„Види музика, слушни слика, добиј книга“ со хитовите на Дејвид Боуви
— 18 јуни, 2016
Годинава манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“, што се одржува веќе девет години, е посветена на британската музичка легенда Дејвид Боуви. Македонската филхармонија ќе изведе дел од многубројните хитови на оваа музичка легенда во четврток , 23 јуни, во Градскиот парк со почеток во 21 часот.
Публиката ќе може да ужива во сликањето на афирмираните ликовни уметници Ивана Младеновска и Агрон Абдули, а љубителите на книгата ќе можат да си заминат дома со уште една книга. За време на концертот ќе бидат поделени 20 илјади примероци од книгата „Психоделија во предградието – Дејвид Боуви и уметничката лабораторија во Бекенам“ на Мери Финиган.. Книгата зборува за самите почетоци на кариерата на Боуви, кога како 22-годишен музичар очајно се обидува да најде некој клуб во Лондон, каде што ќе може да свири.Мери Финиган пишува во прво лице, како тогашна негова пријателка и љубовница и ни дава директни сведоштва за периодот на Боуви за кој досега сме знаеле многу малку.
Хронолошката селекција на хитовите на Боуви резултираше со избор на 15 хитови што ќе бидатизведени. Во изведбата на композициите, кои овој пат ќе добијат поинаков и автентичен израз, освен Македонската филхармонија ќе учествува и бенд, како и Женскиот хор при МКЦ.