаа во сопственост на следната генерација, сè повеќе луѓе со големи колекциии и со немирна совест почнаа да истражуваат што всушност поседуваат.

„Едноставно не сакам на своите ѕидови да имам украдени дела“, вели Јан Филип Ремтсма, кој пред петнаесет години ангажирал истражувачи да го испитаат потеклото на колекцијата што ја наследил од татко му, тутунскиот индустријалец Филип Ф. Ремтсма.

За да убеди што повеќе колекционери да преземат слични чекори, германската влада соопшти дека ќе ги кофинансира таквите напори, користејќи 3,4 милиони евра од државниот буџет, основајќи фонд наменет за оваа цел.

„Со овие пари ќе може да им помогнеме на луѓето кои сакаат да утврдат како некои предмети се нашле во сопственост на нивните семејства“, вели Уве Хартман, директор за истражување во германската фондација за изгубени уметнички предмети. Фондацијата ги разгледува пријавите и дава грантови во висина од дури 300.000 евра.

Јавните пари досега помогнаа да им се влезе во трагата на уметничките предмети единствено во германските музеи и библиотеки. Одлуката да се прошири потрагата е донесена во февруари, откако во станот на Корнелиус Гурлит во Минхен беше откриена цела ризница уметнички дела.

Гурлит ги наследил уметничките дела од неговиот татко, трговец со уметнички дела во времето на нацизмот. Тој купувал дела што биле одземени од еврејските домови или кои биле присилно продавани додека Евреите се обидувале да побегнат.

Хартман вели дека во тек се неколку истраги, а некои се веќе завршени. Во неговата канцеларија одамна стигнуваат пратки во кои имало уметнички предмети, за кои сопственикот што ги испратил верувал дека се украдени. Од случајот Гурлит, тоа се случува уште почесто.

„Добивме четири минијатурни слики со порака: Знаеме дека нашиот татко бил во Украина“, вели Хартман. Но, сè што можел да направи е да ги испрати назад и фотографиите од делата да ги стави на интернет страницата lostart.de, онлајн база на податоци на која се наоѓаат уметнички предмети од неистражено потекло.

Неколку години подоцна, откако во 2006 година Ремтсма ја ангажирал истражителката Силке Ројтер да ги проучи делата од неговата колекција, во истрагата се вклучила и Бетина Хорн која ја води фондацијата задолжена за колекцијата на нејзиниот сопруг, Ролф Хорн, кој починал во 1995 година.

„Тоа е долготрајна работа. Ако тоа не го заврши оваа генерација, работата ќе се пренесе на следната“, вели Хорн.

Силке Ројтер не пронашла украдени уметнички дела ниту во едната, ниту во другата колекција, иако забележала дека постојат огромни црни дупки во податоците за потеклото на многу од предемтите.

Семејната компанија „Др. Еткер“ која произведува печива утврдила дека поседува четири украдени слики, меѓу кои и „Портретот на Адрија Моенс“, насликана од Антонис ван Дајк, во 1628 година. Компанијата соопшти дека ќе ја врати сликата на Маре фон Сахер, наследничката на Жак Гудстикер, холандски трговец со уметнички дела кој побегнал од нацистите во 1940 година. Портретот бил продаден под присила и едно време бил во рацете на командантот на „Луфтвафе“, Херман Геринг, потоа бил сопственост на холандската влада, па на еден голем колекционер од Лондон, а во 1956 година го купил Рудолф Аугуст Еткер, тогашен извршен директор на компанијата „Др. Еткер“.

Потрагата по оригиналните сопственици е дел од долгиот процес на соочување со мрачното поглавје од историјата на компанијата. Тој процес го започнаа децата на Еткер, по неговата смрт во 2007 година. Еткер бил офицер во злогласните СС воени единици, во 1944 година ја наследил фирмата од татко му, исто така посветен нацист.

И додека музеите се задолжени да ги почитуваат Вашингтонските принципи, според кои музеите се должни да најдат „праведно решение“ со наследниците ако поседуваат уметнички дела што биле украдени од страна на нацистите – овие принципи не се однесуваат на колекциите на корпорациите, ниту пак на индивидуалните сопственици, а законот ги штити моменталните сопственици на украдените уметнички предмети.

Хартман, кој финансиски ѝ помага на фондацијата формирана од германската влада, наведува дека сегашната генерација е многу повеќе упатена во прашањата за реституција и подготвена да зборува за тоа.

Себастијан Нојбауер (31) вели дека се соочил со неразрешената семејна историја кога починала неговата баба. Тој и другите роднини ја наследиле сликата „Шпанска танчерка“ од Гистав Доре. Неговата баба многу ја сакала сликата и кажувала дека е тоа старо семејно богатство што го спасила кога нејзината куќа во Лајпциг била бомбардирана во 1943 година.

Но семејството на Нојбауер во писмата што бабата ги примила од нејзиниот татко за време на Втората светска војна, открила друга приказна. Таткото ѝ напишал дека сликата успеал бесплатно да ја добие во Париз.

„Јасно е дека е украдена“, вели Нојбауер. Тој контактирал со владата и со музеите, а тимот на Хартман ја поставил „Шпанската танчерка“ на страницата lostart.de. Досега никој не се јавил со тврдење дека сликата е негова.

„Мислам дека има уште многу вакви приказни за изгубени предмети што стојат во куќите“, вели Нојбауер „а над нив се надвиснала смртна тишина“.

Извор: The New York Times

Слики: øjeRum

Преземено од Окно.мк

Автор:

Слични статии