Баклава – најпопуларен сладок десерт на Балканот
— 10 март, 2017Потребни состојки за домашна баклава тепсија број 40.
- 7 жолчки
- 1 цело јајце
- 1 чаша млеко
- 1 чаша масло
- 1 прашок за печиво
- 500 грама ореви
- 300 грама путер
- густин
- брашно
- малку сол
Шербет
- 1,8 кг шеќер
- 1,5 литар вода
Ги мешаме жолчките, едното јајце, млекото и маслото, прашокот за печиво а потоа постепено додаваме брашно се додека не добиеме меко тесто кое не се лепи. Го оставаме да отсои 15-тина минути, а потоа го ситниме во мали топчиња, малку поголеми од орев во лушпа. Топчињата од тесто ги ставаме во намрстен плех и ги покриваме со најлон за да не се сушат додека ги сукаме корите.
Најпрвин топчињата тесто ги расукуваме со попрскување на густин, со големина од пречник 20-30 см и ги тргаме на страна. Кога ќе направиме пет кори ги ставаме една врз друга и од нив расукуваме една кора со големина колку ни е тепсијата. Рецептот овде е за тепсија број 40.
Кога ќе ги расукаме половината од топчињата ставаме фил од толчени ореви и продолжуваме со иста постапка. Ако сакаме да ставиме фил на два пати, тогаш топчињата тесто ги поделуваме на три дела, па ставаме фил после првата третина од расуканите топчиња, и потоа после втората третина. Така ги расукуваме сите топчиња тесто. Кога е готова балкавата ја сечеме. Го топиме путерот и ја попрскуваме баклавата. Потоа ја ставаме да се пече. Првите 15 минути на 200 степени, а потоа намалуваме на 150 степени. Балкавата е печена кога ќе има еден прст празен простор помеѓу тепсијата и баклавата.
Шербетот којшто не треба да биде врел, се става на оладена баклава.