Ова е првпат по 20 години ваков вид да се најде во Преспа, и во Македонија воопшто. На листата на IUCN видот е категоризиран како загрозен. Фактори што негативно влијаат на неговиот опстанок се урбаниот развој, земјоделството, прекумерното користење на водите, нарушувањето на екосистемите и загадувањето.
Станува збор за растение кое нема корен, само стебло долго од шест до 40 сантиметри, и листови наредени во круг, кои на краевите се во форма на чашки (оттаму асоцијацијата со воденичарско тркало). Со нив растението фаќа мали водни инсекти и безрбетници, со кои се прехранува. Тоа е едно од ретките растенија во светот што е способно да изведува брзи движења. Поради нарушувањето на екосистемите, одржливи популации опстанале на само педесетина места во светот, во Европа, Африка, Азија и во Австралија.