Култура

Охрид на чекор да го загуби статусот на светско природно и културно богатство

На седницата на Комитетот на УНЕСКО, одржана оваа недела  во Истанбул, Турција, за прв пат во официјален документ на светската организација е нотирано дека охридскиот регион се соочува со опасност да биде впишан во листата на загрозени подрачја, што е само чекор до губење на статусот на заштитено подрачје, објави еколошкото движење „Фронт 21/42, на стартот од кампањата „Едно е!Вредно е!“ за зачувување на Охридскиот регион, единственото УНЕСКО подрачје во Македонија, која официјално започна од Охрид, пишува Охрид Њуз. 

-Најмногу нас не иритира дека во очи на донесување на оваа одлука на УНЕСКО во моментот се завршува финалната фаза за измена на планот за Галичица што подразбира изградба на експресен пат, ски центар и три туристички зони меѓу кои и таа на Субрата Рој. Токму за тие три проекти најмногу забелешки се дадени од УНЕСКО, дека ќе ја нарушат визуелноста, тој драматичен пад на Галичица кон езерото поради што е прогласена за природно наследство на УНЕСКО, а ние си продолжуваме со спроведување на овие проекти. – изјави Александра Бујароска од невладината „Фронт 21/42“.

Таа посочи дека Македонија има рок до февруари 2017 да ги отстрани забелешките нотирани од Комитетот на УНЕСКО.

-Мислам дека се’ уште луѓето не знаат што се планира на Галичица и околу Езерото и колку ќе не чини спроведувањето на тие проекти. Целта на оваа кампања е да се запознаат сите граѓани, бидејќи ова не е само наше богатство, туку светско културно наследство – рече Бујароска.

Во рамки на кампањата изготвени се 10.000 картички кои со потписи од граѓани ќе бидат испратени до пратениците во Собранието со барање за прогласување мораториум за штетните проекти на Охридското Езеро и во Националниот парк Галичица.

-Бараме од пратениците да се иницира расправа во Собранието со цел имплементација на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион – истакна Миа Лозановска од „Фронт 21/42.

Во рамки на презентацијата на кампањата, која освен во Охрид, ќе се реализира во повеќе градови низ земјата и Скопје, беа презентирани пораки од граѓани на светот кои ја имаат потпишано меѓународната петиција за заштита на Охридскиот регион.

Автор: Г.Момировски

Автор:

Слични статии