Култура

Почина сликарот Владимир Георгиевски

Владимир Георгиевски, еден од најистакнатите современи македонски сликари и професор на Архитектонскиот факултет, почина денеска на 75 годишна возраст, по тешко боледување. Последната изложба, „Страдањата на Дон Кихот“, ја реализираше минатата година во април , поставена во Музејот на град Скопје, а потоа во јуни беше претставена и во театарот „Палас“ во Париз. Изложбата беше дел од големото одбележување на 400 години од смртта на најголемиот шпански писател Мигел де Сервантес. 

„Дон Кихот е секој од нас, секој човек оди по сопствeната Голгота, а најчувствителни се креативците. Страдањата на овој познат книжевен лик се страдања на секој уметник, негова лична биографија“, рече тогаш Георгиевски, еден од столбовите на македонската современа уметност.

Во целокупното творештво на Владимир Георгиевски, човекот и неговата судбина се постојана тема, естетска провокација и креативна преокупација. Георгиевски има поминато низ неклку фази на уметничко изразување, но секогаш успешно сочувувајќи ја нагласената оригиналност. Во неговите слики, цртежи, рељефи, скулптури, театарски костимографии и сценографии се редат актери од сите слоеви на цивилизацијата: шпанскиот благородник Дон Кихот, Достоевски, Бах, Бетовен. Адам и Ева се исто така живи во опусот на Георгиевски, како и светото тројоство, драмата на распнувањето и оплакувањето. Мотивите на старите чевли, лебот, камењата, сувите лисја потсетуваат на трагите на човековото постоење.

Роден е на 1.06.1942 во Скопје, од татко Ефтим и мајка Фотка. По завршувањето на средното уметничко училиште се запишува на Академијата за ликовни уметности во Белград. Диполимира во 1958 година. Постдипломските студии ги завршува на истата Академија во класата на професор Младен Србиновиќ. Работел и како професор на Архитектонскиот факултет и Факултетот за драмски уметности во Скопје од раните осумдесетти години до почетокот на новиот милениум. Живееше  и твореше во Скопје. 

Автор:

Слични статии