Култура

Промоција на ново списание за филм, „Филм плус“

„Филм плус“ е првиот филмски месечник во Македонија , списание коешто ќе биде претставено на јавноста на промоцијата што ќе се одржи во понеделник, 17 октомври во кафулето „Менада“ со почеток во 20 часот, во Старата скопска чаршија. „Филм плус“,  затоа што  темите се поврзани со филмот но и нешто повеќе. Вакво списание недостигаше со години и  беше потребно да се појави во Македонија, списание што го  посакуваа сите оние кои сакаат да бидат или се веќе дел од филмот, стои во информацијата испратена до медиумите од страна на редакцијата на „Филм плус“.

На 48 колор страници, првиот број на „Филм плус“ донесува најмногу теми поврзани со македонскиот филм. Во „Филм плус“ има рецензии за најактуелните филмови, во него се промовирани нашите млади таленти, има разговор со филмски работници чија професија најчесто не е во прв план, а донесува и репортажа директно од филмскиот сет. „Филм плус“ ќе се обиде да придонесе кон позитивни промени, пред се, со објективни, аргументирани, но „жестоки“ текстови. Нашата цел е да бидеме афирмативни, но истовремено и субверзивни, да зборуваме за она што е добро и она што е лошо. Да се обидеме да ги вратиме или да ги воведеме вистинските критериуми кон нештата. Познато е дека зачмаената средина не води никаде, „Филм плус“ ќе се обиде да не го дозволи тоа“, пишува во воведникот Сунчица Уневска, која заедно со Влатко Галевски  се уредници на овој македонски филмски магазин.

„Филм плус“ во првиот број донесува најмногу теми поврзани со македонскиот филм. Иако интенцијата беше да се направи македонски филмски месечник, сепак, никој, па дури ни авторите, не очекуваа дека ова издание со 48 колор страници ќе биде речиси целосно исполнето со македонски филмски содржини. А излезе дека навистина има за што да се пишува и дека македонската кинематографија, и покрај се, е една жива и пулсирачка средина во која и тоа како има потреба од едно вакво списание, стои во воведникот на Уневска во „Филм плус“.

„Филм плус“ ќе се дистрибуира во цела Македонија, а на продажните места ќе се појави веќе на 18 октомври. Целта на „Филм плус“ е да воведе и да се претвори во традиција, со која ќе придонесе кон движење и менување, не само во поглед на македонската кинематографија, туку и во поглед на односот кон филмската уметност воопшто, а најмногу кон критичната опсервација и креативна мисла, која се повеќе недостига во нашата земја.

Инаку, освен уредниците Уневска и Галевски, како соработници во „Филм плус“ се вклучени и Гордана БлажевскаВаско МаглешовТони Димков. Во првиот број има есеј од Димитрие Дурацовски. Планот е секој број да има есеј од различен автор. Дизајнот е на Златко Пармаковски. Списанието е во издание на ИЛИ-ИЛИ, а се печати во печатницата „Бранко Гапо“.

Слични статии