Возобновен e манастирскиот комплекс „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид
— 26 октомври, 2016Возобновен е еден од најзначајните средновековни споменици во Република Македонија, манастирскиот комплекс „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, комплекс кој спаѓа во најрепрезентативните споменици на византиската уметност во светски рамки. Работите на проектот за конзервација и ревитализација на храмот и на придружните објекти се спроведуваа во изминатите седум години со финансиска помош од Амбасадата на САД во висина од 650 илјади долари.
Kонзерваторскитe зафати се изведени според највисоки конзерваторски стандарди и со примена на најсовремени техники и материјали. Поставени се: нов покрив и нов дренажен систем, заменeти се дотраените градежни елементи, обновена е фасадата, реставрирани се камбанаријата и конаците и направена е конзервација на живописот во црквата.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска искажа задоволство што со овој проект се реализираат заедничките заложби за зачувување на „Света Богородица Перивлепта“ како свето место длабоко впишано во македонската културна и духовна историја.
– Уверена сум дека овој манастирски комплекс од 13 век, кој е збогатен и со галеријата на непроценливите охридски икони од 11 до 19 век, ќе биде исклучителен придонес за промоцијата на нашето културно наследство, кое е еден од главните атрибути за препознатливост на Република Македонија во меѓународен контекст – рече Канческа-Милевска, истакнувајќи дека и во иднина ќе продолжи реализацијата на проекти за зачувување на непроценливото културно наследство на државата, на културниот развој и на туристичката промоција на Република Македонија.
Амбасадорот на САД Џес Бејли истакна дека овој проект е еден од најголемите и најважни од многуте слични зафати што САД преку својот Амбасадорски фонд ги спроведуваат во повеќе од 125 држави во светот.
– Мошне сме горди што на овој начин придонесуваме за зачувувањето на ваквите богатства за следните генерации да можат да уживаат во нивната убавина. САД во моментов поддржуваат 13 слични проекти од Гевгелија до Кокино, од Кратово до Тетово.
Наша решеност е да и помагаме на Македонија во зачувувањето на извонредниот диверзитет на богатото културно наследство и да придонесеме за негова промоција како светско културно богатство – истакна Бејли, заблагодарувајќи се на сите институции и поединци вклучени во овој проект.
Митрополитот дебарско-кичевски, владиката Тимотеј, од името на верниците и свештенството, се заблагодари за донацијата на американскиот народ за заштитата на црквата „Света Богородица Перивлепта“, за изведените археолошки, архитектонски и конзерваторски зафати и делумно за изградбата на помошниот објект.
– Со овој потфат го оставаме храмот на идните наши поколенија и потврдуваме дека сме народ кој знае да цени, вреднува и заштитува секакво општо културно богатство кое припаѓа на македонскиот народ и на севкупната светска културна јавност -рече владиката Тимотеј.
Проектот за конзервација и ревитализација на храмот „Света Богородица Перивлепта“ и на придружните објекти во рамките на комплексот се спроведуваше во изминатите седум години со финансиска помош од Амбасадата на САД во висина од 650 илјади долари.
Во комлексниот и сложен процес на конзервација учествуваа седумдесетина стручни лица од Заводот и музеј Охрид и од Националниот конзерваторски центар од Скопје, со стручна поддршка од странски експерти предложени од УНЕСКО и од Советот на Европа.