Култура

Го сакам ГТЦ на архитектот Живко Поповски

ГТЦ е етички проект, кој ја препознава и на мајсторски начин ја надоградува Тангеовата визија на Скопје-Град на иднината

Го сакам ГТЦ, зашто нема Врати !

Кои се отвораат и затвораат, кои се отклучуваат и заклучуваат, нема работно време, од осум (8) до дваесет и два (22) … !

Таму, може да влезете и да излезете, кога сакате и од каде сакате. Кои и да сте !

GTC

Од секоја страна на Градот, да ја почувствувате пријатната недоумица да сакате да бидете таму, да застанете, да седнете, да се шетате, да талкате низ неговите улици и улички, или да продолжите понатаму во сите правци, во сите широчини на Големиот Град!

На исток кон квартовите и Железичката Станица, на Запад, кон Плоштадот и понатаму, кон Булеварите, на север кон Реката, покрај и преку Реката, на југ кон Паркот и народ. Собрание, и потаму !

Таму можете да пристапите со сите можни механики и моторики !

Рамно, по скали, по рампи, надолу или нагоре !

Лесно и Лагодно за секого, сами или заедно, без да го менувате вниманието !

Струењето на воздухот, е неговата посебна вредност, кое го модулираат промените на времето, исто како и променливоста на текот на времето на луѓето!

И, сите овие можности, се силно подржани од едноставноста и јасноста на присвојувањето на просторот !

Вака некако би ви одговорил ако ме прашате што е демократски Простор ? Што е демократски Град, демократски Урбанизам !

Што е Архитектура ?

ГТЦ е, навистина, “Архитектура на град”, еден покриен “плоштад”, можеби би се сетил на една античка Агора, и секако, на Чаршија… !

ГТЦ, е повеќе од Зграда, тоа е еден Модерен Градски Предел, Пејсаж низ кој минува “градот”, го подржува и го обликува движењето како траење и како обновување.

ГТЦ е Етички проект, кој ја препознава и на мајсторски начин ја надоградува Тангеовата визија на Скопје-Град на иднината, кој е, денес, нашата суштествувачка стварност, го сакале тоа или не… !

ГТЦ, не е “Сити мол”, не е “Хангар на ледина”, тоа е еден “Организам”, кој го одржува и го стимулира “пулсирањето” на градот ! Едно од неговите “Градотворни Ткива”!

ГТЦ е, како забележувате, Крстопат, Чаршија на 20 и 21 век, кој моќно ја означува новата историја на Скопје !

ГТЦ, е еден Топографски Предел, кој нема класична Обвивка, нема Фасади кои искажуваат ваков или онаков стил, тоа е улица, флуид што трае, пасаж, премин во интервали на чекорот…

ГТЦ е Место ! Место на идентификација, поистоветуваwе со градот, кое ја создава свеста за градот !

ГТЦ, е Право на Град !

GTC2

ГТЦ, е Архитектонска Творба, со висока Композициска и Уметничка вредност, Оригинално дело кое силно ја обележа Современоста на Градот во 70 год.

ГТЦ, е една Прилагодлива Машина”, Мега-Склоп (Сложувалка) кој не престанува да функционира и во време на кризи и транзиции од секаков вид, која се самопреобразува на чудесен начин… !

ГТЦ, е Конструкторско Откритие на своето време !

ГТЦ, му ја донесе Модерноста на градот, како негово цивилизациско “впи{уваwе”.

ГТЦ, е голема поука / лекција за студентите по архитектура и за професионалците. но, верувам, и воопшто, за граѓаните.

ГТЦ, е помалку Естетика, повеќе Етика (ако го парафразирам познатиот дизајнер Филип Старк)

После 40 години “обзнанување” на неговите вредности и неговото делотворно и активно вклучуваwе во животот на Градот, време е ова Архитектонско Дело, ГТЦ на арх. Живко Поповски, да биде Заштитено како Споменик на Културата, како Културно добро од Јавен Интерес !

Правни Инструменти на заштита !

Тоа подразбира строги правила на заштита, проекти за заштита на ГТЦ, кои би ги зачувале Авторството и Автентичноста на Творбата, кои ги препознаваат делотворните промени кои би придонеле кон подигнуваwето на неговите основни вредности и траење.

ГТЦ

Го сакам бидејќи високо го респектирам како дело и како автор кои му оставаат едно вредно културно наследство на Градот, на сегашноста и на иднината ! Вредност, како трајна идентификација!

Скопје = ГТЦ !

Автор на текстот:  Гоце Аџи-Митревски, архитект, (1946-2014)

Текстот е објавенв во Глобус, јули 2013

(Глобус ја задржува формата на текстот која ја напиша авторот. Инаку, станува збор за еминентен професор кој не ака одамна ја доби наградата “Академски палми”, значајно француско одликување за заслуги во образованието. “Со ова признание Франција Ви оддава почит за чувството да ги соедините архитектурата и одбраната на културното наследство’ истакна тогашниот амбасадор Валеро, посочувајќи на бројните активности на Аџимитревски. Меѓу нив е македонско-францускиот проект “Сигналитика”, реализиран од 2002 до 2004 година, кој ја чува меморијата за историјата на Скопје низ повеќе паноа во главниот град).

Автор: