Собирачи на пепел“ е роман на годината за 2016 на „Утрински весник“.
— 15 март, 2017„Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски е роман на годината за 2016 на „Утрински весник“. Одлуката за наградата е донесена од страна на петчлената жири-комисија во состав: Петар Андоновски (претседател), Гордана Михаилова-Бошнакоска, писателка, Маја Бојаџиевска, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност, Нове Цветаноски, публицист, литературен критичар и издавач, и Катерина Богоева уредничка на културната редакција на ,,Утрински весник“, а образложението за неа пред новинарите го прочита Петар Андоновски:
„Романот „Собирачи на пепел“, претставува книжевно остварување кое се издвојува според својот особен стил, дело кое е изведено во духот на едно ново писмо. Романот обработува веќе познати егзистенцијалистички теми како што се чувството на осаменост, стравот од блискоста, проблематичниот топос на домот како место на припадност, постојаната потрага по среќата и смислата. Стојановски одлично владее со приказната, тој е ненаметлив и непретенциозен во пишувањето, а структурата на неговиот текст е цврста, што придонесува романот да биде и содржински и композициски убедлив, стои меѓу другото во образложението на петчлената жири-комисија. Оваа година, книжевната награда „Роман на годината“ е доделена по 18. пат за роман напишан на македонски јазик, Паричната вредност на наградата „Роман на годината“ е 150.000 денари, а таа ќе биде доделена на посебна свеченост.