Таа напиша дека не е бремена. Гласините дека Анистон е бремена започнаа откако таа беше фотографирана во бикини на одмор со сопругот.
„Презаситена сум од критикувањето и осудувањето на женското тело кое секојдневно се случува под маската на „новинарството“, „првиот амандман“ и „вести за славните“. Секој ден јас и мојот сопруг сме малтретирани од куп агресивни фотографи кои се насобрани пред нашиот дом и кои одат предалеку за да дојдат до каква било фотографија, дури и тоа да значи да нè стават во опасност нас и несреќните пешаци во наша близина.
Ако јас сум некаков симбол за некои луѓе, тогаш е јасно дека сум пример за леќите низ кои ние како општество ги гледаме нашите мајки, ќерки, сестри, сопруги, пријателки и колешки. Објективизирањето и критикувањето на жените е апсурдно и вознемирувачко. Начинот на кој јас сум портретирана во медиумите едноставно е рефлексија на начинот на кој ги гледаме и портретираме генерално жените, мерено по некакви си изопачени стандарди за убавина.
Понекогаш на културните стандарди им е потребна поразлична перспектива за да можеме да ги видиме какви што навистина се – колективно прифаќање… потсвесна согласност. Ние сме одговорни за таа согласност. Малите девојчиња насекаде ја апсорбираат таа согласност. И тоа започнува многу рано. Пораката дека девојчињата не се убави ако не се неверојатно тенки, дека не се вредни за нашето внимание ако не изгледаат како супермодели или актерки на корица од некое списание е нешто што ние свесно го прифаќаме. Ова условување е нешто што девојчињата подоцна го пренесуваат кога ќе созреат. Ги користиме „вестите“ за славните за да го продолжуваме овој дехуманизирачки став за жените, фокусирајќи се единствено на нивниот физички изглед, кој таблоидите го користат за спортски натпревар за шпекулирање… Дали таа е бремена? Дали јаде премногу? Дали се има запоставено себеси? Дали нејзиниот брак е пред распаѓање зашто камерата детектирала некаква физичка „несовршеност“?
Порано си велев дека таблоидите се стрипови, дека не треба да се сфаќаат сериозно, дека се само сапуница која луѓето ја следат само кога им треба нешто да им го одвлече вниманието. Но, навистина не можам да си го кажувам тоа повеќе, бидејќи реалноста е дека следењето и објективизирањето кои ги искусувам од прва рака траат со децении и го рефлектираат изопачениот начин на кој ја проценуваме вредноста на жените.
Конкретно, месецот кој измина ми потенцира колку многу ја определуваме вредноста на една жена врз основа на нејзиниот брачен и мајчински статус. Многуте ресурси кои медиумите ги фокусираа само да откријат дали сум бремена или не (по милијардити пат… но кој брои) насочува кон бесмртната претпоставка дека жените некако се нецелосни, неуспешни или несреќни ако не се омажени и со деца.
Еве го моето мислење на оваа тема: Ние сме целосни со или без партнер, со или без дете. Ние одлучуваме за нас што е убаво кога се работи за нашето тело. Таа одлука е наша и само наша. Ајде да ја направиме таа одлука за нас и за младите жени низ светот кои нè гледаат како примери. Да ја направиме таа одлука свесно, далеку од вревата во таблоидите. Нема потреба да бидеме во брак или мајки за да сме комплетни. Ние сами решаваме што значи „среќни до крајот на животот“.
Смачено ми е да бидам дел од оваа приказна. Да, можеби еден ден ќе станам мајка и ако некогаш станам, јас ќе бидам првата што ќе ви каже. Но, не трагам по мајчинство заради тоа што сум несреќна на некаков начин, како што културата за селебрити вести сака да нè наведе да мислиме. Одбивам да се чувствувам „помалку“ затоа што моето тело се менува и/или сум изела сендвич за ручек и сум била фотографирана од чуден агол и оттаму сметана за едно од двете: „бремена“ или „дебела“. Да не ја споменувам болната непријатност која доаѓа од честитките на пријатели, колеги и непознати лица за измислена бременост (често и по неколкупати на ден).
Од искуство низ годините научив дека навиките на таблоидите, иако се опасни, нема да се променат за брзо време. Но, она што може да биде променето е нашата свест и реакциите на токсичните пораки закопани во навидум безопасните приказни кои се сервирани како вистини и кои ги обликуваат нашите идеи за она што сме. Ние одлучуваме што ќе купиме од она што ни е сервирано и можеби еден ден таблоидите ќе бидат принудени да го видат светот низ едни поразлични, човечни леќи зашто купувачите престанат да го купуваат ѓубрето.