Македонскиот модел на културоцид
— 14 јули, 2016Уништувањето на културното наследство има своја историја и различни модалитети во зависност од времето и општествениот контекст во кое било извршено, вели претседателка на Центарот за културното наследство, Донка Барџиева Трајковска, за Либертас.
Заради далекусежните последици по човештвото и неговата историја оваа област набргу после втората светска војна е предмет на третман од УНЕСКО а во 1954 година резултира со донесување на Конвенцијата за заштита на културните добра во случај на вооружен судир (Хаг 1954).
Формиран е и Меѓународен суд за воени злосторства направени на подрачјето на поранешна Југославија (1993/94) во Хаг на кој им беше судено на бројни познати личности од воените судири на просторот на поранешна СФРЈ за извршен геноцид врз човештвото.Но, кога станува збор за другиот вид на злосторство,злосторството кон културното наследство,се уште останува нерешено прашањето кое современата херитологија го именува како културоцид.
Културоцид од голем обем се случуваше во пост-комунистичкиот период во земјите од т.н.Варшавски пакт, како и на просторот на поранешна СФРЈ,посебно во Хрватска и Босна и Херцеговина.
Во оваа прилика само да се потсетиме на бомбардирањето на Дубровник и на Стариот мост во Мостар, и двата впишани во листата на УНЕСКО како светстко културно наследство…
И покрај направените големи штети на ова поле се уште важат само препораките од Хашката конвенција,која се однесува на уништување на културно наследство во случај на војна…Во оваа смисла долго размислував дали современиот македонски случај на уништување на културното наследство и покрај историската димензија ( како изминато време за бележење) може да се третира заедно со големите диктаторски апсолутистички режими во кои од идеолошко/идентитетски причини се уништуваше културното наследство.
Сите познати диктатори „на масата делуваа со вера и чувства а не со разум,, нудејќи им нова идеологија и митологија, за набрзо да се открие дека истата била со плитки корења,зад која всушност се крие или идеологија на болен ум или криминал и корупција! Или и двете! Затоа што идеологијата е секогаш лажна и нужно оди со криминал и корупција! Заради ова последното (криминал и корупција) одлучив да го сметам во „историска рамка“ и македонскиот случај, кој за волја на вистината не е целосно лишен од лажна митологија, но затоа изобилува со криминал и корупција.
Веќе десетина години, се соочуваме со конвертирање на културното наследството, синхронизирано со конвертирање на јавниот простор како неразделно милје во кое истото било формирано и опстојувало во еден долг временски период. Овој процес започна во 2000 година со т.н обнова на Светиклиментовата црква на Плаошник, за да кулминира со проектот Ск.20014година, кој евидентно ќе продолжи до крајот на владеењето на оваа власт. Цели шеснаесет години по распадот на СФРЈ во навидум „демократски“ амбиент, се уништува/конвертира културното наследство во далеку поголем обем од оној кој го направија османлиите при конвертирањето на православните цркви во џамии и на тој начин ја обележаа територијата во однос на доминантната власт и новата вероисповед.
Во изминатиот период регистрираме и жртви на физичко уништување, најнапред со рушењето на Имарет џамија ( 2000 година ) а потоа со уништувањето на целиот локалитет Плаошник и Скопската тврдина Кале…Пред очите на експертите на УНЕСКО (а со тоа и на целата експертстка јавност) и нивните постојани укажувања, Плаошник се претвори во огромно градилиште со бројни објекти кои се во фаза на финализација.
Истото се случува со градот Скопје, со менувањето на неговиот лик, повторно пред очите на граѓаните и нивните континуирани реакции на незадоволство …се конвертираат јавни објетки со нагласен авторски печат и со статус на културно наследство заедно со нивната амбиентална средина.Што е ова ако не уништување на културното наследство и целосна агресија врз општеството? Зарем е потребен динамит за да се уништат, кога и на ваков начин веќе ги нема?
Многу често сум размислувала за тоа што после падот на оваа власт,оптимистички надевајќи се дека стиропорот лесно може да се отстрани и да се поврати нивниот оригинален изглед.Но не е така! За жал и кога тоа би се случило, Скопје никогаш повеќе нема да биде истиот град од пред десет години затоа што го нема повеќе истиот амбиент во кој опстојуваше! Ги нема повеќе старите дрвја,старите липи кои ја трансформираа аурата на градот со својот опоен мирис! Ги нема повеќе старите маала, го снема маалскиот живот кој му ја дава душата на секој град, како историска целина!
А Скопје има своја историја, имаше и своја душа,имаше и посебно пулсирање на градот токму во познатите маала (Дебар маало, Пајко маало, Маџир маало…). Сето тоа повеќе не може да се врати, како што не може да се врати Плаошник и скопско Кале! Во овој контекст,станува небитно дали е употребен динамит или стиропор и лажен мермер! Направен е злочин кон градот и кон човештвото „затоа што идентитетот е vis vitalis“ на предметите и луѓето, а за тоа за жал се свесни и уништувачите на наследството кои на другите сакаат да им го оспорат и одземат правото на идентитет,,(М. Сјекавица).
Во однос на општо прифатените пописи на човекови права, во македонскиот случај, направена е повреда на правото на идентитет кое произлегува од низа други права како што е правото на слобода на мисла, совест и вера, право на слобода на изразување, право на учество во културниот живот на заедницата…Правото на култура подразбира и право на културен идентитет,учество во културниот живот,развој и образование,нмајчин јазик, право на културно наследство и други права поврзани со културата на народите, односно заедниците.
Во последните десет години правата на граѓаните на култура и културно наследство целосно се загрозени од актуелната власт која културата и културното наследство ги присвои / анексира кон партијата и ги употреби како оружје за пропагандна цел и нивно трајно физичко уништување! Токму овој модифициран тип на злостоство, допрва треба да добие третман во меѓународното право како македонски случај карактеристичен по конвертирање/уништување на културното наследство во мирнодопски услови и ,,демократски,, општествен амбиент.
Евидентно е дека македонската стручна и граѓанска јавност не може да се справи со еден ваков чин на злосторство, во услови кога се е спакувано и законски покриено во општество во кое партијата и државата се едно и ја оневозможуваат институционалната форма на делување,затоа што ,,се е по Закон,, вклучително и уништувањето на културното наследство!
Но, зошто токму спомениците на култура се предмет на уништување? …,,Затоа што се траги на времето во просторот …секој споменик е сведок на времето и луѓето и секој може да се употреби во доказната постапка (доколку до тоа дојде) за тоа, чија е и чија била оваа земја,,( Радован Иванчевиќ, ( 1931 – 2004 ))! Да токму затоа кај нас актуелната власт врши конвертирање/уништување на културното наследство,како дел од идентитетскиот инженеринг за обезбедување доказ ,,чија е и чија била оваа земја,,!
За таа цел во изминатите години беше впрегната археологијата која требаше да обезбеди нови артефакти кои евентуално би ги негирале или во најблаг случај би ги довеле во прашање постоечките на теренот. Она што не успеа да го обезбеди археологијата, го направија сами со Ск.2014!
Затоа што нема доказ за сопственост на земја без артефакти! И тоа не било какви ,скриени во музејските витрини,туку јавни, поставени на најјавниот простор во градот, метрополата на новата славна држава чии корени секој може да ги види!А она што е останато на теренот и не одговара на нивната слика за идентитетот се конвертира/односно уништува. Пример за тоа е селективниот однос во заштитата на културното наследство и конвертирањето на наследството од претходниот/социјалистички период, паралелно со ,,бележењето на територијата,, со спомеци на Александар Велики и Филип Втори но и со нови градби во „скопски /македонски“ барок. Ова требаше да бидат „доказите“ на актуелната власт, кои повеќе внатре отколку надвор, претставуваат залог за докажување „чија е и чија била оваа земја“. За остварување на оваа цел е ангажирана огромна пропагандна машинерија, со посебен препознатлив јазик преполн со предавници и патриоти, странски платеници и злосторнички здруженија, „македонија вечна“ библиски народ…
За да го реализира овој план партијата на власт свесно го симнува нивото и наместо на граѓаните на Македонија му се обраќа на македонскиот народ, а за останатите кои се нарекуваат ,,граѓани,, ја користи етикетата странски платеници и предавници. Во оваа слика целосно се вклопува и приказната за бајачката , затоа што е познато дека доколку индивидуата се третира како дел од мноштво, се обезличува и поприма елементи од мноштвото со кое се идентификува, како колективна психологија /патологија…
Дотука се чини успешно тече приказната за лажната понудена митологија на ,,масите,,/народот чии плитки корења се видливи во брзината со која се реализирани ,,доказите,,/ новите артефакти, ,,евтиниот,, стиропор и лажниот мермер кој е адекватен на лажната историја за величина на македонскиот библиски народ,,.И можеби ефектот на лажната митологија ќе потраеше, да не се случија ,,бомбите,, кои ги открија коруптивно/криминалните дејанија на врхушката на власта, и ја разводнија лажната слика за ,,водачот,,како високо морална и чесна личност…За жал или за среќа скапата идилична приказна била многу прозаична ,затоа што конечно се откри дека цели десет години била вршена свесна манипулација со македонските граѓани за остварување на криминални зделки сокриени во идентитекси обланди, како замена за економска благосостојба, социјална правда, владеење на право и правичност.
Во оваа смисла, историската димензија на уништувањето на културното наследство добива логична завршница и потреба за осуда не само за криминалот туку посебно за направеното злосторство кон човештвото, со кое освен домашните судови би требало да се позанимава и Судот за човекови права во Стразбур.
Донка Барџиева Трајковска