Култура

Златен Глобус: филмот „Ла Ла Ленд“ победи во седум категории

 Рекордни седум награди доби мјузиклот „Ла ла ленд“ во неделата вечерта на 74. доделување на „Златен глобус“. Овој иновативен и необичен мјузикл на младиот Дамиен Шазел (31 г.) му ги донесе наградите за режија и за сценарио, „Златниот глобус“ во категоријата најдобар мјузикл или комедија, потоа награди за двајцата главни актери, Ема Стоун и Рајан Гослинг, како и за најдобра музика и оригинална песна „Градот на ѕвездите“ и за оригинална музика за Џастин Харвиц. „Колоритниот и со џез-елементи ‘Ла ла ленд‘ доминираше меѓу останатите номинирани филма и се запиша во историјата на филмот со освоени седум „Златни глобуси“, бидејќи ова не му успеа ни ниту еден филм. Од 1979 година ниту еден филм не добил повеќе од четири ’Глобуси’, а во споменатата година крими драмата ’Миднајт експерес’ прими шест „Златни глобуси“, што претставуваше претходен рекорден број награди. Актерот Рајан Гослин наградата му ја посвети на починатиот брат на својата партнерка, актерката Ева Мендес. „Додека пеев, играв и свирев на клавир, што е едно од најубавите искуства кои сум ги имал во животот, Ева се грижеше за нашата ќерка, носејќи го нашето второ дете и помагајќи му на својот брат да го победи ракот“, истакна Гослинг во емотивниот говор.

Филмот „Мунлајт“, пак, го доби „Златниот глобус“ во категоријата најдобра драма, a со наградата за најдобар актер во оваа категорија се закити Кејси Афлек за „Манчестер покрај морето“, додека „Златниот глобус“ за најдобра актерка во категоријата драма ја доби француската актерка Изабел Ипер за „Таа“ на режисерот Пол Верховен. Филм што доби и награда за најдобро остварување од неанглиско говорно подрачје.

Наградите за споредните улоги отидоа кај Арон Тејлор-Џонсон за „Ноќни животни“ и кај Виола Дејвис за „Огради“, додека „Зоотопија“ победи во категоријата за најдобар анимиран филм. Актерката Мерил Стрип, 30 пати номинирана и осум пати добитничка на „Златен глобус“, на церемонијата на доделувањето, ја прими наградата за животно дело.

Во телевизиските категории, пак, „Ноќниот менаџер“ освои три награди во категориите: главна машка улога во мини серија или тв филм за Том Хидлстоун, како и споредна машка за Хју Лори и споредна женска улога за Оливија Колман. Притоа, три серии освоија по две награди и тоа: „Атланта“ го доби „Златниот глобус“ за најдобра комедија или мјузикл, како и за најдобар актер во истава категорија што ја доби Доналд Гловер. Серијата „Круната“ jа доби наградата за најдобра телевизиска драма, а актерката Клер Фој , „Златниот глобус“ за најдобра актерка во категоријата телевизиска драма. Серијата „Народот против О. Џеј Симсон“ е прогласена за најдобра мини серија или телевизиски филм, која и’ ја донесе на Сара Полсон наградата најдобра актерка во мини серија или телевизиски филм. За најдобар главен актер во драмска серија е прогласен Били Боб Тортон за „Голијат“, а најдобра главна актерка во комедија или мјузикл е прогласена Трејси Елис Рос за „Блек-лиш“. „Златен глобус“ се смета за втора најугледна награда во Холивуд.

Мерил Стрип го искористи говорот на доделувањето на наградата „Сесил Б. Демил“ во кој го критикуваше новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп кој исмевал новинар-инвалид на „Њујорк тајмс“ во 2015 година. Таа предупреди дека слободниот печат треба да се брани. Стрип водеше кампања за Хилари Клинтон на ланските избори. Некои конзервативни коментатори веднаш ја критикуваа нејзината одлука што толку живописно ја внесува политиката во шоуто. Но, присутните искрено аплаудираа на нејзините коментари, во кои имаше молба да се поддржи Комитетот за заштита на новинарите. „Тој инстинкт за понижување, кога е моделиран според некој од јавната платформа, од некој моќен, се филтрира надолу во животот на секого, бидејќи тоа на некој начин дава дозвола други луѓе да го прават истото“, рече таа. „Непочитувањето повикува непочитување, насилството поттикнува насилство. И кога моќните ја користат нивната позиција да малтретираат други, сите губиме“, додаде таа.

 

 

Автор: