Култура

Почина легендарната Вања Лазарова

Доајенката на македонската народна музика Вања Лазарова – Димитрова, почина на 86-годишна возраст во Скопје. Лазарова беше родена на 27 април 1930 во с. Страцин, Кратовско.

„Со маки сум се родила“, „Параходот замина“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“, „Петро Петроленко“, „Многу ми го фалат бабо“,  се само дел од стотината македонски изворни народни песни што ги испеа Лазараова, чиј впечатлив глас е дел од македонското музичко наследство. Најголем дел од песните се снимени во продукција на МРТ. Потекнува од музички надарено семејство. Нејзиниот татко бил пратеник од времето на Кралството Југославија. По завршувањето на учителското училиште, станала игроорка во „Танец“. Подоцна била учителка во оркестарот „Пеце Атанасовски“ каде на своите ученици им ја пренесувала љубовта кон музиката. Вања Лазарова пеела со различни фолклорни ансамбли. Била член на ансамблот на Македонската радиотелевизија, а има настапувано и со Македонската филхармонија. Таа е првата македонска пеачка која има снимено плочи за најголемите издавачки куќи Poligram и Philips. Добитник е повеќе меѓународни музички награди.

Документарецот „Вања: Со маки сум се родила“ за нејзиниот живот и творештво, излезе пред 2 години во режија на Синиша Евтимов

Во документарниот филм „Вања: Со маки сум се родила“ за нејзиниот живот и творештво во режија на Синиша Евтимов, легендарната колешка Есма Реџепова-Теодосиевска, Златко Ориѓански и Влатко Стефановски  велат дека ваква пејачка се раѓа еднаш во сто години, дека таа е недостожна, нејзиниот глас ги содржи сите можни стилови и начини на пеење во македонската музика. Нејзиниот глас и  нејзината песна е саундтрак на најубавата Македонија и на културното наследство кое на суптилен начин ни се обраќа и ни раскажува за нашиот идентитет.

Продуцентската куќа „Трето уво“ ги издаде нејзините први три албуми: „Македонски традиционални љубовни песни“ – кој е дистрибуиран во Европа, Америка и Јапонија, „Ритмистика“ — во соработка со водечки македонски музички имиња и „Лулка“ – во соработка со американскиот гитарист Мирослав Тадиќ. Нејзиниот последен албум „Генофонија“ е во соработка со групата Нав.

Пред неполни три години, веста дека Вања Лазарова живее со скромна пензија во дом за стари лица ја вознемири јавноста.  Тогаш беа собрани илјадници потписи со барање  таа да добие национална пензија од Министерството за култура. Истата година Вања Лазарова ја доби државната награда „11 Октомври“ во областа на културата, иницирана од продуцентот Иво Јанковски, а со тоа по автоматизам и национална пензија од Министерството за култура

Автор:

Слични статии