Градскиот парк во Скопје како и сите останати урбани паркови во државата мора да ја задржат својата основна функција и причина поради кои се посетуваат, а тоа е простор за мир, релаксација и рекреација. Целиот концепт на нов проширен Луна парк во скопскиот градски парк, целосно би го променил не само изгледот, туку и можностите што паркот ги нуди и ќе претставува дополнителен притисок на последното парче големо урбано зеленило во Скопје.
Во изминатиот период се повеќе јавно се дискутира за обновувањето и проширувањето на скопскиот Луна Парк на сметка на зелените површини на Градскиот парк во Скопје. Иако демантот од Град Скопје беше брз и оттаму полемизираат околу димензиите и квадратурата на забавниот парк и уверуваат дека нема значајно да се оштети зелената површина на паркот, без притоа да приложат било каков план за градба или за работа, сепак, ако го погледнеме начинот на кој градот и јавните претпријатија управуваат со урбаното зеленило последниве години, чувството на загриженост кон единствениот урбан парк е повеќе од оправдано.
Според Меѓународната федерација за паркови и рекреација, урбан парк се дефинира како отворен јавен простор на кој доминира вегетација и/или вода и е наменет за општо користење. Според City Park Alliance, урбаните паркови се динамични институции кои играат витална, но нецелосно разбрана и ценета улога за социјалната, економската и физичката благосостојба на урбаните области и нивните жители. Во трудот објавен од Шведскиот универзитет за земјоделски науки, досегашните истражувања за значењето и улогата на урбаните паркови покажале дека тие позитивно влијаат врз повеќе области и тоа: здравје и благосостојба, туризам, социјална кохезија, биодиверзитет, намалување на загадувањето на воздухот, рекреација, климатски ублажувања, заштита и уредување на водите, квалитет на живот, бизнис и урбана култура.
Урбаните паркови – јадро на урбаниот биодиверзитет
Во истражувањето објавено во списанието Landscape and Urban Planning се вели дека урбаните паркови имаат важна улога во зачувувањето на урбаниот биодиверзитет. Според истражувањето, големите по површина паркови имаат поголем потенцијал за зачувување на биодиверзитетот во однос на помалите, но големината не е решавачка за состојбата на биодиверзитетот во самиот парк – туку неговиот целосен изглед. Според Агенцијата на национални паркови на Сингапур, урбаниот биодиверзитет на повеќе начини придонесува кон поквалитетен живот во градовите така што го намалува стресот и го подобрува располoжението, помага за подобар развој на децата, ја подобрува локалната економија со тоа што домовите кои во близина имаат парк или зеленило достигнуваат повисока цена на пазарот, па дури има и големо значење за развивање на биофилија – психолошки процес на поврзување на човекот со неговата околина, со природата.
Според информациите на ЈП ,,Паркови и зеленило” во Градскиот парк во Скопје има многу ретки видови растенија од речиси сите страни на светот. Во паркот виреат Ginkgo biloba – eдинствен жив вид од речиси изумрена фамилија и џиновската секвоја (Sequoiadendron giganteum) која се смета за најголемиот жив организам во светот. Исто така, има и стотина чинари (Platanus orientalis) стари околу 100 години како и многу украсни видови: магнолии (Magnolia), јапонски цитрус (Citrus sphaerocarpa), украсен глог (Crataegus oxyacantha) и други.
Во водичот за управување и заштита на урбаниот биодиверзитет објавен од Ирскиот урбан институт се наведува дека парковите треба да бидат централно јадро на урбаниот биодиверзитет и дека од нив треба да почнува мрежата на урбани биокоридори кои би овозможувале подобри услови за живот на сите претставници на урбаниот биодиверзитет. Ова и не е така невозможно за Скопје како урбана заедница. Со оглед на релативно малата дистанца помеѓу Градкиот парк, парк-шумата Водно и паркот на природата Гази Баба, постојат одлични услови за формирање урбани биокоридори што конечно би го подобриле квалитетот на животот во градот.
Излед на новиот Луна парк; Извор:Тим Лунар
Урбани паркови – услов за квалитетно урбано живеење
Во истражување објавено во ScienceDirect, три најчести причини поради кои граѓаните ги посетуваат урбаните паркови се: релаксација, престој на отворен простор и повлекување од градскиот метеж. Со ова само се покажува дека во урбаните паркови низ државата инфраструктурните зафати треба да бидат минимални и да се посвети време на уредување на паркот во насока на причините поради кои тој се посетува. Во извештајот на Одделот за транспорт, локална самоуправа и региони на Лондон, како главни причини поради кои граѓаните не ги посетуваат парковите се наведуваат: недостаток на правилно уредување и потребни придружни објекти, загаденост со тврд отпад и отпадоци, како и безбедноста. Сите три наведени причини за непосетување се типична слика за било кој градски парк кај нас.
Најавите за нови урбани паркови во Скопје траат со години и никако не се остваруваат, а кај оние неколку нови уредени зелени површини кои би требало да се паркови, повеќе време се вложува во нивната инфраструктурна и културолошка функција, отколку во еколошката функција и претставуваат поголем еколошки проблем, поради нивниот карактер на големи потрошувачи (канделабри, фонтани, светла).
Домашни истражувања и информации за состојбата и улогата на урбаните паркови речиси и да нема, освен истражувањето: Развојот на зелениот систем на град Скопје, објавено од Лесотехнически универзитет – Софија, Република Бугарија, во кое се заклучува декa „предвидените зелени површини и нормата за задоволување на населението со нив според реални планови низ годините не се реализирани. Во последните години се натрупани штетни последици од незаконската градба, промена на намената на површините предвидени за позеленување – тоа се причините за незадоволството на жителите со зелени површини“. Град Скопје веќе неколку години го најавува креирањето на зелениот катастар преку кој би се видело очекуваното намалување на зелени површини во градот, но, за жал, таа можност се уште ја немаме.
Парковите мора да останат паркови
Градскиот парк во Скопје како и сите останати урбани паркови во државата мора да ја задржат својата основна функција и причина поради кои се посетуваат, а тоа е простор за мир, релаксација и рекреација. Целиот концепт на нов проширен Луна парк во Градскиот парк во Скопје, целосно би го променил не само изгледот, туку и можностите што паркот ги нуди и ќе претставува дополнителен притисок на последното парче големо урбано зеленило во Скопје. Телеком Арена, станбено-угостителскиот комплекс покрај кејот на Вардар и многу запуштени градилишта се дел од притисоците со кои паркот моментално се соочува, а нов голем забавен парк само ќе ја влоши состојбата. Со неговата изградба, паркот ги губи мирот и тишината поради кои е посетуван. Не само што ќе ги изгуби посетителите, туку бучавата, метежот и новите инсталации ќе влијаат и врз животот на биодиверзитетот во паркот. Тоа веќе нема да биде урбан зелен парк, туку забавен парк на отворено. Освен тоа, колку и планот за негова изградба се промовира како еколошки или безбеден за природата и самата изградба на новиот парк, присуството на тешка машинерија негативно ќе влијае врз паркот.
Скопје како метропола секако има потреба од модерен забавен парк, но не по цена на уништување на Градскиот парк. Изградба на голем забавен парк на периферијата на градот претставува попрактична идеја и од еколошки, но и од инфраструктурен, па дури и сообраќаен апсект, затоа што новиот Луна парк со себе ќе повлече и изградба на нови паркиралишта, а би се зголемил и сообраќајниот метеж.
Урбаните паркови се многу повеќе од зелени површини. Тие се критично потребни и имаат важна улога во многу области. Потребно поголем ангажман за разбирање на улогата на парковите и нивното вметнување во сите наредни планови за урбанизација на поголемите градови во државата. Дискусијата за потребата од урбаните паркови мора да биде детална и да се разгледува на повеќе нивоа. Оправдувањето на проектирањето идни големи урбани паркови мора да ги опфати сите потреби на граѓаните. Во години на се поголема урбанизација и еколошки проблеми, парковите стануваат форма на урбано „светилиште” од кое граѓаните го црпат своето физичко и психичко здравје.
Автор:Кирил Пржо
Изцор:respublica.edu.mk