Уметници реагираат на изборот за учество на Венециското биенале
— 15 февруари, 2017Авторката Пандора Апостолоска-Саздовска, Сашо Саздовски, комесар на проектот и Златко Теодосиевски, куратор на проектот „Загуба“, со кој конкурираа за заеднички настап на 57-то Венециско биенале, јавно реагираат по одбивањето на нивното дело од комисијата при Министерството за култура, а веќе упатија и жалби до државната комисија поради неосновано одбивање на нивната апликација. Делото „Загуба“, дел од проектот „Долг. Гласен. Молк.“, се занимава со мигрантската криза, која е во фокусот на интересот на уметницата, а наедно е и една од темите на Биеналето.
За сериозна критика е игнорирачкиот однос од комисијата при Министерството за култура со неразгледувањето на проектот „Загуба“ за учество на Венециското биенале, кој наедно е единствениот проект што ги третира сириската и мигрантската криза– За сериозна критика е игнорирачкиот однос од комисијата при Министерството за култура со неразгледувањето на проектот „Загуба“ за учество на Венециското биенале, кој наедно е единствениот проект што ги третира сириската и мигрантската криза, особено што таа се случуваше на македонско-грчката граница. Како ликовен уметник повеќе години работам на таа тема, но и на активистички јавни проекти, кои воопшто не се земени предвид од комисијата, што укажува дека тие недоволно или воопшто не ја следат македонската ликовна сцена – вели Апостолоска-Саздовска.
Таа подвлекува дека во соопштението на годинешното Венециско биенале, Кристин Масел, главниот куратор, порачува: „Во еден свет полн со конфликти и удари во кој хуманизмот е сериозно загрозен, уметноста е најскапоцениот дел од човечкото суштество. Тоа е идеално место за размислување, за индивидуално изразување, за слободата и основните прашања. Тоа е ’да’ на животот, иако понекогаш ’но’ лежи зад себе. Повеќе од кога било улогата, гласот и одговорноста на уметникот се од суштинско значење во рамките на современите дебати.“
– Во таа насока проектот на Томе Аџиевски, избран од комисијата при Министерството за култура, не ги исполнува условите од хуманистичка гледна точка, што е главно барање на биеналето, а во однос на неговата биографија активистичкиот поглед не постои бидејќи сѐ што видовме од уметникот Томе Аџиевски последните години е само послушност – вели уметницата.
Во жалбите до државната комисија на Министерството за култура укажуваат на материјална повреда на општите приоритети и условите што треба да ги исполни учесникот при извршениот избор на наведениот конкурс.
– Во општите приоритети наведени во пријавата за конкурсот, покрај другото, категорично се бара „проект/изложба што третира одредени современи појави и тенденции и има проблемски, тематски, стилски или тековни толкувања на модерната и на современата македонска уметност, со автори што ја профилираат современата македонска сцена, и кој е по предлог од стручни и етаблирани лица од областа (куратор, комесар и други стручни соработници.“ Тие се еден вид гаранција за квалитетот на предложениот проект… Оттука и јас се јавувам како комесар на проектот, односно како ликовен уметник со долгогодишен стаж во македонската и меѓународната уметност – наведува Сашо Саздовски во жалбата.
Според него, во избраниот проект како комесар се јавува нестручно и уметнички некомпетентно лице.
– Тоа лице денес е директор на Дирекцијата за култура и уметност на градот Скопје, организација што се занимава со организирање концерти, приредби, манифестацијата „Скопско лето“ и слично, но не и со сериозни проекти од областа на визуелните уметности – додава Саздовски.
Сликарката Апостолоска-Саздовска, пак, во жалбата наведува дека е неосновано одбиена по две основи.
најзначајниот сегмент, кој воопшто не е разгледуван од комисијата, е значењето и важноста на делото „Загуба“– Не е точно дека не ги исполнувам условите, се бараат најмалку пет самостојни изложби во реномирани музеи или галерии во Македонија и во странство. Според мојата приложена биографија, имам активна, континуирана и вредносно потврдена дејност, со точно 20 самостојни и над 40 групни изложби, интернационални симпозиуми за современа уметност и учество на интернационални уметнички конференции, во земјата и во странство. Но најзначајниот сегмент, кој воопшто не е разгледуван од комисијата, е значењето и важноста на делото „Загуба“ – вели таа.
Златко Теодосиевски, историчар на уметност, куратор и виш кустос во Националната галерија на Македонија, кој е куратор на проектот, пак, во поднесената жалба истакна дека условот да бидат вклучени „стручни и етаблирани лица од областа (куратор, комесар и други стручни соработници)“ е исклучително важен, но дека не е испочитуван при изборот на проектот на Аџиевски.
во избраниот проект како куратор се јавува целосно нестручно, некомпетентно и уметнички необразовано лице, по професија филозоф, професор по филозофија на УКИМ– Се јавувам како куратор на проектот „Загуба“, како историчар на уметност, критичар и куратор со 40-годишен стаж во македонската и меѓународната уметност. Во мојата кариера веќе сум имал македонски проект, „Интегрализам“ за Биеналето во Венеција во 2003 г., со македонската уметница Жанета Вангели. Од друга страна,во избраниот проект како куратор се јавува целосно нестручно, некомпетентно и уметнички необразовано лице, по професија филозоф, професор по филозофија на УКИМ… Таквиот „куратор“, прво, не ги исполнува основните услови на конкурсот и, второ, никако и никогаш не може да биде компетентна, стручна гаранција за проектот, на начин како што тоа го бараат пропозициите на Министерството за култура – вели Теодосиевски.
Со жалбите тие бараат поништување на изборот и повторно разгледување на поднесените пријави.
Инаку, во декември, Министерството за култура објави дека македонски претставник на Венециското биенале на уметноста ќе биде Томе Аџиевски со делото „Red Carnival“ (Црвен карневал). Според комисијата (Викторија Васева-Димеска, Станко Павлески и Жанета Вангели), проектот на Аџиевски е соодветен одговор на темата на Биеналето, кое е насловено „Вива арте вива“.
За учество на годинашното биенале конкурираа македонските уметници: Жарко Башевски, Јасна Богдановска, Марија Павловска, Зоран Поповски, Нада Прља и Пандора Апостолоска-Саздовска. Од пристигнатите пријави, комисијата констатира дека апликациите на последните две уметници не ги исполнуваат условите предвидени со конкурсот.
Проектот на ликовниот уметник Томе Аџиевски е поднесен од Дирекцијата за култура и уметност од Скопје, комесар е Мирко Стефановски, а куратор е Бранислав Саркањац.
Извор: Нова Македонија