Култура

Сликата на Доријан Греј е приказна за судбоносниот портрет

Филмот „Сликата на Доријан Греј”,  во кој главниот лик посакува да го сопре времето и да остане вечно млад, го прослави авторот на сликата работена за овој филм, американскиот уметник Иван Олбрајт. Најексплоатираната и омилена тема на овој сликар била распаѓањето. Затоа, приказната за судбоносниот портрет кој што немилосрдно го покажува постепеното распаѓање на портретираниот јунак во филмот, била како створена за неговиот штафелај. Премиерата на филмот, во далечната 1945 година, му донела инстант слава на овој автор, по што го паметат и денес.

Иван Олбрајт (Ivan Le Lorraine Albright) се родил пред 110 години во САД, во близина на Чикаго, а умрел во ноември во 1983 година. Творештвото на Олбрајт, неговиот реалистичен начин на претставување, но и претераноста во описот на распаѓањето и расипаноста бил основниот услов што го направил прикладен токму тој да биде ангажиран во проектот на филмот. Поканата да наслика слика, околу која се одвива главното дејствие на филмот, ја добил во 1943 година, за филм работен според истоименото дело на Оскар Вајлд, „Сликата на Доријан Греј”, во режија на Алберт Левин. Неговиот начин на сликање бил како создаден за потребите на филмот. Неговиот брат-близнак, кој исто така е сликар (како и нивниот татко), ја направи оригиналната слика со ликот на Доријан Греј, пред да почне процесот на стареење. Основната идеја во филмот е стареењето и како се носиме со тоа менување. Главниот лик во филмот, Доријан Греј, посакува наместо тој, неговиот портрет да старее што и му се остварува. На крајот на филмот, соочен со реалноста, кога сите околу него се умрени или многу остарени, а тој останал ист, ја уништува сликата на којашто портретот станува млад како на почетокот, а главниот лик умира со престарен лик речиси во распаѓање.
Оваа последна етапа на преобразбата на портретот од „прекрасна младост и убавина” во еден остарен изнемоштен набрчкан лик е насликан со многу детали. Сликата е одраз на лична филозофија на уметникот, дека во секој животен период е присутен и развојот, но и распаѓањето. После овој филм, Иван Олбрајт се стекнува со голема слава.
Олбрајт се смета како автор кој бил многу плоден за време на неговиот долг творечки живот. Живеел 86 години. Покрај сликањето работел графики и резби во што бил исто толку успешен. Во сликањето бил многу голем ситничар, и особено внимание им посветувал на деталите во неговите слики, пристапувајќи кон сериозна и детална подготовка пред секое сликање. Ќе остане забележан во историјата на сликарството по неговото реалистично претставување на распаѓање, гнилеж и расипаност. Во неговото творештво се фокусирал на неколку теми, осврнувајќи се особено на смртта, животот, на материјалното, на духовното и на ефектите на времето, како одредена рефлексија врз самото постоење. Создавал многу комплексни дела, а за тоа зборуваат и насловите кои одговараат на нивната комплексност. Авторот не им ставал наслови на неговите дела се додека тие не биле комплетни, а за тоа време тој имал неколку варијанти на наслови и тоа повеќе поетични отколку описни, пред да се одлучи за еден. На пример, „Сиромашна соба – Нема време”, „Без крај”, „Нема денес”, „Единствено засекогаш”, „Засекогаш и засекогаш без крај”.
Иван Олбрајт се школувал на Универзитетот „Еванстон“ и на Универзитетот во Илиноис, пред Првата светска војна. После војната се усовршувал на Институтот за уметност во Чикаго и кратко на Академијата за фини уметности во Пенсилванија, како и на Националната академија за дизајн, во Њујорк. Во 1927 година уметникот се населува во близината на Чикаго, кога се посветува на самопортретирање. По три години ја комплетирал серијата на портрети на кои се гледа созревање, млитави проститутки како гледаат во огледало – „Доаѓајки во светот на душата наречен Ида”. Ултрареалистичен, тој на неговите слики го претставил уништувањето на времето преку потресни, ужасни и поразителни детали. Неговата прва самостојна изложба била одржана во Чикаго истата година. Веќе следната година Иван Албрајт го создава неговото најпознато дело, „Тоа што требаше да го направам, а не го направив”. Од сликата се чувствува преплашеност, а на неа е насликана стара врата на која бил закачен венец за погреб. Ова дело било завршено во 1941 година и се смета за едно од неговите ремек дела. Бледоста, вонземската светлост и халуцинирачко множење на деталите во сликите на Иван Олбрајт пренесува една атмосфера во која што зрелоста преминува во процес на распаѓање што кај гледачот предизвикува емоции на морбидност. Неговиот портрет којшто бил користен за крајната сцена за филмот „Сликата на Доријан Греј” бил работен во текот на 1943-44 година.

Автор:

Слични статии