На 67. Берлинале 18 филма ќе се борат за главните награди
— 2 февруари, 2017Две македонски копродукции ќе бидат прикажани во програмата Панорама на 67. издание на Берлинскиот филмски фестивал, што ќе се одржи од 9 до 19 февруари. Во натпреварувачката програма од вкупно 24 филма, селектиранис е 18 кои ќе се борат за главните награди, „Златна и Сребрена мечка“. Во овие филма се најдоа: романско-германско-француската копродукција „Ана, љубов моја“ од Калин Петер Нецер, германскиот документарец „Беус“ од Андрес Фиел, јужнокорејскиот „Сам на плажата, ноќе“ од Хонг Сангсу,, американскиот филм „Вечерата“ од Орен Муверман, францускиот „Џанго“ од Етиен Комар, бразилско-португалскиот „Жоаким“ од Марсело Гомеш, копродукцијата „Фелиците“ од Алан Гомис, португалско-француското остварување „Коло“ од Тереза Вилаверде, кинеската анимација „Имај убав ден“ од Лиу Џијан, германско-норвешкиот „Светли ноќи“ од Томас Арслан, копродукцијата на Јапонија, Хонгконг, Тајван и Германија „Господинг Лонг“ од Сабу, британскиот „Забавата“ од Сели Потер, копродукцијата „Спур“ од Агњешка Холанд, француско-германско-ирскиот филм „Враќање во Монтук“ од Фокер Шлундорф, унгарскиот „На тело и душа“ од Илдико Енједи, финско-германскиот „Другата страна на надежта“ од Аки Курисмаки, копродукцијата „Фантастична жена“ од Себастин Лејло и австрискиот „Див глушец“ од Јозеф Хадер.
Надвор од конкуренција, пак, ќе се прикажат: шпанскиот „Барот“ од Алекс де ла Иглесија, британскиот „Т2 Трејнспотинг“ од Дени Бојл, индиско-британскиот „Куќата на Вецерој“ од Гуриндер Чадха, француско-белгиската копродукција „Бабицата“ од Мартин Провост, британско-францускиот „Последниот портрет“ од Стенли Туци и американскиот „Логан“ од Џејмс Манголд.
Претседател на интернционалното жири, кое ќе одлучува за главните награди е холандскиот режисер и сценарист Пол Верховен. Останатите членови се: продуцентката од Тунис Дора Бучуча Фурати, американската актерка Меги Гиленхал, исландскиот уметник Олафур Елијасон, актерот и режисер од Мексико Диего Луна, германската актерка Јулија Јенч и режисерот и сценаристот од Кина Ванг Куанан. Покрај натпреварувачката, од позначајните програми на Берлиналето се и Берлинале специјал, Панорама, програмата на краткометражните филмови, како и програмите Форум, Генерација, Перспективи на германското кино и ретроспектива.
Годинешниот Берлински филмски фестивал ќе го отвори филмот „Џанго“, режисерско деби на Етијен Комар. Филмот е приказна за познатиот гитарист и композитор Џанго Рајнхарт и неговиот лет од окупираниот од Германците Париз во 1943 година. Иако овој извонреден гитарист со својот инструмент успевал да допре до срцата на луѓето, сепак, како дел од народот Синти, неговото семејство било малтретирано и прогонувано од нацистите.
„Кога денот немаше име“ на режисерката Теона Стругар Митевска премиерно ќе биде прикажан на 67. Берлинале, во програмата Панорама на 14 февруари. Овој македонски проект е реализиран во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со копродуцентите „Вертиго“ од Словенија и „Ентре Шиен е Луп“ од Белгија, како и со поддршка на Агенцијата за филм на РМ и „Еуримаж“. Во истата програма ден претходно ќе биде прикажан и играниот филм „Реквием за Госпоѓа Ј“, деби на режисерот Бојан Вулетиќ, копродукција помеѓу „СЕЕ Филм Про“ од Србија, „Геополи Филм“ од Бугарија и „Скопје Филм Студио’ од Македонија.