Култура

Ѓоргев – Загадениот воздух веќе не е невидлив убиец

Широка е палетата на здравствени ефекти и мислам дека аерозагадувањето е веќе еден тивок и видлив убиец и еден од првите еколошки отрови коишто се на прво место како причина за смрт, што е навистина сериозен податок, вели доктор Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Професоре, во пресрет на почетокот на грејната сезона, кога знаеме дека концентрациите на загадувачи на воздухот се многу високи, какви се вашите очекувања за оваа зима, дали ќе дишеме почист воздух?

Ние во овој период почнуваме да мислиме на аерозагадувањето во грејната сезона и самото тоа што веќе неколку години сме пофокусирани, сите субјекти, мислам дека е некакво постигнување, меѓутоа во секој случај потребни се акции за да очекуваме посериозни подобрувања. Одредени активности имало, јас овие денови и запознавам, затоа што тоа се активности и во други сектори и можеби поради тие активности можеме да очекуваме нешто помали концентрации, меѓутоа далеку од тоа дека повторно нема да имаме високи концентрации на загадување, повторно градовите, посебно Скопје и Тетово, мислам дека ќе имаат слични концентрации и не гледаме дека нешто драматично е направено за да очекуваме драматични подобрувања. Значи некои подобрувања може ќе има, но во основа главните извори на загадување, а тоа е индивидуалното греење, посебно во грејната сезона, сообраќајот, ваков каков што е и условите за сообраќај и понатаму се во таква форма и заедно со оние карактеристики кои се географски, односно геолошки, локациски на Скопје и на Тетово, значи заедно со некој природни фактори не гарантираат дека ќе имаме некои големи, големи подобрувања. Повторно ќе имаме високи концентрации, долги денови со надминат лимит итн.

Со оглед на ваквата ситуација евидентно е влијанието врз човековото здравје. Можете ли да ни објасните што ни се случува на нашиот организам?

На нашиот организам му се случува еден голем стрес. Аерозагадувањето е една материја која во последните години и децении многу е истражувана на ниво на научни институции, посебно таа релација меѓу загадувачките материи и здравјето на луѓето и тука е направен доста добар дел на научни докази кои сè ефекти може да ги има аерозагадувањето врз здравјето. Ако до пред неколку години мислевме дека само белодробниот систем е загрозен, бидејќи ги вдишуваме честичките, сега веќе има поприличен број на докази дека безмалку нема орган или систем којшто не страда од аерозагадување, од овие честички, посебно од нивниот полнеж, ако е тој органски, канцероген полнеж. Значи тоа е докажано веќе дека е канцерогено аерозагадувањето, но покрај канцерот на белите дробови, се смета дека 30 до 40 отсто од канцерот на белите дробови доаѓа од аерозагадувањето. Болестите на срцето и крвните садови, за некои за кои не сметавме дека се врзани со аерозагадувањето, сега голем дел од студиите ја покажуваат таа врска, значи околу 25 отсто од миокардниот инфаркт е поврзан со аерозагадување. Околу 35 отсто од хроничните, опструктивни болести или смртноста од тие болести повторно е врзана со аерозагадувањето. Настанува еден стрес во организмот во кој се смета дека се ослободуваат голема количини слободни радикали, се создава канцероген потенцијал, тоа е во однос на канцерот, а во однос на срцево-садовиот систем, тие честички играат улога безмалку како масти, ги затнуваат крвните садови и овозможуваат појава на хипоксија, инфарктна состојба, дали инфаркт на мозокот, па ќе се појави како мозочен удар или инфаркт на срцето, па ќе биде како срцев инфаркт посебно кај оние хронични болни. Широка е палетата на здравствени ефекти и мислам дека аерозагадувањето е веќе еден тивок и видлив убиец и еден од првите еколошки отрови коишто се на прво место како причина за смрт, што е навистина сериозен податок.

Ако ги знаеме главните извори на загадување – индустријата, сообраќајот, урбанизацијата, домаќинствата, кои, според вас, се приоритетните мерки што треба да се преземат за подобрување на состојбата? Каде треба да почнеме?

Треба паралелно да работиме на сите загадувачи. Ако зборуваме само за грејна сезона, огромен процент доаѓа од индивидуалните ложишта, и поради тоа што се исклучија од топланите и поради економската состојба, и поради неконтролираниот тип на горива, така што јас би одел паралелно. Потребни се одредени субвенции за граѓаните кои индивидуално се грејат, треба да се направи инвентар кој сè е исклучен и кој како се грее, за да се помогне куќата да дојде до енергетски ефикасни типови на греење каде што ќе се намали значително притисокот од индивидуалните ложишта. И според последните студии што ги правиме со Финскиот хидрометеоролошки институт, греењето одеднаш станува еден од најголемите проблеми на загадувањето. Исто така и сообраќајот, потребна е регулација во централниот дел на градот, а тука е и проблемот со уништувањето на зеленилото, проблем е сега како ќе се врати, тоа мора урбаното планирање да го реши. Ако зборуваме за приоритети, главниот фокус треба да биде кон греењето. Во историјата е познато, во Лондон во 50-тите години главен проблем беа тие индивидуални ложишта коишто доведоа до 4-5 илјади смртни случаи во една епизода. Кај нас во голем дел е врзано со греењето. Ние сега правиме анализи токму на таа тема, од каде доаѓа најголемиот дел на загадувањето, се покажува дека околу 50 отсто од загадувањето, особено во грејна сезона, доаѓа од греењето. Значи, греењето, сообраќајот и урбаното планирање треба да бидат во фокусот.

Автор: Владимир Калински

Целосното интервју можете да го погледнете на Радио Слободна Европа

Автор:

Слични статии