Галичка свадба
— 16 јули, 2016Денеска и утре во Галичник, ќе се одржи 43-тата Галичка свадба, на која младенци се Сандра Станковиќ и Александар Ристески. Тие ќе се венчаат во црквата „Свети Петар и Павле“ откако ќе ги поминат сите обичаи на свадбата која во Галичник има вековна традиција.
И годинава се очекувает илјадници посетители од земјава и од странство кои ќе имаат можност да видат 30-ина оригинални свадбени обичаи, проследени со народни носии, песни и ора и со звуците на зурли и тапани.
Галичката свадба опстојува токму поради својата автентичност и неповторливост. Во минатото се правеле масовни свадби, секогаш околу Петровден (12 јули) кога печалбарите од ова мијачко село доаѓале во родниот крај. Во деновите на свадбата, пиштат зурлите и ечат тапаните на тешкото, и во минаото ја најавувале Галичката свадба која е со најмногу сватови.
Галичката Свадба во своето опстојување придонела да се негуваат единствените свадбарски обичаи и ритуали, на жителите од овој крај, да се сочувааат изворните песни, ора, и надалеку познатата галичка носија-изработена со филигранска прецизност и точност на терзиите. Секоја година посебна комисија избира двајца млади кои ќе се венчаат на Галичката свадба.
Секоја година за време на Галичката свадба, се почитуваат голем број на обичаи кои ја карактеризираат оваа свадба: чукањето на тапаните, свекрвино оро, носењето на невестата на вода, поставувањето на свадбарскиот бајрак, канењето на мртвите, бричењето на зетот, земањето на невестата, замесувањето на лебот, венчавањето во црквата „Св. Петар и Павле”, и други обичаи, кои полека изумираат но кои во себе содржат и кријат многу детали од животот на Галичанецот во минатото. Во Галичник сега живеат само двајца жители, но на Петровден доаѓаат илјадници посетители и туристи кои доаѓаат да ја гледаат оваа Галичка свадба. Александар Ристески (28) и Сандра Станковиќ (24) се годинешните младенци.