Култура

Најголемиот еколошки уметнички проект во Европа со 5000 дрвја

Уличниот уметник Ескиф (Escif) има намера да засади 5000 дрвја во форма на симболот за слаба батерија на планината Оливела во Италија. Уметникот се подготвува да ја создаде најголемата еколошка уметничка инсталација во Европа со живи дрва. Насловот на инсталацијата е „Здив“ и се работи за зелена визија на шпанскиот уличен уметник Ескиф, чии креации можат да се видат на локации од Монтреал во Канада, до „Дизмаленд“ на Банкси. Оваа нова инсталација претставува оддалечување од неговата работа во минатото, бидејќи нема да употребува боја и ќе покрие дел од планината Оливела, во јужна Италија, во близина на градот Сапри. Шумата во оваа планина била исечена во средината на 18-от век, што до денес предизвикува поплави во овој регион. Ескиф има намера да засади 5000 дрвја на површина од околу 120 метри квадратни, близу до врвот на планината, како еколошка интервенција што ќе биде видлива од голема далечина. Тој во моментов, преку платформата Индигого бара буџет за проектот кој треба да изнесува 30 илјади евра и да ги покрие трошоците за наводнување и транспорт на дрвата. Досега собрал повеќе од 23 илјади евра.

„Нашата цел е да се оживее планината Оливела со рамнотежа и заштита на животната средина, преку садење на најмалку 5.000 нови дрвја“, изјави Ескиф „Мислевме дека можеби треба да најдеме начин за споделување на глобална порака за освестување, која е напишана со овие дрвја“.

Дрвјата ќе бидат засадени во форма на батерија, создавајќи заедница на природните и вештачките светови. Употребата на едноставниот симбола на 21-от век, присутен на многу од нашите уреди, се чини дека е несомнено ефектна за брзо да се пренесе идејата дека треба да ја „наполниме“ нашата ослабена планета за да може правилно да функционира.

Ако кампањата на Ескиф биде успешна, во септември тој ќе засади 2.500 медитерански дабови и ќе ја исцрта формата на батеријата и уште 2.500 јавори внатре во батеријата, во форма на симболот за слаба батерија. Ако добие дополнителни средства, тој во 2019 година има намера да засади уште 2.000 јавори со цел да се „исполни“ батеријата, односно уметничкото дело. Дрвјата, се разбира, ќе се менуваат со текот на годишните времиња, менувајќи ја формата и бојата бидејќи ќе бидат оставени природно да растат.

Оние што донираат во кампањата која завршува на 15 април, можат да изберат неколку награди: можат да добијат покана да помогнат да се садат дрвјата (патните трошоците не се вклучени), можат да добијат потврда за посвојување на едно дрво, како и голем број оригинални уметнички дела. За најпосветените поддржувачи, наградата ќе биде да ѝ се вратат на природата на еден уникатен начин: донацијата од 20 илјади евра ќе му овозможи на донаторот кремираните посмртни останки да се трансформираат во живо дрво.

Преземено од Окно

Извор: Hyperallergic

Автор: