Култура

Јубилејни 40. Денови на македонска музика

Јубилејното 40 издание на Денови на македонската музика ќе се одржи од 27 март до 13 април. Јубилејот на ДММ се поклопува со јубилејот на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) кој оваа година одбележува 70 години постоење и кој е организатор на ДММ.  Токму затоа  оваа година на Деновите на македонска музика ќе бидат  изведени голем број на македонски автори.  На 27 март во Македонската опера и балет (МОБ) во 20 часот ДММ ќе бидат отворени со концертот „Апокалиптикум“ на Драган Даутовски и неговиот син Ратко Даутовски.  Локациите кадешто ќе се одржуваат ДММ се МОБ, Музејот на град Скопје,  Домот на Армијата и на Факултетот за музичка уметност. Најавено е учество на македонски музичари од различни генерации кои ќе изведуваат дела на домашни и странски автори, исто така од различни генерации, но и на музичари гости од странство. „Музичкиот проект ‘Апокаликтикум‘ претставува звучно патешествие до суштината на она што го нарекуваме музика. „Апокалиптикум“ ја носи пораката: Човекот треба најпрвин да е во хармонија со самиот себе, со припадниците на својот род и се што го слави животот, за потоа преку дадената можност (живот) да ужива во божествената хармонија на просторот – космосот“, посочува меѓу другото Драган Даутовски, ќе свири на окарина од стакло, на кавал од стакло и на тамбура.
Претседателот на СОКОМ Сони Петровски потсети дека „’Деновите на македонска музика’ се најзначајна и централна манифестација за македонското творештво и македонските композитори“, но и укажа дека годинава е планирана богата и атрактивна програма со многубројни изведби на творештво од домашни автори.
Селекторот на програмата, Јана Андреевска, оваа година имала задача да одбере автори кои ќе бидат претставени на на ДММ, кои биле членови на СОКОМ, а не се веќе меѓу живите. „Има голем број на автори од постарата генерација, од основоположниците на современата македонска музика, како Гајдов, Прокопиев, Скаловски и т.н. автори од втората генерација како Зографски, Прошев, Властимир Николовски, па се’ до најмладите автори.  И покрај сите усилби не било можно сите да бидат вклучени со своите дела опради ограничените термини за концерт како и неможноста да бидат изведени делата опради немање на соодветни ансамбли за нивна изведба.

Активностите за одбележување на двата јубилеја ќе  продолжат во текот на целата година и овие дела ќе бидат изведени на низа други концерти на кои ќе бидат изведени овие дела, особено оние од конкурсите на Министерството за култура“. Концертот на ансамблот „Контемпора“ е  целосно посветен на младите домашни композитори наградувани на конкурсите на Министерството за култура, концертот на Биг бендот на Здружението на џез-музичари и слободни уметници, концертот на акузматична музика со танцов перформанс, концертот по повод 80-годишнината од раѓањето на композиторот Благој Цанев во изведба на камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, концертот на Камерниот мешан хор „Проарс“.
Годнава на програмата се и концертите на Гудачкиот квартет „Антарја“ од Полска со изведба на дела од композитори од Србија, Словенија, Хрватска и Македонија, на ансамблот „Нуове музике“ од Италија со солистите Луиџи Скифано и Благој Нацоски. Овој ансамбл ќе изведе дела од македонски автори како и делото „Седум песни за светлината и прашината“ од италијанскиот композитор Анџело Инглезе со стихови од поетот Никола Маџиров. Планирани се и концертите на ансамблот „Хоризонте“ од Германија, на Македонската филхармонија со ретроспективна програма каде што ќе бидат изведени и дела на Мајкл Бакрнчев, Тома Прошев, Кирил Македонски и Ристо Аврамовски. На 40. „Денови на македонска музика“ ќе бидат одржани и неколку работилници, предавања и презентации. Влезниците за концертот на отворањето ќе чинат 400 денари, додека останатите музички настани ќе можат да се проследат бесплатно.

Од СОКОМ соопштија и дека ДДМ се организирани во соработка со Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Факултетот за музичка уметност, а соработуваат и со странски фондации кои го помагаат гостувањето на ансамблите од други земји.

Автор:

Слични статии