Режисерот на култниот филм „Ловец на елени“ си замина како што и живееше, оставајќи зад себе многу неодговорени прашања
Мајкл Чимино (1939-2016), американскиот режисер кој го потпиша култниот филм „Ловец на елени“, почина пред една недела. Неверојатно е дека смртта на една од најпровокативните фигури на американскиот филм, која остави силно влијание на т.н. нов Холивуд, не одекна во светот, туку за тоа многумина дознаа преку социјалните мрежи. Се чини како што беше контроверзен животот, а особено кариерата на Чимино, така и замина од овој свет, оставајќи зад себе, како многу пати досега, безброј неодговорени прашања
„Ловец на елени“ од 1978 година, во кој остварија извонредни улоги: Роберт де Ниро, Џон Севиџ, Кристофер Вокен и Мерил Стрип и кој освои пет „Оскари“, беше филмот што го вивна во врвот на светскиот филм и од него направи култен автор преку ноќ. Но, како што блесна, се чини така по само две години и „згасна“ фамата околу овој автор, кога најскапиот филм дотогаш во американската историја, „Врата на рајот“ (1980), доживеа неверојатен дебакл, па дури и придонесе за затворањето на „Јунајтед артист“, затворајќи му ги речиси сите врати и тукушто отворени можности. Сето тоа што се случи со Мајкл Чимино и ваквата неверојатна и единствена кариера, направија од него мистериозна личност и автор кој можеше да направи можеби уште многу култни дела, но најголем број од нив никогаш не се остварија.
Уште еден наслов меѓу неговите седум играни филма, снимени во периодот меѓу 1974 до 1996 година, кој ја одбележа неговата кариера, секако беше „Година на змејот“ (1985) во продукција на Дино де Лаурентис. И иако овој филм предизвика реакции на Кинезите поради стереотипите низ кои се претставени во овој филм, и иако доби повеќе номинации за најлош филм на годината, за најлоша режија и сценарио, кое е направено заедно со Оливер Стоун, сепак и ова остварување успеа да заработи култен статус и да ја одбележи кариерата на Мики Рурк.
Она што е необично, кога станува збор за Мајкл Чимино, е што многу често неговите дела ги следеа вакви контроверзи, па сепак, сите на свој начин останаа запаметени. Така е дури и со „Врата на рајот“, за кој и денеска многумина мислат дека бил ремек-дело кое сосем неправедно доживеало бројни критики. Епската приказна во „Врата на рајот“ е поместена при крајот на 19 век во Вајоминг и е фокусирана на проблемите кои во тоа време настануваат меѓу велепоседниците и сиромашните доселеници, а која всушност на критички начин говори за настанувањето на САД. Чимино имал големи амбиции и сакал овој филм да го направи толку многу реалистично, што сето тоа резултирало со повеќекратно надминување на буџетот, за на крај корпорацијата „Трансамерика“ да го продаде студиото „Јунајтед артист“.
Филмот, кој траел повеќе од три часа, е исечен и премонтиран од страна на продуцентите и прикажан во таква верзија, при што доживува неверојатен дебакл на кино-благајните, но и од страна на критиката. Меѓутоа, подоцна овој филм станува популарен во Европа, а во 2012 е прикажан во последната верзија на Чимино (која трае 216 минути) во Кан и во Венеција. Таму филмот предизвикува големо внимание и овации. Инаку, овој филм има и груба петчасовна верзија.
По „Врата на рајот“ на Чимино никој не сакал да му даде работа. Многу започнати проекти никогаш не биле остварени или Чимино бил избркан и заменет со друг режисер. Голема улога по овој филм во неговата кариера ќе одигра продуцентот Дино де Лаурентис, со кого Чимино освен „Година на змејот“, ќе го сними и „Сицилијанец“ (1987) со Кристофер Ламберт, како и „Часови на очајот“ (1990) со Мики Рурк и Ентони Хопкинс. Последниот негов долгометражен филм „Ловец на сонце“ (1996) со Вуди Харелсон во главна улога, е снимен во независна продукција.
Факт е дека неговите филмови често предизвикуваа многу спротивставени реакции, тргнувајќи од „Ловец на елени“, поради кој бил обвинуван за сцените со рускиот рулет и заради тоа што повеќе се занимавал со злосторствата на Виетнамците, а не и на Американците, потоа за „Сицилијанец“ имало бројни критики кои му замерувале дека италијанскиот криминалец Салваторе Џулијано го прикажувал како херој, додека за „Година на змејот“ имало големи реакции на кинеската заедница во Америка. Но, и покрај тоа, и денеска многумина се согласуваат дека филмовите на Чимино ги обележило едно неверојатно визуелно чувство (тој имал и дипломи по сликарство), дека неговите филмови иако реалистични секогаш биле стилизирани. Често се зборувало дека неговите дела носат во себе таква мешавина на носталгија и горчина, на љубов и копнеж, дека имаат морални вредности, извонредни особено машки ликови, како и едно посебно чувство за пространствата и сето она што е обележје на „внатрешна Америка“. За целокупниот негов опус се вели дека поседува своевиден поетски реализам, поради што бил многу популарен во Франција, вклопувајќи се во нивното тогашно движење во филмската уметност.
Чимино работел на уште многу проекти, како адаптацијата на биографијата на Достоевски, потоа на адаптацијата на „Судбината на човекот“ на Андре Малро, го напишал и сценариото за „Кучиња на војната“, кој подоцна е снимен со друг режисер. Не се оствари ни филмот за Френк Костело, а беше отпуштен и од проектите „Побуна на бродот Баунти“ и од научнофантастичниот „Мртва зона“. Последните години Чимино се криеше од јавноста, најверојатно поради здравствени проблеми поради кои имаше повеќе пластични операции, што предизвика најразлични озборувања, бидејќи сосем беше изменет неговиот изглед.
Како и да е, Чимино остави зад себе многу отворени прашања, меѓу кои и причината за смртта, како и оние дали некои од неостварените филмови повторно ќе се претвореа во култни филмски дела. Но, вратите за овој автор одамна беа затворени, иако тој дефинитивно ја одбележа американската филмска историја и се сметаше за еден од најзначајните претставници на новиот Холивуд. Контроверзиите со текот на времето се забораваат, а она што останува се делата. Иако многу од нив не реализира, сепак, направи доволно за да го стекне статусот култен и за никогаш да не биде заборавен.
Сунчица Уневска
Оригиналниот текст е објавен во text