Култура

Научна студија за причините за малиот број осудени нацисти

Министерството за правда на Западна Германија во периодот по Втората светска војна било преполно со членови на Нацистичката партија на Адолф Хитлер, кои подоцна ги штителе своите обвинети партиски колеги, се наведува во една научна студија презентирана денеска во Берлин.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, во студијата, која била подготвувана 14 години, се наведува дека дури 77 отсто од раководните лица во Министерството за правда во 1957 година биле поранешни членови на Национал-социјалистичката работничка партија на Германија, што е повеќе и од периодот од 1933 до 1945 за време на Третиот Рајх.

–  Не очекувавме бројките на нацистите во Министерството за правда да бидат толку високи, вели за весникот „Зи Дојче Цајтунг“, Кристоф Заферлинг, кој ги истражувал досиејата на функциониерите во Министерството за правда на Германија.

Според студијата, огромниот број нацисти на раководни места во Министерството била причината за малиот број воени криминалци кои по војната биле осудени во Германија.

– Правниците од ерата на Хитлер ги криеле своите колеги и нивните злосторства и со тоа создавале нова неправда, изјави денеска министерот за правда на Германија, Хајко Мас, кој во Берлин ја презентираше студијата.

Други студии на слична тема предходно утврдиле дека во 1950 година над 70 отсто од судиите во Германија имале врски со нацистичкиот режим на Адолф Хитлер.

Студијата утврдила дека мрежата нацисти во Министерството за правда од 1949 до 1970 година имала меѓу 90 и 170 членови, кои одбивале да бидат вработувани правници кои во Втората светска војна биле во егзил или биле декларирани противници на нацизмот.

Студијата, која открива колкаво било влијането на нацизмот во модерна Германија и зошто по војната во земјата владеела колективна амнезија за злосторствата на нацистите, во 2002 година ја иницирала поранешната министерка за правда Сабине Лојтесер-Шнаренбергер.

Во судските процеси во Германија по Втората светска војна биле обвинети само околу 6.600 поранешни нацисти, што е само еден мал дел од партијата на Хитлер. Благодарение на своите партиски другари од времето на Хитлер и на комплицираните правни процеддури, уште помал број нацисти одслужиле затворски казни.

На крајот на Втората светска војна во 1945 година Национал- социјалистичката работничка партија броела осум милиони членови.

Поостра политика кон екс-нацистите Германија започнала откако најголем дел од нив починале. Во моментов обвиненија за индиректни воени злосторства се водат против неколкумина Германци на возраст од над 90 години, меѓу кои најпознат е случајот со Оскар Гронинг, кој лани беше обвинет дека го помагал Холокаустот со својата активност како книговодител во концентрациониот камп Аушвиц.

Текстот е преземен од Локално

Автор:

Слични статии